Помалку од една година од една бременост до друга во голема мера го зголемува ризикот за исходот, без разлика на возраста на мајката, велат научниците.

Резултатите од анализата на 150.000 трудници од Канада од 2004 до 2014 година се објавени во „Џурнал од американ медикл асосиејшн“ (JAMA).

– Од ова истражување недвосмислено произлегува дека сите бремености што се во мала временска разлика се ризични – вели авторот Лаура Шумерс од Универзитетот на Британска Колумбија.
Разликата помеѓу бременостите се пресметува како време од раѓањето на едно до зачнување на другото дете. Во случај кога бременоста се случува за помалку од една година, нема ризик за мајките што се под 35-годишна возраст, но постои ризик за нивниот фетус.

Тука се вклучени ризици со фатални исходи – смрт на фетусот, смрт на детето во првата година од животот, ниска родилна тежина и предвремено раѓање.
Кај жените што се постари од 35 години ризикот се зголемува и за мајката и за детето. Најголем ризик постои ако периодот помеѓу двете бремености е девет месеци. Но, добра вест е дека не постои значајна разлика во ризикот ако времето помеѓу бременоста е од 12 до 24 месеци.

Според сегашните препораки на Светската здравствена организација (СЗО), идеално би било ако помеѓу две бремености постои растојание од две години, но најмалку 18 месеци. Оваа студија покажува дека жените не мора да чекаат многу долго, без разлика на која возраст се.
– Тоа е важно за постарите жени, кои треба да ги измерат ризиците на краткиот интервал помеѓу бременоста со ризиците што растат со зголемување на возраста на мајката – се вели во студијата.
Истражувањето покажува дека идеалното растојание помеѓу две бремености е од 12 до 18 месеци, се заклучува со оваа студија.



912

X