Сите познаваме некое дете кое го нарекуваме „старо мало“, дете кое е зрело за своите години и кое не се однесува во согласност со годините. Таквите деца се грижат за помалите браќа и сестри, ги подготвуваат за на училиште, ги бањаат и облекуваат, готват оброци за целото семејство и многу често им стануваат родители на своите родители, грижејќи се за нивните потреби. Оваа појава општеството ја одобрува, воодушевувајќи се на родителите и на детето, па дури и ја оценува како пожелна.

Овој процес на преземање на улогите и одговорностите на родителите од страна на децата се нарекува „парентификација“. Организацијата на семејниот систем јасно ги дефинира границите, улогите и одговорностите на членовите на системот. Во семејството се јасно дефинирани улогите и границите, родителите работат и заработуваат за живот, обезбедувајќи им сигурност на членовите на семејството, додека децата растат и одат на училиште. На децата им е овозможено да си играат и да уживаат во детството, така што да можат да пораснат во здрави индивидуи кои ќе преземат одговорност во согласност со годините што претстојат.

До „парентификација“ на детето во семејството доаѓа кога еден или двајцата родители се незрели и недостапни, така што најчесто детето ја презема улогата на тој што се грижи во семејството, неговото постоење и сигурност. Овој процес често се случува во семејствата каде што е присутен алкохолизмот или други облици на зависност.

Детето се грижи за нефункционалниот родител, неговите потреби и сигурност, криејќи го неговиот проблем од околината. Исто така, во случаите на еднородителски семејства, при развод, болест или смрт на едниот член од семејството, детето функционално го заменува едниот родител. Детето е запознаено со финансиските проблеми, емоционалните потреби на родителот, како и неговите чувства, преземајќи огромен товар на својот мал грб. Се чувствува преплашено слушајќи работи кои ги надминуваат неговите способности да ги разбере и сфати.

Последиците од ваквата ситуација се многу тешки за децата. Некои од нив, кога ќе пораснат, го повторуваат истиот процес со своите деца, очекувајќи од нив да го носат истиот товар како и тие во детството. Детството на ваквите деца е живот со осаменост без пријатели, врсници и родители на кои би им се обратиле за помош и насоки. „Парентификуваните“ деца, кога ќе пораснат, можат да одберат партнери на кои ќе продолжат да им бидат родители. Оваа динамика на однос е многу погубна за партнерството поради огорченоста и конфликтот кој се раѓа во овој однос.

Затоа запомнете:

– Кога се дружите со своите деца, кога им се жалите за вашиот живот, кога ја демонстрирате својата неспособност да се изборите со поразите и губитоците…
– Кога ги пополнувате детските души со празнината на сопствената осаменост, кога го терате детето да ги покрива вашите болни навики…
– Кога барате лојалност и благодарност од своето дете во облик на внимание и сочувство за „сето она што сте го направиле за него“…

знајте дека со тоа го лишувате детето од родител, но и од неговиот сопствен живот.



912

X