Воспитување

Отсуството на едноставно „извини“ од страна на родителите остава трага кај децата дури и во зрелоста

Психолозите предупредуваат дека отсуството на едноставно „извини“ може да има долгорочни последици врз децата. Како што објаснува психологот д-р Ернесто Лира де ла Роса, извинувањето од родителите испраќа важна порака до детето – дека грешките се нормални и дека односите се поправаат. Извинувањето покажува почит, сигурност и одговорност, а на децата им дава чувство дека се видени и сакани, дури и кога нешто ќе тргне наопаку.

Што се случува кога тоа го нема? Психолозите истакнуваат неколку вообичаени особини кои возрасните можат да ги развијат ако никогаш не слушнале „извини“ од нивните родители во детството.

Тешкотии при прифаќање извинување

-Ако никогаш не сте добиле извинување од најважните луѓе во вашиот живот, тешко е да препознаете дека тоа е здрав облик на однесување, а уште потешко е да го прифатите во односите со возрасни – објаснува психологот д-р Британи Мекгихан.

Проблеми со довербата

-Кога родителот никогаш не презема одговорност, детето може да научи дека повредите се нормални и дека никој нема да ги поправи – истакнува д-р Ернесто Лира де ла Роса.

Подоцна во животот, верувањето на другите станува тешко.

Страв од признавање грешка

Ако не сте ги виделе вашите родители како ги признаваат своите грешки, ќе ви биде тешко да ја развиете вештината на преземање одговорност. Како што вели д-р Мекгихан: „Тешко е да се зборува на јазик што никогаш не сме го слушнале“.

Перфекционизам

-Ако детето никогаш не видело родител како признава грешка, може да верува дека грешките се неприфатливи. Ова може да доведе до прекумерна самокритика, страв од неуспех и постојан притисок да се биде совршен – вели д-р Лира де ла Роса.

Ниска самодоверба

Без извинување, детето може да развие верување дека не заслужува почит или признание. Д-р Бренди Смит истакнува дека извинувањето испраќа порака: „Вие сте достојни да ви се признаат грешките“.

Претерано извинување

Некои ќе развијат спротивен шаблон – постојано се извинуваат за да избегнат конфликт и да го задржат мирот, преземајќи ја вината за работи врз кои немаат контрола.

Тешкотии во решавањето на конфликтите

-Без искуството на здраво извинување и помирување, некои ќе ги избегнат конфликтите, додека други ќе ги преувеличуваат бидејќи не знаат за конструктивни решенија – објаснува д-р Лира де ла Роса.

Емоционална дистанца

Извинувањата се темел на емоционалната блискост. Нивното отсуство може да доведе до тоа возрасната личност да има тешкотии да ги изрази чувствата или потребите, плашејќи се дека нема да биде разбрана.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top