Според училишните психолози, денешните родители многу често знаат да ги поддржат своите деца во отсуствувањето од настава без некоја посебна причина

Бегањето од часови е поголем проблем во училиштата за средно образование, но, сепак, и учениците во основно, во предметна настава, знаат да ескивираат од настава. Поголем проблем, според училишните психолози, е што денешните родители многу често знаат да ги поддржат своите деца за отсуствување без некоја посебна причина.

Не доаѓа оти му се спие, има тест…

Ирена Ивановска, мајка на шестоодделенка, вели дека се објаснувала со ќерката дека мора да оди на училиште и кога ѝ е роденден.
– Има родители што не ги пуштаат на школо кога им е роденден, за вечерта за прославата да бидат одморени. Или ако имаат тест, а сметаат дека не се доволно подготвени, не ги пуштаат за да не си ја расипат оценката – вели мајката.

Даниела Ѓеркоска е одделенска наставничка. Таа објаснува дека многу родители недоволно сериозно го сфаќаат наставниот процес и дозволуваат детето да отсуствува од училиште и за тоа што не треба и не мора. Така им испраќаат погрешна порака на децата.

– Отсуствуваат кога има тест, поради испрашување, ако на детето му се спиело многу утрото, или, пак, ако претходната вечер останале доцна на гости – раскажува наставничката.

Таа вели и дека сè почесто се случува родителите да закажуваат патувања за целото семејство среде школска година.
– Одат на одмори без најава, едноставно и не прашуваат дали детето може да отсуствува. Има родители што знаат да влезат среде час, на пример, во 10 наутро, и да побараат од детето да излезе. Се обидувам да работам со нив за ова, наставата е сериозен процес и не смее тукутака да се нарушува. Ако, на пример, посетата на стоматологот не е итна, таа може да се закаже кога ќе заврши наставата. Децата сега стекнуваат навики и се учат на вредности, а тие мора да се вистински – објаснува Ѓеркоска.

Ако не дента, тестот ќе го полагаат следниот

Директорите на училиштата со кои поразговаравме, пак, велат дека се случува децата да не се појават на најавено тестирање, испрашување или писмена работа. Даница Блажеска, директорката на училиштето „11 Октомври“ во Скопје, вели дека во ова училиште бегањето од настава не се случува често, но дека има ученици кои се обидуваат да избегнат некој тест.

– Тоа знае да се случи на самиот ден, но ученикот е отсутен цел ден, а не само на тој час. Или, пак, имаме и ученици што потешко ги доживуваат тие тестирања. Некогаш проблемот е реален, а некогаш се симулира. Во таков случај соработуваме со родителите, согледуваме дали детето навистина има проблем или не. Ако има, наставниците се тие што работат за да ги опуштат и да им го намалат психичкиот притисок. Наставниците им помагаат на децата да се соочат со одбегнувањето на одредена тешкотија. Оние деца што одбегнуваат тестирање не се ослободени од тестот, секако, ќе го полагаат кога ќе дојдат на настава, така што, само го одложуваат – вели директорката.

Децата учат од пример

Ива Стојановска, училиштен психолог, вели дека, за жал, од многу причини денес се среќаваат со сè повеќе родители кои им дозволуваат на своите деца без особена причина да изостануваат од наставата.

– Нагласувам дека тоа не се сите родители, но постојат и такви што ги оправдуваат секојдневните доцнења, заминувањето порано дома, а се случува и да им дозволат на децата да останат неколку дена дома за да научат за тековните тестови и испрашувања. Јас лично секогаш се обидувам да им ја укажам важноста од нивното вклучување во училишниот живот на детето – додава Стојановска.

Психолозите објаснуваат дека децата најмногу учат од модел, пример. Најдобар и прв пример се родителите. Како ученикот ќе се однесува кон наставата и училиштето, колку ќе биде организиран и одговорен, во голема мера зависи од родителот, а навиките и гледањето на нештата се стекнуваат од мали нозе.



912

X