Платонското или незадолжителното родителство е нов тренд во воспитувањето на децата што вклучува зачнување дете (природно или вештачко) и споделена физичка, финансиска и емоционална одговорност во воспитувањето, но без романтична врска меѓу родителите.

Сѐ поголем број луѓе се насочуваат кон специјализирани веб-страници за да најдат истомисленици за ваквото родителство. Експертите веруваат дека растечката популарност на овој тренд лежи во разбирањето дека лицето со кое имате дете не мора да биде личноста со која ќе остарите или личноста со која живеете.

„Гардијан“ неодамна објави приказна за 38-годишната Џеника Андерсон и 37-годишниот Стефан Дувал, кои сметаат дека платонското родителство е најдобриот начин за воспитување дете. Тие организирале состанок преку веб-страницата „Modamily“, која ги поврзува луѓето заинтересирани за овој облик на родителство. Откако разговарале на платформата, одлучиле да се сретнат во живо.

Детето е на прво место

Андерсон има син, но се развела кога тој имал една година. Таа сфатила дека класичниот концепт на семејство не функционира, но сакала нејзиното второ дете да има и мајка и татко. Живеела во мала заедница во која никој не бил подготвен да се посвети на родителство, па одлучила да ја испроба среќата на интернет.

– Не сакав романтична врска бидејќи тоа само ги комплицира работите. Сфатив дека традиционалниот рецепт за семејство не функционира. Стефан и јас го делевме истото верување – одгледување среќно дете чиј живот ќе биде среден. Јас и мојот поранешен сме пријателски настроени родители, што ми покажа дека постојат многу придобивки од ваквото воспитување.

– Сакав да пробам работи што се добри за детето – функционална динамика и стабилен живот – вели Џеника.

– Сакав на животот на детето да му дадам поголемо значење. Многу луѓе што ги знам се во брак со својата работа. Мислев дека романсата ќе дојде кога-тогаш, но дека сега е време за основање семејство – открива Стефан.

Откако тој и Џеника се запознале, таа останала бремена по природен пат и добиле ќерка. Платонското родителство постои со години, а некои од веб-страниците за барање такви партнери биле отворени пред околу една деценија. Сепак, ваквите семејства сè уште се сметаат за контроверзни.

– Постојат многу луѓе што не го делат нашето верување дека станува збор за убава работа и тие можат да го кажат своето мислење. Нашите членови обично се таинствени затоа што тоа е нивна работа. Остатокот од општеството не треба да кажува дали овие луѓе направиле добар или лош избор – вели Патрик Харисон, основач на веб-страницата „PollenTree“.

Професорката Сузан Голомбок од Универзитетот „Кембриџ“ проучувала алтернативни форми на семејство од 80-тите години и тврди дека платонското родителство може да биде подобар начин за воспитување на децата отколку традиционалното семејство.

– Луѓето сè уште го гледаат традиционалното семејство како стандард и сè друго се споредува со него. Но, целокупниот заклучок на нашето истражување во текот на 40 години е дека необичните семејства обично се добро приспособени, понекогаш повеќе отколку традиционалните семејства. Во овие семејства растат сакани деца. Најголемата загриженост е тоа што децата би можеле да бидат осудени или злоупотребени поради форматот на нивното семејство – заклучува Голомбок.

Извор



912

X