Социолозите често го нарекуваат модерното семејство – семејство насочено кон детето, бидејќи во центарот на вниманието се примарно децата, а не сопружниците.
Современото семејство, во просек, има две или едно дете, така што односот кон децата е сосема поинаков отколку во минатото, пред сѐ во областа на психологијата. Поради малиот број деца, родителите ги доживуваат како нешто скапоцено и развиваат интензивен емотивен однос кон нив. Оваа психолошка последица има и позитивни и негативни страни. Децата често остануваат во семејствата на родителите до доцните 20-ти или раните 30-ти години бидејќи се големи материјалните и финансиските, но и емотивните вложувања во нив.
Од друга страна, поради современиот начин на живеење и сѐ подолгото, но и похаотично работно време (викенди, празници…), родителите сѐ повеќе време поминуваат надвор од домот, односно сѐ помалку време поминуваат со своите деца. Децата во поголема мера ги воспитуваат социјалните институции (градинки, училишта), роднините, но пред сѐ медиумите (телевизија, интернет), а сè помалку самите родители.
Индивидуализмот и материјализмот како доминантни модерни вредносни ориентации влијаат врз формирањето на денешните родители. Фокусирањето на личните потреби, желби и интереси, од една страна, и постигнувањето успех (кариера, заработка) од друга страна, ја претставуваат основата на овој вредносен систем. Последица на ваквите животни приоритети е гледањето на детето како на родителски проект. Родителите веруваат дека мора да ги вложат сите свои напори за да ги развијат потенцијалот, потребите и интересите на детето (неговата индивидуалност). Затоа тие често се обидуваат да се погрижат децата да стекнат што е можно повеќе знаења и вештини во раното детство со посетување јазични училишта, избирање одредени спортови итн. На овој начин, центарот на вниманието на семејните односи е ставен на децата, а не на сопружниците, што доведува до специфична атмосфера во која постојано се истакнува посебноста на детето.
Последици од современото родителство
Психолошки последици – Поради преголемата фокусираност на детето, кај него се развиваат многу негативни психолошки карактеристики. Според резултатите од психолошките истражувања, има сѐ повеќе деца со егоистични, па дури и нарцисоидни особини, што според истражувачите е негативна последица на истакнувањето на посебноста на детето од страна на родителите. Исто така, психолозите забележуваат дека прекумерното фокусирање на потомството, децата го доживуваат како неподнослив психолошки притисок. Понатаму, инсистирањето на најдобриот можен успех во училиштето, целосно програмираните слободни активности (музичко училиште, танц, тенис, странски јазик итн.), доведуваат до развој на разни видови психолошки проблеми и нарушувања кај децата.

Социјални последици – Иако децата се во центарот на вниманието, парадоксално е што поради современиот начин на работа, родителите не поминуваат доволно време со нив. Ова води до создавање поповршни, послаби емотивни односи меѓу родителите и децата, а често и до меѓусебно отуѓување. Родителите, обидувајќи се да го надминат овој проблем, веруваат дека со честото купување подароци можат да ги решат постојните емотивни проблеми, односно да ја „купат“ детската љубов со предмети. Ваквото однесување го продлабочува јазот меѓу родителите и децата. Исто така, фактот што децата поминуваат многу време без своите родители доведува до тоа тие да се препуштени сами на себе, ги воспитуваат медиумите и врсниците, што заедно со лошите семејни односи може да ги доведе младите до пат на деликвенција или зависност (зависност од дрога, алкохолизам итн.).
Се разбира, тоа не значи дека сите модерни семејства тргнале по овој пат на отуѓување и нарушување на семејните односи. Одреден број родители развиваат искрени, длабоки емотивни односи со децата, поминуваат многу време со нив, секогаш се присутни како поддршка и активно учествуваат во нивното воспитување.
Автор: Иван Смречниќ, професор по социологија