Во неговото одделение домашна задача не постои како форма, тој им дава домашна активност. Тоа вклучува одредени задачи, учениците имаат обврска да изгледаат некој филм или приказна, да изработат презентација, проектна активност, да набљудуваат одреден проблем, да креираат задача за своите соученици

Домашните задачи ја развиваат одговорноста, но кога се преобемни и го оптоваруваат ученикот, дури и за време на викендите, имаат спротивен ефект. Со овој став се согласни педагозите, а и дел од наставниците. Но, за жал, многу од нив на учениците им даваат премногу домашни задачи кои не им оставаат простор да се одморат по напорниот ден на училиште.
Гоце Бумбароски, одделенски наставник во Основното училиште „Кочо Рацин“ од Прилеп, не се вбројува во овој тип на наставници. Во неговото одделение домашна задача не постои како форма, тој им дава домашна активност.

– Тоа вклучува одредени задачи, учениците имаат обврска да изгледаат некој филм или приказна, да изработат презентација, проектна активност, да набљудуваат одреден проблем, да креираат задача за своите соученици и сл. Но, често се случува воопшто да немаат домашна активност – објаснува Бумбароски.
Тој практикува, секогаш кога има договорено писмена вежба, тест или усно повторување на изучениот материјал. да не им дава ниту домашна активност.
– Целта е да ги насочам полесно да го совладаат изучениот материјал и да му се посветат. Да бидам искрен, откако мојата повозрасна ќерка Теона почна да оди во училиште (сега е второ одделение), т.е. откако како родител ја „почувствував“ домашната работа, почнав да задавам што е можно помалку домашни активности – вели тој.

Многу образовни промени, темпото на домашни остана исто

Наставникот Бумбароски вели дека домашните задачи отсекогаш постоеле. Нашиот образовен систем е конципиран да функционира врз база на повратни информации.

– Ние, наставниците, често бараме од учениците да повторат дел од она што сме го учеле за време на часот за да знаеме дали е јасно, разбрано и научено, па според тоа, домашната задача е завршниот дел од лекцијата. Исто така, со задавање домашна работа наставникот сака да ја развие одговорноста кај ученикот и да ја подобри меморијата потсетувајќи го на она што е учено во училиште – вели тој.
Иако во последните 15 години образованието ни претрпе многу новитети и реформи, темпото на задавање на домашната задача остана непроменето.
– Дури и во Е-дневникот имаше дел каде што ние мораше да ја внесеме зададената домашна задача (оваа учебна година е-дневникот сѐ уште не е во функција, па не сум во можност да ви го демонстрирам тоа и не знам дали постои тој дел), што значи дека домашната задача беше задолжителна за сите наставници. Голем дел од нас негодуваа за тој дел од е-дневникот. Домашни задачи се задаваат секој ден, па и за викенди. Доколку е добро организиран ученикот, нема да ја остави домашната задача за сабота или недела, туку ќе си ја заврши во петок попладне или во понеделник претпладне – вели Бумбароски.

Домашните да се сведат на минимум, а за викенд да се истражува

Родителите постојано се жалат дека учениците, особено оние во предметна настава, се многу ангажирани околу домашните задачи. Универзитетската професорка Ана Лазарова-Никовска преку апел на Фејсбук ги повика наставниците да ги остават на раат учениците со домашните задачи, барем за време на викендот. Таа повика да се направат и законски измени, а нејзиниот пост предизвика лавина од коментари со поддршка како од родители така и од просветни работници. Го прашуваме Бумбароски како ова прашање може најдобро да се регулира?

– Факт е дека секојдневните обврски што ние, возрасните, ги имаме ни го трошат поголемиот дел од денот и кога сме дома, сакаме да им се посветиме на нашите најмили, но не и да го „трошиме“ времето во пишување домашна. Сметам дека оттаму е револтот кај поголемиот дел од нас и негативниот однос кон домашните задачи. Точно е дека на учениците им е потребна помош при извршување на домашните активности, но секој од нас не е во можност да го прави тоа. Верувам дека може да се изнајде модел да се намалат домашните задачи и да се воведе сосема нова концепција на тој дел од училишната активност. Со оглед на тоа, предлагам домашните задачи да се сведат на минимум во текот на работната недела, а за викенди да бидат од лесен истражувачки карактер.

Бумбароски вели дека бидејќи е наставник во одделенска настава, овој концепт му изгледа лесно изводлив (затоа што и веќе го применува).
– Поголемиот дел на предметите ги предавам јас и знам по кој предмет можам да дадам активност, но кај предметните наставници тоа е потешко изводливо затоа што секој си предава посебен предмет и таму мора да се воведе друг координиран начин на задавање или незадавање домашни задачи – објаснува наставникот.
Неговата ќерка домашните задачи ги пишува со помош на неговата сопруга, ретко со него, бидејќи тој има поинаков концепт на работа како наставник, па не сака тоа негативно да влијае врз неа.

Позадоволни ученици – подобар ефект

Како родителите да се справат со наставник што дава премногу домашни задачи, каде може да се обратат?
– Предлагам родителите да разговараат со своите наставници во врска со домашната задача/работа и да изнајдат соодветно решение. За почеток да се сведе на минимум задавањето домашна за време на викендите. Верувајте дека ќе постигнете подобар ефект затоа што учениците се позадоволни, тие сепак се деца на кои им треба слобода и можност да се себедокажат, па домашната не мора да е задолжителна за сите – вели тој.

Улогата на наставник и на родител е различна, а Бумбароски ја има таа среќа да ги игра и двете.
– Како родител целосно се согласувам дека учениците голем дел од денот го поминуваат пишувајќи домашна работа. Ние, родителите, сме многу амбициозни, па нашите деца ги запишуваме на разни воннаставни активности (спорт, странски јазици, музичко и сл.), па потоа се жалиме на тоа како се преоптоварени со активности. Во овој дел препорачувам секој родител индивидуално да го оптоварува своето дете според неговите можности и според капацитетот. Сепак, треба да му дадеме приоритет на задолжителното образование – објаснува тој.



912

X