Авторот на страницата Spiegel.de и татко одлучил да го направи она што сите ние некаде длабоко во себе посакуваме да го направиме – да ги ослободиме децата и себеси од купиштата играчки. Прочитајте како Гвидо Клајнхаберт го замислил тоа и како го охрабриле некои експерименти спроведени во некои германски градинки…

Имам план и тој е многу смел. Во некој момент во деновите што доаѓаат, кога моите две ќерки нема да бидат дома, ќе упаднам во нивните соби и ќе отстранам барем половина од играчките: кадифените играчки и пластичните автомобили, сложувалките, она пластично ѓубре што свети и испушта иритантни звуци, чудните пластични топчиња за изработка на ѓердани на кои нагазувам секојпат. Не осудувајте ме бидејќи мојата намера е на девојките да им направам нешто добро. Така барем тврдат истражувачите и практичарите во чии трудови се задлабочив последниве неколку дена.

Мојот интерес на темата „Повлекување на играчките“ се разбуди кога неодамна за време на појадокот прочитав за мерките на градинката „Сент Георг“ во Хамбург. Лани градинката одлучила едноставно да отстрани голем дел од играчките во групите; ги оставиле само хартијата, боичките и ткаенините што се идеални за правење шатори. За кратко време се покажало дека на децата воопшто не им недостигала старата колекција од играчки и дека нивното расположение се подобрило, а не се влошило. Таа приказна многу ми се допадна.

Како што се покажа, „постот“ со играчките во градинката во Хамбург, кој оваа година пак ќе се повтори поради големиот успех, стои на солидни научни основи. Неодамна истражувачите од Универзитетот „Толедо“ во Охајо дошле до истиот заклучок како и другите американски колеги: помалку значи повеќе. Ограничувањето на играчките не само што ја стимулира фантазијата, туку исто така придонесува играта да стане „подлабока“, сметаат тие. Преголемата количина играчки ги збунува и ги оптоварува децата и им штети – сметаат некои научници врз основа на своите истражувања.

Во еден многу радикален теренски експеримент во Баварија на децата не им биле одземени само некои играчки, туку комплетно сите. Им останал само мебелот. Децата, на кои не им се допаднало тоа, имале можност да излезат од градинката во соседната шума и да собираат гранчиња, желади и други предмети од природата. Како и децата од камена доба кои исто така морале да се задоволат само со она што можеле да го најдат во природата. Ако сте помислиле дека експериментот покажал дека играчките сепак им биле потребни на децата, се лажете, се покажало токму спротивното.
Истражувачот Волкер Мерингер е водач на овој експеримент и на проектот SAKEF, кој се занимава со евалуација и избор на играчки од страна на децата, родителите и квалификувани работници. Меѓу останатото, Мерингер и неговите колеги се занимаваат со прашањето колку е разумно играчките да се избираат според полот. Навистина ме интересираат резултатите кои ќе ги донесе и тоа истражување, особено што гледам сè повеќе еднорози и вили во собата на мојата постара ќерка. Ако го спроведам мојот план, сепак ќе ги оставам тие чудни светлечки фигури во собата. Сигурно нивното исчезнување би било уочливо.



912

X