Здравје

„Оутсземпик“ – тренд што може да го загрози здравјето на тинејџерите

„Оутсземпик“ – името јасно се поврзува со популарниот лек „оземпик“, но експертите предупредуваат дека станува збор за потенцијално опасна диета, особено за деца и тинејџери.

„Тик-ток“ повторно го лансираше новиот „чудотворен“ план за исхрана: „оутсземпик“. Овој напиток од овесни снегулки, вода и лимета ветува брзо слабеење и контрола на апетитот. Името е јасна алузија на популарниот лек „оземпик“, (Oats + Ozempic), но експертите предупредуваат дека оваа диета може да биде опасна, особено за децата и тинејџерите.

Што е „оутсземпик“?

„Оутсземпик“ е пијалак што се подготвува со мешање половина чаша овесни снегулки, чаша вода и сок од половина лимета. Некои додаваат цимет, чија семе или ванила за подобар вкус. Неколку тик-ток корисници тврдат дека овој пијалак им помага да се чувствуваат сити подолго, што им овозможува да внесуваат помалку храна во текот на денот. Меѓутоа, експертите нагласуваат дека ваквото однесување може да доведе до сериозни здравствени проблеми.

Зошто „оутсземпик“ е опасен за тинејџерите?

Иако овесните снегулки сами по себе не се штетни, консумирањето само на овој напиток како замена за оброк може сериозно да го загрози здравјето на тинејџерите. Според нутриционистот Јаси Ансари, тинејџерите кои не внесуваат доволно хранливи материи се соочуваат со ризик од проблеми со срцето, дигестивниот систем, коските, менталното здравје и метаболизмот. Брзото слабеење може да доведе до забавен раст и проблеми во однос на храната и телото.

Како да се препознаат и како да се реагира на ваквите трендови?

Имајќи предвид дека речиси половина од тинејџерите поминуваат голем дел од времето на интернет, родителите треба да бидат внимателни. Ако забележите дека вашето дете покажува интерес за вакви диети, експертите советуваат:

  • Разговарајте со детето за неговата загриженост за телото или изгледот;
  • Покажете емпатија и избегнувајте коментари за изгледот или исхраната;
  • Заедно истражувајте веродостојни извори на информации за исхраната, како што се консултации со регистриран нутриционист;
  • Размислете за ограничување на времето поминато на социјалните мрежи и следете ги влијанијата на инфлуенсерите кои промовираат брзи решенија.

На крај, иако „оутсземпик“ може да звучи како евтина алтернатива на „оземпик“, експертите предупредуваат дека станува збор за непроверена и потенцијално опасна диета. Родителите треба да бидат свесни за овие трендови и активно да учествуваат во учењето на своите деца за здрави навики во исхраната.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top