Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Родители сме на две деца, првото е момче на 2 години и 10 месеци, а второто е ќерка која е стара 4 недели. По раѓањето на сестра му, момчето целосно се промени, дури и во погледот има промена. Порано беше доста зборлест, јадеше без проблем, а сега одбива да јаде. Си игра со храната, ја фрла или ја мачка по лицето, по косата, ја фрла кон нас. Секое капење најпрво започнува со одбивање, едно облекување трае еден саат, за да излеземе од дома исто треба саат време, одбива да мие раце, заби, за сѐ вреска, а порано тоа не беше случај. Кога нешто му се зборува, нѐ игнорира и не нѐ слуша, не почитува никаков авторитет дома. Во односот кон сестричката на моменти е пренежен и премил, на моменти знае да биде агресивен со намера да ја повреди. Не остава да ја дојам, плаче и ме тера да му ја дадам на татко му да ја држи, плаче до губење здив. Но, кога ќе излеземе надвор во парк, некаде на гости или со други луѓе, нема помирно дете од него, не е себичен и си игра. Со секаков пристап сме пробале, но нема никакво подобрување. Што да правиме?
ОДГОВОР: Ја разбирам вашата збунетост и загриженост. Вашето синче поминува низ една фаза во неговиот развој позната како анална фаза (18 месеци до 3 години). Во овој период децата добиваат чувство на контрола над телесните функции, вклучително и тоалетот, и почнуваат да ja потврдуваат својата независност. Оваа желба за автономија се манифестира во различни однесувања, вклучувајќи отпорност кон многу активности како облекување, капење и миење раце, како и создавање неред, како со храна така и со други работи дома, со одбивање на барањата на родителот и другите. Ова однесување е дел од природното истражување на контролата и границите на детето. Со одбивање задачи или играње со храна, тој ја тестира својата способност да влијае врз вас и околината. Тој, исто така, експериментира со тензијата помеѓу зависноста од вас и неговата природна желба за независност. Ако ја погледнеме пошироката слика, добиваме чувство дека тој протестира против надворешната контрола и бара начин да се изјасни, т.е. пркоси: „Јас правам што сакам“.
Од друга страна, нема способности да ги изрази своите чувства, ниту има капацитет да го вербализира она што му пречи, па своето незадоволство и страв најчесто ги покажува преку различни непожелни однесувања. Во исто време сестричката го зема вниманието на мама и тато и тој мисли – „јас веќе не сум единствен и толку важен“, без разлика што поминувате повеќе време со него, потребно му е време за да се приспособи на целата промена.
Би било добро да останете трпеливи и да поставувате доследни граници, дозволувајќи му на детето да ја истражува својата независност. Во исто време треба да бидете полни со љубов. Во ситуации кога се однесува несоодветно, нагласете го неговото специфично однесување и рефлектирајте ги неговите емоции, како („Гледам дека си лут!“, „Не ти се допаѓа кога….!“), потоа, понудете алтернативно однесување, фокусирајќи се на неговото однесување, наместо „Лош си“ кажете: „Не ми се допаѓа како се однесуваш!“) Или „Гледам дека не сакаш да се бањаш сега, но по капењето, можеме да ја играме твојата омилена игра.“
Воспоставете рутини за облекување, капење и оброци, без водење војна. Гласот да ви биде јасен, без многу убедувања. Кога вие останувате смирени во ситуации кога детето протестира и прави неред, тогаш го учите на емоционално регулирање. Ако детето гледа дека сте присебни и доследни, тоа ќе учи на кој начин да управува со сопствените емоции.
Понекогаш ако не сака да се облече, направете игра, направете трка за да видите кој може прв да се подготви: „Ајде да видиме колку брзо ќе ја облечеме твојата блуза“.
Вклучете го понекогаш во обврските околу бебето, да ви подаде пелена или шампон, да одбере што ќе ѝ облечете како голем батко.
Голем предизвик е да се растат две мали деца заедно, иако понекогаш доста тешко, верувам дека ќе успеете!
Доколку ви е потребна дополнителна помош, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com
Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.
912