Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Имам син од 5 години и 1 месец и ќерка од 1 година и 2 месеца. Синчето оди во градинка од две години и убаво ја прифати, забавно му е, социјализирано дете е, игра со деца пред зграда, има другарчиња и надвор од градинка, баби, дедовци. Ја прифати сестричката кога се роди, му беше забавна, ја гушкаше. Кога почна пандемијата, престана да оди во градинка и овој период на седење дома и изолирање малку потешко му падна, досадно му беше, но некако поминавме до летото. Во август им ја направивме долго посакуваната детска соба, па така почнаа да спијат двајцата сами во новата соба – синот во одбраниот кревет за големи деца, а ќерката во неговото старо бебешко креветче, а јас и татко им во спална соба, со тоа што поврзани сме со беби-фон и ги слушаме во текот на ноќта. Од октомври повторно се врати во градинка и на својата рутина пред пандемијата. Откако почнаа да спијат сами, синот почна да станува и да оди ноќе низ станот. Не плаче, не нè бара, јас станувам по неколку пати да ги проверам и ќе го најдам легнат во дневна на петосед, некогаш со пуштен телевизор како спие. Додека беше лето и топло, со сите отворени врати, некако веднаш штом ќе станеше го слушавме, па татко му ќе го кренеше и го враќаше в кревет, каде што продолжуваше да спие. Се случува приближно еднаш во неделата.
Има периоди кога не станува, зимава не беше толку често, но сега почнува повторно, со тоа што се случува да стане и да оди низ нивната соба и да ја исплаши сестра му, па ќе влезам и ќе го најдам седнат, склупчен в ќоше – тој спие, не е свесен, веднаш легнува и продолжува да спие, утредента не се сеќава. Не можам да најдам поврзаност дали ноќта кога станува и претходниот ден дали имал некаков стресен момент, нема правило кога ќе стане и оди. Не сме го затекле да прави ништо посебно, само станува и спиејќи оди во дневна каде што е сам и во темно, па легнува и спие, а знам дека доколку е буден никогаш нема да го направи тоа – ќе дојде кај нас во спална. Прашањето ми е дали е ова месечарење? Дали е врзано за одреден период, дали поминува со годините? Дали е поврзано со некакви стресови кај него, дали премногу рано го оставивме сам в соба, иако е пресреќен за собата, за креветот, работите, никогаш не изразил желба да спие повторно со нас. Нè преплашува кога во ноќе ќе го видиме склупчен некаде како спие.
Ве молам за совет!
ОДГОВОР: Самата изолација и некомуницирање со околината и блиските носи стравови и размислувања како да се однесуваме. Пишувате дека детето од изолација повторно почнало да посетува градинка и да комуницира со своите другарчиња врсници. Верувам, како и што пишувате, дека се радува, но големите мерки на претпазливост во домот и градинка оставаат траги врз детската психа и мисла.
Ноќните стравови на децата се нормални и се јавуваат во период од 2 до 12 години. Поголемиот дел од децата ги надраснуваат на почетокот на пубертетот. Овие стравови се јавуваат еднаш во ноќта и може да се случуваат да траат подолго време, да прекинат и повторно да се појават.
Децата не се свесни и немојте да се обидувате да го разбудите, тогаш детето ќе биде само дезориентирано и збунето. Оставете го да спие, тоа не се сеќава што се случува.
За во иднина потрудете се да имате рутина пред спиење и легнување во приближно исто време. Детето да вечера, да се тушира, да ги измие забите, лицето, да читате приказни за добра ноќ и легнување в кревет. Децата се посмирени кога имаат рутина за заспивање и полека се опуштаат и спремаат за заспивање. Недостигот на сонот ги зголемува ноќните стравови кај поголемиот број деца кај кои се јавуваат. Легнувањето в кревет подоцна или премореноста се предизвикувачи на немирен сон. Исто така, поразговарајте дома, каков сон сте имале вие и сопругот кога сте биле деца. Може да биде и наследно.
Ноќните стравови не покажуваат дека со детето нешто не е во ред и потрудете се да бидете поспокојни. Пред детето не зборувајте за настаните што се случуваат во текот на ноќта. Следете и видете дали овие состојби се случуваат приближно во исто време во ноќта. Тогаш можете да пробате да го разбудите детето половина час порано и да појде до тоалет, да го префрлите во друг кревет или гушнати да останете со него во креветот во кој спие. Ваквото искуство полека ќе помогне да се намалат ваквите однесувања. Исто така, можете да водите и дневник како вашето дете спие во текот на ноќта и да имате преглед колку често се јавува ова однесување во сонот.
Децата што имаат однесување на ноќни стравови не се разбудуваат и не се сеќаваат на случките. Тие се поразлични од ноќните страшни сонови. Децата што имаат страшни сонови најчесто се разбудуваат, се чувствуваат вознемирено и тогаш е потребно да го смирите и да му објасните дека само сонувало.
Ве замолувам, бидете трпеливи и истрајни во рутинските активности пред заспивање. Не зборувајте пред детето за неговите ноќни искуства и секако за вирусот и последиците од него.
Одговара: Наташа Маџевска, психотерапевт, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: nmadzevska@gmail.com psihoterapika@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
912