Сигурно сте слушнале дека трудниците често се соочуваат со потечени зглобови на нозете, а тоа најмногу се случува во третото тримесечје. Отоците (едем) на нозете, зглобовите и рацете во текот на бременоста, особено при крајот на бременоста, се многу чести и нормални.

Во текот на бременоста вашето тело произведува 50 отсто повеќе крв и телесни течности, а најголем дел од нив се креирани за потребите на бебето. Овие дополнителни течности исто така се концентрираат во телесните ткива и зглобови, кои се потребни за да му дозволат на вашето тело да омекне со цел да може да се шири за време на бременоста и да се подготви за раѓање.

Нормални отоци во бременоста

Нормалните отоци обично се јавуваат во третото тримесечје од бременоста, кога жената стои или е активна подолго време, во текот на летото кога времето е топло, или кога се консумира повеќе сол и кофеин.

Начини за намалување на отоците

Добрата вест е што отоците во бременоста не се премногу болни и има неколку начини за да си ја олесните состојбата.

– Одмор, лежење.
– Кревање на нозете.
– Избегнување долги периоди на стоење или седечка положба.
– Да не се прекрстуваат нозете додека седите.
– Пиење многу вода, што ќе помогне во исфрлањето на течностите.
– Носење чорапи за компресија.
– Ограничување на времето поминато на топлина.
– Намалување на внесот на сол (содиум) – процесираната храна често содржи високи нивоа на содиум.
– Носење пријатни чевли кои не се премногу тесни.
– Избегнување да се носи сè што е тесно околу глуждовите и зглобовите.
– Намалување на внесот на кофеин.
– Додавање повеќе калиум во исхраната, како јадење банани, тиква, спанаќ, сладок компир, авокадо, кокосова вода.
– Редовно вежбање.

 

Абнормални и опасни отоци во бременоста

Горните примери се сметаат за нормални во бременоста. Но, има и абнормални отоци кои може да бидат знак за сериозна состојба. Кога отоците се надвор од нормалното ниво или се проследени и од други симптоми, треба веднаш да се јавите на вашиот гинеколог. Ова се неколку од абнормалните симптоми на отекување:

– Отоци на лицето или надуеност околу очите.
– Екстремно потекување или ненадејно потекување на рацете, нозете или глуждовите.
– Отоци придружени со главоболка која не исчезнува, промени во видот, ненадејна мачнина, болки во стомакот, рамената или долниот дел од ‘рбетот, ненадејно покачување на телесната маса, недостиг на здив (може да се знак за прееклампсија).
– Поголеми отоци на едната нога отколку на другата, придружени со болка или чувствителност (може да сигнализира згрутчување на крвта).
– Отоци проследени со болка во градите или тешкотии при дишењето (може да сигнализира проблеми со срцето).

Ако не сте сигурни во врска со симптомите на отоците што ги имате, секогаш е добар избор да му се јавите на вашиот лекар. Често помислуваме дека грижите ни се претерани, но подобро е да сме згрешиле отколку да сме во опасност.

Автор: Кара Терери

Извор



912

X