Моето дете е чувствително, емотивно, има прекрасна душа – ќе ви речат 90 отсто од родителите. И ќе бидат во право. Бидејќи децата навистина се такви. Многу рано во детството им се развива емпатија и неретко го чувствуваат туѓото страдање многу интензивно.

Имам ќерка од 6 години. Вчера требаше да оди кај баба ѝ и, за жал, на блиска пријателка на баба ѝ почина таткото, па таа мораше да ѝ помогне и да биде со неа. Кога на моето девојче му објаснував зошто не може да оди кај баба си, му реков дека таткото на нејзината пријателка е многу болен и морале да го носат во болница. Таа почна да плаче. Мислев дека плаче зашто нема да оди кај баба ѝ, додека не ми кажа дека плаче оти чичкото го носеле во болница. Чичко кој никогаш не го запознала.

Дали детето е луто? Па добро. Тажно? Боже мој!

Со оглед на тоа дека таа веќе подолго време има ноќни стравови и многу често ситуации во кои искажува силна емпатија, ја повикав Невена Ловринчевиќ, клинички психолог и автор на многубројни прирачници за родители. Сакав да ми каже дали имам причина за грижа. Беше дипломат и не ми кажа дека сум хеликоптер-мајка, но ме научи на некои важни работи кога се работи за детските емоции.

– Знаете, ние денес сме склони да го преувеличиме значењето на емоциите. Особено на оние негативните. Не сакаме нашето дете да почувствува нешто лошо. Не сакаме да биде тажно или исплашено. Да чувствува вина, страв, тага, љубомора. А сите тие се природни чувства и нормално е да се појавуваат. Нашата реакција на нив не треба да биде премногу нагласена. Под влијание на толку многу приказни за детскиот развој и чувствата, склони сме да бдееме над децата и да ги прашуваме како се чувствуваат, дали се тажни, што ги натажило… Се разбира дека чувствата не треба да се потиснуваат, но толку инсистирање на нив всушност кај детето ќе создаде впечаток дека тоа е нешто страшно важно, нешто за кое треба постојано да се мисли. Додека, всушност, човекот 99 отсто од времето не чувствува никакви посебни емоции. Еве, вие сега, додека разговарате со мене, не чувствувате ништо посебно. А тогаш зошто од детето постојано очекуваме да ни ги покажува и објаснува своите емоции. Дали детето е луто? Па добро. Тажно. Боже мој. Сето тоа мора да помине и грешка е од тоа да се прави некоја многу важна работа – вели Невена.

Децата, исто така, непрестајно бараат одобрување од родителите. Дали се добри? Ако не се, тоа сигурно значи дека не ги сакаме. Така моето девојче сакаше да оди во парк во својот најубав свечен фустан. Се обидов да ѝ објаснам дека можеби ќе го искине и дека нема повеќе да го има фустанот, но потоа таа одлучи да манипулира со врескање. Во таа ситуација обично се прашувам – дали би требало да ѝ дозволам уште малку да се бори и да се избори за тоа што го сака и со тоа да гради упорност и карактер, или би било подобро да останам јасна и категорична во тоа дека во овој свечен фустан не се оди надвор. Невена вели дека во ваква ситуација треба да се одбере второто.

– Во свечен фустан, ако вие така сте одлучиле, не се оди на игралиште. И тука нема многу место за расправа, каква и да е реакцијата на детето. Сепак, тоа не значи дека детето треба слепо да се држи до секоја одлука, туку родителот би требало да праша: „Сакаш ли денес црвен или син фустан?“ На тој начин детето има право на избор, а повторно ќе го облече она што родителот го смета за соодветно за дадената пригода – вели Ловринчевиќ.

Невена ми откри и дека подготвува нов прирачник за родители под наслов „17 предизвици на современото родителство“. Како што вели, темата е токму негативните емоции – детално опишани.

– Односот кон негативните емоции е многу важен за развој на личноста, а родителите во голема мера влијаат врз формирањето на тој однос. Колку и да е сосема разбирливо да ни биде важно детето (главно) да се чувствува среќно, потребно е да се има на ум и каков однос имаме кон негативните емоции. Бидејќи иако не сакаме негативни емоции ниту за нас ниту за детето, тие се природни и некогаш се јавуваат колку и да се трудиме да ги избегнуваме. Затоа е важно да научиме да ги прифаќаме како дел од животното искуство и од нив нешто да научиме. Дури кога ќе увидиме дека е невозможно да се заштити детето од негативни емоции, ќе му помогнеме со нив соодветно да излезе на крај. Не така што да ги негира и поттикнува, туку да ги прифаќа и да ја увидува нивната улога и да го приспособува своето однесување – заклучува Невена.

Автор: А. Цвјетиќ

Извор



912

X