Откако ќе помине терминот што лекарот ви го одредил за породување, а бебето сè уште не доаѓа, станува збор за надносена бременост.
280 дена или 40 недели е вообичаеното траење на бременоста. Породувањето пред 37. недела се смета за предвремено, а надносената бременост се смета по 42. недела. Секоја од овие појави главно не треба да предизвикува загриженост.

Терминот надносена бременост

Како нормален термин за раѓање се смета секој во периодот од 38. до 42. недела. Дури и потоа се толерираат следните една до три недели. Секако, по 42. недела ќе мора почесто да одите на прегледи кај својот гинеколог за да бидете сигурни дека сè е во ред со бебето. Иако звучи смешно, ни лекарите не можат да бидат сигурни кога точно ќе се породите. Постојат одредени показатели, но и тие не се целосно сигурни.
Затоа е можно да се направи грешка во претпоставениот термин за раѓање, па вашата надносена бременост всушност е бременост во нормален термин. Кај сите жени како основа за пресметување на терминот за породување се зема првиот ден од последната менструација плус 40 недели бидејќи не може со сигурност да се утврди кога се случило зачнувањето. Поради таа причина, сосема е нормално да се направи грешка и терминот да биде поместен за неколку дена или недели. Ако сметате дека сте го надносиле бебето, на прегледите кај гинекологот ќе ги добиете сите информации за тоа дали вашето бебе е подготвено да излезе.
Децата во стомакот не се развиваат со иста брзина и големината на плодот не укажува секогаш на точната возраст. Затоа лекарот ќе ги прегледува плодовата вода и постелката – ако има доволно вода и ако е бистра, а постелката функционира нормално – нема потреба од загриженост. Дури ни по завршувањето на 42. недела од бременоста. Како што ќе се наближува терминот за породување, така лекарот посебно ќе ја проверува состојбата на постелката. Таа има капацитет да го снабдува детето со доволно хранливи материи до 42. недела. Главниот ризик на надносената бременост се однесува на инсуфициенција на постелката, која би можела да го намали снабдувањето со кислород на бебето.

Ризици на вистинската надносена бременост

Ако бременоста продолжила и по 42. недела, кај мајката и кај бебето се забележуваат знаци на надносеност – намалување на постелката и намалување на движењата на плодот. Вистинска надносена бременост се случува само во 1 до 2% од случаите. Во последната недела пред одредениот термин за породување лекарот ќе почне со анализи за процена на движењата и работата на срцето кај фетусот, како и мерење на количината на плодовата вода. Ќе ја спореди и големината на главата на фетусот со опсегот на стомакот, а можно е и да направи дополнителни дијагностики и анализи.
Симптом на надносена бременост може да биде и набрчкана кожа на фетусот што се лупи. Еден од показателите исто така е и промената на бојата на плодовата вода. Ако дојде до вистинска надносена бременост, детето ќе има развиен систем за варење на храната и можно е да изврши голема нужда во плодовата вода (мекониум) и тогаш таа ќе добие зеленикава боја. Ова е опасно за детето. Лекарот може да го открие мекониумот со амниоскопија и амниоцентеза.
Ако не се утврдени знаци на надносена бременост, таа ќе продолжи со зачестени анализи и прегледи. Ако се утврди вистинска надносеност, ќе започне постапка на индуцирано породување. Во случај грлото на матката сè уште да не е зрело за детето да може да излезе или фетусот е наместен во необична положба, се изведува царски рез.

Индуцирано породување како решение

Ако дојде до вистинска надносена бременост која претставува ризик за детето и за мајката, ќе се покрене постапка на индуцирано породување. Тоа значи предизвикување контракции на матката со разни техники за бременоста да заврши со нормално и здраво породување. До индуцирано породување може да дојде и ако детето е големо и зрело, ако мајката има некое хронично заболување, гестациски дијабетес или при предвременото пукање на воденикот.

 



912

X