Доколку надвор е 26 степени, за само 10 минути во затворен автомобил, температурата може да достигне 32 степени, а за половина час и 45 степени. Живата на термометарот во автомобилот значително побрзо се искачува при горештините кои се бележат деновиве. Најтешко ги поднесуваат најмладите.

Докторката Снежана Рсовац, педијатар на Универзитетската детска клиника Тиршова, за „РТС“ вели дека колку децата се помалечки, толку терморегулацијата е послаба, односно тие побрзо дехидрираат. „Многу брзо доаѓа до развој на една шокантна состојба и се разбира сето тоа условува тие брзо да дојдат до затајување на работата на срцето и белите дробови со промени кои се изразуваат и на мозокот. Губат свест“, објаснува д-р Рсовац.

А колку време е потребно за детето да изгуби свест или да почувствува тегоби, зависи од возраста. Често може да се доволни и само неколку минути. Педијатарот објаснува дека децата умираат затоа што се прегреани без можности за хидрирање и без можност да излезат од таквиот простор кој е еден вид на топлотна комора. „Ние имаме препорака децата по вакви температури да не излегуваат никаде. Значи, водете сметка за тоа“, предупредува д-р Рсовац.

Докторката Татјана Суботиќ, пак, од Клиниката за психијатриски болести „Др Лаза Лазаревиќ“, истакнува дека родителите често одлучуваат да го остават детето во автомобил кога тоа спие, бидејќи не сакаат да го будат, да му го пореметуваат сонот. „Го оставаат на 5-10 минути, детето се буди, го фаќа паника, не знае каде се наоѓа, не знае зошто е само и тоа дополнително ја отежнува неговата состојба. Децата не се опремени когнитивно еднакво како и ние, различно го доживуваат времето, перспективата, треба да им се каже колку тоа ќе трае, што да направат ако нешто се случи, но генерално таквите ситуации треба да се избегнуваат“, нагласува д-р Суботиќ.

Дека таквите ситуации треба да се избегнуваат потврдува и законот. „Секој кој ќе забележи такво нешто, има право и обврска тоа да го пријави, бидејќи во прашање е кривично дело – занемарување на деца, по член 193 од Кривичниот законик во Србија, кој се казнува со затвор до 3 години. Јас не велам дека секој од родителите треба да се процесуира, но нагласувам дека децата не смеат да бидат оставени без надзор на родител или било кој друг. Може да се пријави во полиција, Центар за социјална работа и во тој случај се проверува подобноста на родителот или старателот, оној кој се грижи за децата“, вели Зоран Пашалиќ, заштитни на граѓаните.

Повеќе од 50-тина деца во текот на 2019 година, починале во заклучени автомобили, додека во текот на минатата година, 25 мали деца на ист начин го загубиле животот, покажуваат податоците на Американската национална управа за безбедност во сообраќајот.

Автор: Николина Ракиќ

Извор



912

X