Констатирано е дека именуваните сториле повреда според Законот за заштита на деца и член 4 од Протоколот на градинката, за што им е изречена дисциплинска мерка – парична казна

Воспитувачка и две негувателки од градинката „Буба мара“ во Ново Лисиче, кои минатиот месец беа обвинети од страна на мајка дека нејзиното тригодишно девојче било малтретирано и плашено дека ќе биде затворано во шкаф, се казнети со парична казна.

Директорката на градинката, Елена Устамитова, ни испрати соопштение во кое се вели:
„По спроведување на дисциплинската постапка (земање изјави од обвинетите, увид во изјавите дадени од родителите на другите деца од групата, нормите утврдени во Протоколот за постапување во случај на настанат инцидент во градинката и член 148 од Законот за заштита на децата) констатирано е дека именуваните сториле повреда според Законот за заштита на деца и член 4 од Протоколот на градинката, за што им е изречена дисциплинска мерка – парична казна.

Во соопштението стои дека на 27 септември е поднесена изјава од Маја Георгиева-Павловска, родител на дете кое е згрижено во ЈУДГ „Буба мара“, дека претходниот ден нејзиното дете е „вратено расплакано, било удрено по глава, а во континуитет било психички малтретирано“ од страна на воспитувачот и две негувателки одговорни за таа група.
Директорката информира дека имала разговор со родителот, одговорните работници и други вработени, а на 10 и 12 октомври е извршен вонреден инспекциски надзор од страна на Министерството за труд и социјална политика (МТСП). Инспекторите укажале што треба да преземе градинката.
– Постапувајќи по укажувањата, свикавме вонреден родителски состанок за таа група, се формира дисциплинска комисија која ја испита целата ситуација, свикавме совет на негуватели и воспитувачи за повторно на сите даватели на услуга да им се укаже за работните обврски и на кодексот на однесување. Од страна на родителите од таа група беше изнесено дека никој нема забелешка на воспитното и згрижувачкото работење на посочените вработени и само иницијативно секој поединечно даде изјава за работењето во групата – вели директорката.
На 1 ноември, пишува во соопштението, е извршен повторен надзор од страна на инспекцијата од МТСП, која констатирала дека е постапено по укажувањата, за што е донесен и заклучок дека постапката се запира.

Мајката Марија Георгиева-Павловски борбата за да докаже дека нејзиното дете се соочува со стравови и трауми поради несоодветниот однос на негувателките ја водеше цел месец.

Таа добила известување од Министерството за труд и социјална политика во кое стои: „Формирана е комисија која ги разгледа сите изјави во врска со настанот, разговараше со инволвираните вработени и се констатира дека дека вработените сториле повреда на работните обврски и правила на работење, па согласно член 148 од Законот за заштита на децата, им се изрече дисциплинска мерка – парична казна“.

Членoт 148 од Законот вели: „На давателот на јавна услуга, административниот службеник и помошно-техничкото лице, поради кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на обврските утврдени со закон, колективен договор, акт на работодавецот и договорот за вработување, може да му престане работниот однос или во зависност од степенот на одговорноста на работникот, условите под кои е направена повредата на работните обврски и на работниот ред и дисциплина, поранешната работа и однесување на работникот, тежината на повредата и нејзините последици, работодавецот може на работникот да му изрече парична казна согласно Законот за работните односи“.

Фото: Колектиф Прес

Вработените во градинката се казнети и за повреда на член 4 од Протоколот на градинката, кој се применува во случај на конфликт меѓу вработен и родител или родител и родител. Ова е протокол кој се применува при секој конфликт што е предизвикан од незадоволство на корисникот на услуги, од незадоволство од постапка на некој од вработените во детска градинка, од незадоволство при повреда на дете или, пак, од која било друга причина. Во овој протокол е утврдено дека вработен во детска градинка не треба да зборува со повисок тон пред децата, треба да го смири родителот при некаков конфликт и веднаш да го информира одговорниот воспитувач во објектот или директорот на градинката.

Случајот со градинката „Буба мара“ за кој пишуваше Деца.мк го откри мајката на тригодишно девојче. Таа ни раскажа дека ќерката, која била на привикнување во оваа градинка, постојано била вознемирена, а на прашањата на мајката зошто не сака да оди во градинка одговарала: „Децата што не слушаат стојат во шкаф или пред шкаф“. Ова било аларм за мајката-педагог дека нешто несоодветно се случува во градинката.
Директорката на градинката тогаш ни изјави дека случајот се испитува и дека во рок од еден месец, откако ќе се испитаат и децата од страна на педагошките служби, ќе има конечен одговор дали некоја од негувателките постапувала неодговорно.



912

X