Aдминистратори ги селектираат материјалите пратени од наставниците, ги групираат и ги објавуваат. Материјалите се групираат по предмети и одделенија. Од земјава се 4 администратори

Наставниците од поранешните југословенски држави се собираат во група на „Фејсбук“ и си помагаат меѓу себе со онлајн-наставата. Групата Наставничка мрежа во текот на пандемијата брои повеќе од 26.000 просветни работници. Има 40 администратори, а од нив четворица се од Македонија, досега сите прогласени за најдобри наставници на екс ју-просторите.
Групата ја формирала Жељана Радојиќ-Лукиќ, учителка од Србија. Таа е и основач на здружението за најдобри наставници на поранешните југословенски држави заедно со Весела Богдановиќ.

Aдминистраторите ги селектираат материјалите пратени од наставниците, ги групираат и ги објавуваат. Материјалите се групираат по предмети и одделенија.
Наставниците споделуваат и корисни содржини кои им помагаат во наставата, кои не се директно поврзани со учењето – за инклузија, психолошка поддршка на учениците…

– Оваа иницијатива беше започната веднаш по објавувањето на вонредната состојба на Балканот и за нецел месец оваа група брои повеќе од 26.000 членови. Целта е организација на комуникација и размена на образовни материјали во услови на вонредна состојба. Јас сум администратор по предметот француски јазик заедно со колешката Војка Миловановиќ од Србија. Соработуваме, споделуваме и одобруваме наставен материјал по француски јазик. Секој постиран материјал треба да придонесе сите колеги по француски јазик од регионот да го искористат во своите онлајн-часови, да ја поедноставиме работата од дома, да придонесеме со свои идеи и креативност и да охрабриме уште повеќе наставници да ѝ се придружат на оваа мрежа и да почнат да постираат свои материјали и идеи – вели Марија Варсамис-Симоновска, наставник по француски јазик во ООУ „Димитар Миладинов“ – Скопје.

Фото: Фејзбук

Сандра Грујевска, наставничка по англиски јазик, сопственик на приватно училиште за странски јазици, вели дека мрежата се претворила во место каде што наставниците несебично си помагаат, си споделуваат електронски материјали, искуства од нови програми и упатства за користење, идеи за креативност и мотивација…

– Мрежата стана алатка која е голема помош и поддршка и на наставниците, и на учениците, и на родителите. Успеавме од фејсбук-група да направиме една виртуелна канцеларија на ентузијасти кои секој ден неуморно се трудат да го олеснат новиот пристап кон учењето – додава Грујевска.

Иле Михајловски, одделенски наставник во „Кирил и Методиј“ во Свети Николе, е администратор за темата инклузија. Ги прима сите инклузивни материјали што ги испраќаат наставниците-членови во групата, ги разгледува и она што е најдобро и најкорисно за наставниците го објавува во темата за која е администратор.

– Објавените материјали се авторски на наставниците. Моите материјали ги испраќам до другите администратори кои на ист начин вршат селекција и ги објавуваат во темата за која се наменети. Целта е да се споделат квалитетни и корисни материјали за сите наставници од предучилишно, основно и средно образование, кои ќе им помогнат во учењето на далечина. Групата има објавено и литературен и ликовен конкурс на тема „Планетата дише во ист ритам“ каде што сум член од жирито за ликовниот конкурс. Овие конкурси се однесуваат на сите ученици од сите држави од поранешна Југославија, кои се поделени во 5 категории – вели Михајловски.

М-р Драгана Ѓореска е професор по англиски јазик во Средно економско правно училиште на град Скопје „Васил Антевски-Дрен”- Скопје, стипендист на Фулбрајт програма Алумни 2020 (група студии на тема: Медиуми и медиумска писменост) на Државниот универзитет Кент во Кент, Охајо. Како администратор на групата по англиски јазик придонесува споделувајќи го знаењето од областа на информатичко комуникациска технологија – ИКТ во образованието, со практична примена во учењето на далечина.
-Со членовите на групата ги разгледуваме платформите за учење на далечина и нивните можности и се обидуваме најефикасно да ги примениме. Наша идеја е креирање на интересни активности со помош на многубројните алатки кои ги нуди виртуелниот свет. Покрај овие содржини за примена во онлајн училницата, поставувам и материјали испратени од страна на други колеги. Од голема важност е и да се провери веродостојноста и соодветноста на информациите во споделените материјали пред да бидат објавени на групата. Ова потврдува дека овој обид е уште еден доказ кој ни влева доверба дека образованието игра главна улога во креирање на едно здраво општество. Воедно се надевам и верувам дека оваа креативна идеја ќе продолжи успешно да се развива и понатаму – вели Ѓореска.



912

X