Воспитувачката Марија Бигинс има речиси 40-годишно искуство. Таа работела во државни и во приватни градинки и знае кои се најчестите грешки што ги прават родителите при воспитувањето на нивните деца.

1. Им даваат премногу избор на децата

– Децата не треба да се прашуваат за секоја одлука – вели Марија.

Таа вели дека треба да се разјасни кои се очекувањата на родителите и да им се постават граници на децата бидејќи на тој начин им помагаме да знаат што можат да очекуваат и како треба да се однесуваат.

– Тоа им помага да напредуваат, дури и ако не им се допаѓа секогаш. Не мора постојано да ги прашувате дали го сакаат ова или она за вечера. Послужете им нешто, дури и ако не им се допаѓа – вели таа.

2. Им даваат малку избор

Постои уште една крајност, а тоа е премалку избор, кој исто така има негативен ефект.

– Има родители кои ги донесуваат сите одлуки и избираат што треба да направи детето. Мораме да му дадеме избор на детето бидејќи тоа му помага да се развие – вели таа.

Способноста да се проценат ситуациите и да се донесуваат одлуки е нешто што ќе му треба на секое дете додека расте, а давањето слобода на децата исто така им овозможува да изберат играчки што одговараат на нивната возраст и расположение, помагајќи им да ги подобрат своите физички и когнитивни вештини.

3. Не знаат како да им кажат „не“ на децата

– Мислам дека понекогаш родителите сакаат да бидат пријатели со своите деца, но всушност во некои ситуации мора да бидат родители и да кажат „не“. Една од работите што навистина ги вознемирува воспитувачите се родителите кои цело време велат дека нивното дете нема да прави одредени работи. Таа грешка на родителите всушност покажува дека немаат авторитет над нивното дете – забележува Марија.

Кажувањето „не“ на детето може да биде тешко, но помага да се постават граници, што ќе им помогне на децата да се развијат. Кога нема да им кажеме ништо, тие ќе бидат лошо опремени да се соочат со реалниот свет. Марија вели дека вработените во градинката забележале дека пандемијата го влошила проблемот.

– Имавме деца на кои ако им кажевме „не“, едноставно не можеа да се справат со тоа. Тие веднаш доживуваа изливи на бес. Мислам дека причината беше што родителите беа дома, се бореа со задржување на работата и се грижеа за децата – додава таа.

4. Претеруваат

Слично на тоа, непоставувањето цврсти граници и очекувања може да доведе до нездрави навики, кои тешко се кршат.

– Пандемијата, заклучувањето и жонглирањето помеѓу работата од дома и грижата за децата во нивните четири sида го влоши проблемот, тоа беше забележливо. Еднаш му кажав на еден татко дека неговата ќерка не руча ништо, а тој одговори дека тоа е поради тоа што не ја гледала „Прасето Пепа“, односно во градинката нема телевизор или таблет на кој може да гледа цртан филм. Тоа им се случи на неколку деца во мојата група. Тие повеќе не можеа да седат и да јадат заедно – тврди Марија.

Таа посочува дека ги разбира родителите и сите проблеми со кои мораа да се справат во последните 18 месеци. Сепак, само со доследноста и поставувањето цели можат да создадат нови рутини и домашни навики кои ќе создадат среќни, урамнотежени и добро воспитани деца.

5. Заминуваат без да се поздрават со своите деца

Марија ги предупредува родителите дека никогаш не треба да се обидуваат да се прикрадат од градинка без да се поздрават со своите деца.

– Ќе се справиме со солзите, но мора да се поздравите со вашите деца. Погрешно е да избегате. На тој начин само го зајакнувате чувството кај детето дека не може да ви верува – смета Марија.

Таа ги советува родителите да му дадат шанса на детето да се збогува и да му кажат дека ќе се вратат. Важно е децата да го слушнат ова и со текот на времето ќе сфатат дека родителот навистина секогаш се враќа.

6. На децата им купуваат премногу играчки

Родителите денес често мислат дека нивните деца мора да ги имаат сите новини што се појавуваат на пазарот, но Марија вели дека тоа не е така.

– Од развојна перспектива, многу е важно децата да си играат со познати работи одново и одново. Ги охрабруваме да им се вратат на истите работи, а потоа да ги развиваат – вели таа.

На пример, детето може да си игра со лего-коцки, но секојпат ќе создаде нова приказна од нив.

– Она што се наоѓа во градинка е основен сет на работи што детето ги учи и игра, а дома додавајте само играчки што би можеле да го интересираат, но во граници – вели таа.

Извор



912

X