Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мојата ќерка има 5 години. Откако почнаа мерките за спречување на ширењето на коронавирусот и престана да оди во градинка, прво ја чуваа баба ѝ и дедо ѝ неколку дена, а сега јас сум дома со неа. Мојот сопруг половина недела оди на работа, а половина е дома. Ѝ објаснивме за вирусот, на начин на кој мислам дека нè разбра, се договоривме дека дома треба да соработуваме зашто мама и тато треба да работат, а таа да ни помага (да не нè прекинува), дека е многу важно редовно да се мијат рацете и да бидеме јунаци да се трудиме да не ги допираме устата, носот и очите со немиени раце.

Не се однесуваме панично, но секако се смени нашиот секојдневен ритам на живот. Детето сè прифати, се забележува дека ѝ недостигаат другарчињата, ама со нив зборува на телефон. Она што го забележуваме е дека веќе неколку дена бара да спие со нас. Претходно си спиеше во својата соба. Можете ли да ни кажете како да постапиме во моментов и колкава доза на информации се доволни за оваа возраст?

Прашува: Ивона

ОДГОВОР: Драга Ивона, одредени регресивни однесувања кај деца преку кои се бара поголем комфор и сигурност и тоа како ќе се појавуваат во следниот период. Од ова што го раскажувате јасно е дека вашата ќерка веќе некое време си ја бара сигурноста во мама и тато. Прекрасно е тоа што вие можете да ѝ ја обезбедите и сте свесни за тие промени без да ги осуетувате, туку да ги прифатите и видите како да не станат навика.

Зошто претераната поврзаност би била на моменти дисфункционална? Затоа што тогаш детето ги деактивира сопствените капацитети за справување со несигурноста и целосно се потпира на вас и вашата емоционална состојба, а треба дури и во вакви услови да создава сопствени и не толку зависни реакции и однесување.

Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт

Ве поддржувам да ги задоволите барањата на ќерката, но и да се погрижите да не станат навика, или пак да најдете одредена супституција која ќе ги комбинира и двете работи, на пр: легнување заедно, читање приказни, заспивање заедно, а потоа откако ќе заспие, ја префрлувате во нејзиниот кревет/соба да спие сама, и тука сте доколку ве повика да ја утешите, но тогаш вие одите кај неа во нејзината соба, не ја прибирате повторно кај вас, а ако и тоа не успева, секако дека ќе ја сместите помеѓу вас. Наредното утро откако ќе спие сама, можете да ја поканите да биде уште малку со вас и вашиот сопруг во вашиот кревет, едноставно да се разбуди сигурна за денот што доаѓа. Исто така можете со неа во текот на денот да одиграте игра за заспивање, со цел да ѝ објасните дека е ОК да се чувствува така, но и дека мама и тато се со неа, и сè ќе биде во ред.
Објаснувањата за вирусот како таков треба да одат најмногу како одговор на нејзините прашања, додека рутините поврзани со заштита во однос на вирусот треба да се воведат без огромен притисок и паника, туку преку игра, со смеење. На пример, децата сакаат кога ние погрешно ќе ги ставиме работите, па нè коригираат, или пак доколку ни објаснуваат како треба правилно, чекор по чекор да ги правиме. Сега барем имаме многу материјали адаптирани за децата во однос на разбирањето на вирусот, доколку сакате да ѝ го илустрирате тоа што го зборувате, но само доколку таа има интерес да ве слуша. Друго сутуација е кога таа постојано прашува и сака да знае. Тогаш е потребно да ѝ дадете соодветен и навремен одговор без премногу објаснување, и пак да ги примените адаптираните материјали за и да ѝ објасните, а можете доколку е заинтересирана потоа и заедно да го нацртате вирусот?.

Потребно е некое време додека да се совладаат навиките и рутината поврзани со заштита и превенција, и таа не секогаш ќе има волја да ги направат. Сепак вие сте нејзините најголеми заштитници и поддржувачи, посебно сега кога таа принудно и несакано е изолирана од нејзините најчести и најпријатни контакти со поширокото семејство и со другарчињата.

Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / radmila.zivanovic@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X