Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Моето дете има 3,5 години. Повторно тргна во градинка, претходно одеше и брзо се навика, но сега оди веќе 2 недели и сè уште плаче. Кога ќе се врати од градинка, само плаче за нешто, се инаети, не сака да спие на креветот каде што спиеше претходно, сè одбива. Навечер се буди и плаче во сон. Ако нешто не е по негово, вика, легнува на земја. Во градинка не сака да спие, при влегувањето 5 минути плаче, но потоа се смирува.

ОДГОВОР: Она што е многу важно да го земеме предвид уште на самиот почеток е фактот дека иако вашето дете веќе има искуство со адаптирањето на градинката, нема искуство во адаптирањето на новите променети услови во градинките во моментов. За многу деца искуството во градинка што го стекнале до март оваа година и искуството на истата градинка со дополнителните протоколи и мерки на претпазливост поради пандемијата што ги искусуваат сега се две многу различни нешта. Согласно тоа, потребно им е време да се адаптираат на сите новонастанати промени и да го усвојат и прифатат ова ново искуство.

Отпорот што го пројавува вашето дете е сосема нормален, дури и очекуван дел од ова приспособување. Велам сосема нормален бидејќи сосема е нормално детето да преферира да биде дома со родителите наместо во градинка. Но, самото тоа брзо се смирува кога ќе влезе во градинка е добар знак. Исто така, сосема е нормално за еден тригодишник да сака сè да биде по негово. Тоа е возраст во која тие ги откриваат своите можности за влијание врз околината и сосема е очекувано дека ќе се обидуваат да ги тестираат во сите области во кои можат. Тоа е период на тестирање на граници и проверка на што можам и до каде можам. Затоа е значајно за вас како родители да поставите доволно јасни и цврсти граници кои конзистентно ќе ги држите и нема да му дозволувате да ги помине, независно какво е неговото однесување. Честа грешка која родителите ја прават во овој период е да постават граници на почетокот, но потоа да попуштат ако детето вика, плаче или пројавува тантруми. На тој начин детето само се поддржува да продолжи со таквото однесување бидејќи искуството го учи дека ако доволно долго го прави истото (плачење, викање, удирање со раце и нозе по подот и сл.), мама и тато кога-тогаш ќе попуштат. Во рубриката „Прашај психолог“ многу пати сме пишувале за детските тантруми и како да се постапи во таквите ситуации, па би ве упатила да прочитате како поддршка за тоа како да се поставите и како да реагирате следниот пат кога вашето дете ќе пројави такво однесување.

Ивана Маринчек

Од друга страна, отпорот што го пројавува вашето дете откако ќе се врати од градинка може да индицира и некакво незадоволство, вознемиреност или фрустрација која ја пројавува во односот со вас, а која може да е поврзана со нешто што го вознемирува, лути или плаши. Истото нешто може да биде истовремено и причината за нарушувањето во спиењето на вашето дете и неговите кошмарни соништа. Затоа прво размислете дали во текот на овој период настанала некоја поголема промена во вашата семејна динамика? Дали можеби било изложено на некоја непријатна случка или дознало некоја непријатна или за него застрашувачка информација. Нешто што би можело да му креира вознемиреност и несигурност на вашето дете.

Ве охрабрувам да пробате да разговарате со вашето дете во однос на неговите страшни соништа и да пробате да дознаете што го исплашило или вознемирило во сонот. Можете да пробате истото да го истражите низ разговор, креирање приказна, цртеж или игра. Страшните содржини во сонот ќе ви помогнат да протолкувате што го мачи и плаши кога е будно, и во согласно со тоа ќе ве насочат како да дејствувате и на кој начин да му укажете најсоодветна помош и поддршка на вашето дете во текот на овој преоден период.

Одговара: Ивана Маринчек, лиценциран психолог и психотерапевт, практичар по игровна терапија во „Психотерапика“
е-пошта: ivana.marinchek@gmail.com/ psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

 

 



912

X