Воспитување

Оставете ги децата да пораснат

И пред да се роди детето родителите знаат дека ќе направат сè за да го заштитат од болести, повреди, други луѓе и од други деца бидејќи не постои ништо поприродно од тоа. Од моментот кога првпат ќе го земете во вашата прегратка, мало и беспомошно, до крајот на животот ќе се грижите за своето чедо, дури и кога ќе стане „свој човек“ со сопствено семејство. И ова е природно, но само ако не се претерува и ако родителите со својата грижа не го спречуваат детето да порасне во самостојна и одговорна личност.
За жал, често не е така.

Премногу загрижените родители постојано се грижат. Не само што ги штитат своите деца од болести и незгоди, туку и од неухранетост, секаква критика, бактерии на подот, паѓање при проодување, а подоцна и од спортски и училишни неуспеси, од лошо друштво, и од сè друго што може да ги вознемири. Нивните деца подоцна прозборуваат бидејќи мама и тато им ги „читаат мислите“, имаат лоши моторни вештини бидејќи им е забрането да скокаат, не одат во градинка „каде што беснеат инфекции и има провев“. Ги носат на лекар и кога имаат блага кивавица, ги тргнуваат од сите мачки и кучиња, ги држат за рака до 10 години и на сите можни начини ги штитат од нормалните искуства.

Мама и тато долг период ги облекуваат презаштитените деца, им ги облекуваат чевлите, ги бањаат, ги решаваат нивните несогласувања со врсниците, тераат правда во училиште тврдејќи дека нивното дете е најпаметно и најдобро, не знаејќи дека со такво однесување спречуваат тоа да се осамостои, да преземе одговорност и иницијатива. Тие деца стануваат несигурни, премногу внимателни, плашливи, неприродно послушни, затворени, без доверба и увиди во сопствениот потенцијал. А како не би биле различни кога родителите уште додека се мали ги убедуваат дека не можат сами да си играат, да редат коцки….

Иако се совршено способни за тоа, мајките и татковците им ги собираат играчките, им помагаат во пишувањето на домашната задача, им го местат креветот, им ги спремаат книгите за на училиште.

Со речениците: „Остави, мама ќе го направи тоа“, „Јас сум побрза“, „Јас ќе го направам подобро“, „Седи сине, одмори се, јас ќе го направам тоа“ се уништува секоја иницијатива и можност детето да научи нешто од искуство, од успешни или неуспешни обиди. Едноставно мора да му дозволите на детето да го вклучи мозокот, да размисли и да се потпре на сопствените способности.

Најлошо е тоа што ваквите родители се убедени дека се беспрекорни и најдобри, дека нивната грижа е посебна и дека благодарение на тоа, нивните деца се подобри од другите. А вистината, за жал, е поинаква. За разлика од нивните врсници, овие деца се несамостојни, а родителите им се напорни бидејќи постојано бараат правда за своето дете, дури и кога тоа има 40 години. Тие во своите зрели години ќе очекуваат некој друг да преземе иницијатива и одговорност, некој друг да им го реши проблемот, некој да се грижи за нив, и таквите луѓе не се добри ни за семејство, ни за пријателство, ниту пак за работа.
Ако не сакате ваков исход, оставете го детето да расте нормално.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top