Неусогласеноста во програмите во овие два предмета од БРО ја коментираат вака: „Наставната програма е документ наменет за наставниците, а не за учениците“

Прво граматика по англиски јазик, а дури потоа по мајчин македонски јазик учат учениците во четврто одделение во Македонија. Додека од Бирото за развој на образованието велат дека англискиот јазик во ниските одделенија децата треба да го учат „по слух и на ниво на препознавање“, практиката покажува нешто друго – учениците во второ одделение пишуваат зборови на англиска латиница, а сè уште не ја изучиле кирилицата, во четврто одделение учат лични заменки и присвојни придавки на англиски, а тој дел од македонската граматика сè уште не го поминале. Неусогласеноста во програмите во овие два предмета од БРО ја коментираат вака:

Четвртоодделенци почнуваат со англиска граматика во прво полугодие, а според програмата, тој дел по предметот македонски јазик се учи во второ полугодие

– Наставната програма е документ кој на наставникот му дава насока за подготвување на содржините што треба да се совладаат за да се постигнат целите од програмата по англиски јазик. Овој документ не е наменет за учениците, туку за наставниците – велат од БРО.

На хартија едно, во практика друго

Во практика нештата се сосема поинакви, а оваа ситуација ја евидентиравме во повеќе училишта во Македонија. Вторачиња во прво полугодие не ги изучиле сите букви од кирилското писмо, а на часовите по англиски веќе ја пишуваат англиската азбука, и тоа по неколку пати.
– Се изненадив кога видов дека моето дете имаше домашна задача по англиски јазик – да ја напише англиската азбука трипати. А по македонски јазик сè уште не ги имаа изучено сите букви. Во тетратката забележав и куси зборчиња на англиски. Не ми е јасно како во период на описменување децата прво учат латиница на странски јазик наместо на мајчин, како што сме учеле и ние – вели мајка на втораче од Скопје.

Тетратка на второодделенец: Уште не ги изучиле буквите на мајчин јазик, а за домашна работа пишуваат цела англиска азбука

Милена Манчиќ-Пауновска е наставничка по македонски јазик во скопското Основно училиште „Вера Јоциќ“. Таа има долгогодишно искуство и како лектор. На прашањето каде е логиката прво да се учи граматика по англиски за материјал кој го немаат поминато на македонски јазик, таа вели:

– Очигледно е дека нема логика. Заменки и придавки по македонски јазик се учат во четврто одделение, но во второ полугодие, велат колешките од одделенска кои предаваат во четврто одделение. Ваквите неусогласени програми само ги збунуваат учениците (и родителите), а веројатно претставуваат проблем и за наставниците по англиски јазик кои треба да објаснуваат нешто што не е дел од нивниот предмет – вели Манчиќ-Пауновска.

Како градење куќа од покривот кон темелите

Според неа, тоа лошо се одразува врз совладувањето на мајчиниот јазик. Таа вели дека знаењето странски јазици е одлична работа, но основата сепак треба да е мајчиниот јазик.

– Младите родители често со гордост кажуваат дека нивните деца подобро знаат англиски од македонски. За жал, ваквата почетна позиција има реперкусии во подоцнежниот период. Децата се задоволуваат со фондот на зборови што го научиле во првите години од образованието, што се рефлектира подоцна на нивното усно, а на писменото изразување. Често не можат да најдат збор за да го кажат тоа што го мислат. Сметам дека би било попродуктивно кога децата би учеле странски јазик откако ќе го совладаат својот мајчин јазик. Мислам дека учењето поими од граматиката на англиски без истите да ги научат во македонскиот јазик ги ограничува учениците во една рамка од која тешко излегуваат – вели Манчиќ-Пауновска.

Детаљ од Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце

Според неа, ако веќе се учи англиски од прво одделение, тогаш мора програмата да биде компатибилна со таа за македонски јазик.
– Ова ми личи на градење куќа од покривот кон темелите. До описменувањето на македонски и на двете писма (кирилица и латиница), англискиот треба да се учи на ниво на препознавање, слушање и изговор, без пишување. Програмите треба да се усогласат. Тоа подразбира соработка на тимовите по македонски и англиски (или друг странски јазик) при изработката на програмата за работа. Мислам дека на тој начин би им ја олесниле работата и на учениците и на наставниците по двата предмета и би се избегнале некои нелогични нешта со кои сите инволвирани во образовниот процес се среќаваат – вели таа.

БРО: Од наставниците зависи како ја спроведуваат програмата

Од БРО велат дека програмата е дефинирана за наставниците, а од нив зависи како ќе ја спроведуваат на час.

– Според актуелната програма по англиски јазик, највисоката цел што треба да ја постигне ученикот е да препознае, во некои делови да разбере. Во содржините предвидени за второ одделение нема пишување букви (цитирано според актуелната програма донесена во 2007 година). Доколку некој наставник практикува такви вежби, тоа е негов личен избор и не е во рамките на програмата. Граматичките структури никогаш не се толкуваат експлицитно – нема граматичко толкување на заменки, придавки и слично, туку усно повторување и усвојување по слух на реченици што треба да бидат граматички коректни. Учениците не се занимаваат со морфолошка поделба на зборовите, ниту со нивно дефинирање. Тие едноставно учат јазик во комуникација – велат од Бирото.

БРО контра наставниците

Според нив, учениците се описменуваат по македонски јазик во текот на второто одделение, независно од учењето странски јазик.
– Но, длабочината на учењето на македонскиот јазик како мајчин се одвива по определен редослед карактеристичен за описменувањето на мајчин јазик. И во оваа програма нема дефинирање на граматички термини во второ одделение – велат од БРО.

На прашањето како е можно да се учат лични заменки и присвојни придавки прво на англиски, а потоа на мајчин јазик, од БРО се децидни дека во фуснотата во програмата по англиски јазик за четврто одделение деловите од граматиката никогаш не се толкуваат експлицитно, туку учениците ги усвојуваат преку јазикот.

– Учениците го учат тоа низ текст и низ разговори на часот. Наставната програма е документ кој на наставникот му дава насока за подготвување на содржините што треба да се совладаат за да се постигнат целите од програмата по англиски јазик. Овој документ не е наменет за учениците, туку за наставниците – велат од БРО.

Генерации со сè помалку знаење

Манчиќ-Пауновска предава македонски јазик во предметна настава. На прашањето со какви знаења од македонскиот јазик доаѓаат учениците во шесто одделение, таа вели дека не може да генерализира, но:

Фото: Архива

– Имам впечаток дека учениците доаѓаат со сè помалку знаење. Веројатно истиот впечаток го имаат и професорите во средните училишта кога ги преземаат од основно. Многу мал број од учениците во шесто одделение знаат убаво да се изразуваат. Имаат проблем кога треба писмено да ги изразат своите мисли. Ова веројатно се должи на тоа што децата сега многу малку или воопшто не читаат. Кај граматиката, односно подрачјето јазик мислам дека е потребна поголема соработка меѓу наставниците по македонски јазик и одделенските наставници за да се надминат некои проблеми. На пример: учениците задолжително го поврзуваат прирокот во реченицата со глагол, ако во реченицата нема глагол, тие најчесто велат дека нема прирок, а знаеме дека не постои реченица без прирок. Исто така и подметот редовно го поврзуваат со именка, а подмет во реченица може да биде и заменка и придавка и број. И тука настануваат проблеми кога на учениците треба да им се објасни дека тоа што досега го научиле е така, ама и не е баш така – објаснува Манчиќ-Пауновска.



912

X