Основно училиште во Кордоба воведе нов предмет: знаковен јазик. Учениците во трето и четврто одделение учат да комуницираат со раце исто како што учат математика или кој било друг предмет. Идејата на овој проект е да се зголеми вклученоста на сите ученици.

Проектот функционира од 2007 година, со цел глувите и немите ученици да имаат еднакви услови за учење. Оттогаш, на часовите со такви ученици двајца наставници користат и устен и знаковен јазик.

„Сега одиме чекор понапред и им го предаваме знаковниот јазик на учениците“, истакнала координаторката на тимот за знаковен јазик, Марија дел Мар Молина. „Сметаме дека е многу важно секој да знае како да комуницира на овој начин“, објаснила таа.

Во училиштето моментално има 10 глуви ученици. Шест наставници го сочинуваат тимот кој овозможил воведување на знаковниот јазик како наставен предмет во ова училиште.

„Нема посебни книги за глувите ученици, сите учат користејќи исти материјали и имаат исто ниво на знаење“, додала Марија дел Мар Молина. Откако дознале за воведувањето на овој предмет во училиштето, некои семејства се преселиле во Кордоба.

„Дојдов за моето глуво дете да се чувствува исто како и другите деца“, вели мајка која се преселила од Ла Карлота.

Засега учениците имаат по еден час по знаковен јазик неделно, а Марија дел Мар Молина се надева дека децата ќе почнат да го посетуваат уште на тригодишна возраст.

„Целта е нашите ученици да можат да комуницираат со сите наставници, ученици и секретари, па дури и со вратарите. Сакаме ниту еден од нашите ученици да не се чувствува поинаку и да не се гледа поинаку од другите“, заклучила таа.

Веќе може да се видат деца како комуницираат со знаковен јазик во ходникот или во училницата на ова училиште.

Извор



912

X