Детскиот психолог д-р Елизабет Килбеј, која учествувала во документарци за тајните животи на 4, 5 и 6-годишни деца, ги повикува родителите да не вршат преголем притисок врз децата околу изборот на игра или начинот како ќе игра, туку да ги остават децата да водат во дизајнирањето на играта.

Истражување на 500 родители на деца на возраст меѓу 3 и 10 години, нарачано од „Kinder Surprise“, покажало дека половина од родителите (49 проценти) препознаваат дека времето што го поминуваат играјќи си со своето дете помага во зајакнувањето на меѓусебните врски. Меѓутоа, на прашањето кој ја води играта, околу 51 процент од родителите велат дека тие и децата веројатно еднакво учествуваат во неа, но дури четвртина од родителите признаваат дека понекогаш забораваат колку е важна играта за децата. Килбеј вели дека е покорисно да се остават децата да водат во играта, што на крајот ќе им биде полесно на родителите.

„Играта е важна за нивниот развој, но ние како возрасни лесно можеме да заборавиме колку е навистина радосно и забавно играњето. Не мора секогаш да смислувате нови или паметни идеи. Во играњето со детето важно е да поминете време со него, фокусирајќи се на активностите што сака да ги прави и да бидете присутни во духот на играта“, вели д-р Килбеј, коментирајќи ги резултатите од анкетата.

-Важен сегмент од играта е тоа што му дозволувате на детето да ја одреди „агендата“ за тоа што ќе правите заедно и да го следите неговото водство, коментирајќи ги активностите што ги правите и учествувате, со цел дополнително да го ангажирате детето – вели таа.
Истражувањето покажало и дека родителите поминуваат во просек по 36 минути дневно играјќи си со своите деца, но повеќето веруваат дека треба да одвојат повеќе време, барем уште 10 минути.

-Родителите веќе работат одлична работа. Иако секогаш можете да почувствувате дека можете повеќе, важно е да запомните дека кратките квалитетни „епизоди“ на игра можат да бидат навистина корисни – вели психологот.

Во овој случај, најдобриот избор е навистина играње во вистинска смисла на зборот, со играчки или со глумење некои улоги заедно со детето, дури потоа следуваат компјутерски игри, играње со коцки или некоја социјална игра, додава таа. Истражувањето покажало дека 91 процент од родителите веруваат оти комбинацијата на игра со физички играчки и дигитални игри е корисна за развојот на нивното дете.

Совети за родителите

Дозволете му на вашето дете да води: Дозволете му на вашето дете да ја постави агендата за она што ќе го правите заедно, а следењето на неговите упатства, заедно со коментарите за тоа што го правите, ќе помогне вашето дете да биде ангажирано и постојано да учи преку игра. Детето сака да учи за светот од она што му го кажувате, а тоа му помага да изгради јазични вештини и да научи да комуницира.

Воведете некои нови работи: Одвреме-навреме е важно да се обидете да воведете нови игри. Затоа, ако сте навикнати секогаш да си играте со играчки на подот, обидете се повремено да седнете на компјутер и да играте некоја игра соодветна на нивната возраст или обратно. Способноста да се комбинира дигиталната игра со физички играчки им помага на вашите деца да развијат поширок опсег на вештини и го поддржува нивниот развој во комуникацијата и интеракцијата.

Сè може да биде игра: игрите не мора да бидат комплицирани и можете да ги користите ресурсите што веќе ги имате дома, како што на пр., алатките од работилницата на дедото. Дури и ако само излезете во градината или ја удирате топката во ѕид, тоа може да биде забавно. Запомнете дека децата со нетрпение очекуваат да се забавуваат во вашето друштво, а прашањето што да правите е на второ место.

А малку фокусирана игра може да значи многу: всушност е добра идеја да се фокусирате на една одредена активност во тој момент за време на играта, за детето да може целосно да се вклучи во неа и да го извлече најдоброто од времето што го поминувате заедно.

Автор: Маријана Матковиќ

Извор



912

X