Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам ќерка која има 1 година и 5 месеци, а пред некој ден се породив и со втората ќерка, која има само 9 дена. Откако дојдовме од болница, поголемата ќерка, која решивме некое време да ја чуваме дома и да не оди во градинка, плаче и е вознемирена цело време, особено кога бебето е будно. Ако ѝ речам, на пример, ајде заедно да му пресоблечеме пелена на бебето, плаче уште повеќе. Сака да ја држиме в раце како да е бебе. Дури и се разболи од нервоза. Што можеме да преземеме за да го прифати бебето?

ОДГОВОР: Секоја промена што ја менува семејната динамика и рутина претставува извор на стрес за целото семејство, а особено за децата. Вашата поголема ќерка е премногу мала за да може брзо и лесно да се адаптира на новиот член во семејството, сепак, станува збор за време од девет дена.

Она што можете да го преземете е да се вооружите со трпение и да си дадете доволно време за да влезете во таа нова динамика. Обидете се да ја задржите дневната рутина која кај поголемата ќерка досега била воспоставена. Дозволете си за сево ова и за сите ваши грижи,  емоции и мисли отворено да разговарате со вашиот сопруг и блиски и да побарате помош и поддршка околу семејното организирање на обврските. Не грижете се околу однесувањето на вашето поголемо дете, тоа само бара простор и време да ги изрази своите потреби низ призма на емоции, во моментов низ регрес, раздразливост и чувство на страв дека поврзаноста се менува, но како поминува времето, детето подразбира и учи дека психолошките потреби остануваат задоволени иако семејната динамика се променила и впрочем тогаш настапува и адаптацијата и прифаќањето на новиот член во семејството.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X