Кога првпат станав мајка, не замислував дека ќе бидам осамена. Откако ќе родиш друго човечко битие, секогаш имаш придружник. Но, понекогаш мајчинството може да биде најосамената работа на планетата.

Кога моите деца беа бебиња, јас бев гладна за интеракција со возрасни лица. Толку многу работи се случуваа што беше тешко да не се изгуби умот. Па постојано го отворав профилот на „Фејсбук“ за да читам објави, додека го чував бебето. Или ќе се обидев да му испратам порака на пријател за солидарност кога бебето ќе извршеше голема нужда по четвртото пресоблекување во денот. Но дури и со таа интеракција со возрасно лице понекогаш можете да се чувствувате застрашувачки осамени.

Како што растеа децата, јас чувствував различни видови осаменост. Сега имам повеќе време за интеракција. Можам да одам на ручек со пријател додека моите деца се на училиште или да излезам навечер со пријателките. Но, како што растат децата, јас сè повеќе сакам да поминувам време со нив (иако се во тинејџерска фаза). Вистината е дека моите деца се постари и понезависни, сакаат да одат по својот пат, а јас се чувствувам изоставено.

Има периоди кога сум задоволна со оние тивки, мирни моменти за себе. Кога децата се на училиште, јас можам да завршам еден куп работи. Но, некогаш зјапам во фотографии од децата на нивните профили на „Инстаграм“ или посакувам да влезат низ вратата поскоро за да ја исполнат куќата со врева, а јас да не морам да ги слушам своите мисли толку гласно. Тоа е парадоксот за мајките.

Сакаме да имаме време за себе, но кога го добиваме, ни недостигаат децата.

Моите деца се доволно возрасни за да играат надвор со пријатели или меѓу себе. Сакаат да читаат книга сами или да гледаат филм. Можат да имаат различни активности без мене. Пред неколку години помислата на независни деца ми звучеше недостапна. Но, сега, чувството е – осаменост. Се сомневам дека нема да станува полесно како што веќе навлегуваат во тинејџерските години и учат да возат. И ве молам не потсетувајте ме дека еден ден ќе се иселат од дома.

Најчудната работа за осаменоста на мајчинството е дека додека се чувствуваме изолирани, ние всушност не сме сами. На многу начини сите поминуваме низ истата борба. Само не зборуваме за неа бидејќи се плашиме дека ќе бидеме осудувани. Ја чуваме оваа осаменост закопана во најдлабоките делови од себеси. Мајчинството може да биде голем предизвик и неверојатно искуство, а исто така е и тешко за реализација.

Како да ги преточиме во зборови нашите стравови дека децата некогаш ќе пораснат и ќе нè остават и нема да погледнат назад? Или некои од другите грижи што нè мачат на дневна основа?

Тешко е да се оди наоколу со срцата кои чукаат надвор од нашите гради. Нашите деца ни значат сè на светот. Константно мислиме на нив. Плачеме навечер за нашите грешки. Го сакаме најдоброто за нив, а сета тежина е кај нас. Тоа е осамен товар кој го носиме.

Но, која е поентата: не мислам дека мајчинството треба да предизвикува осаменост. Верувам дека ако доволно зборуваме и ги споделуваме оние скриени делови од себеси со некој на кој му веруваме, сите ќе се чувствуваме помалку осамени. И се грижам, исто така. Верувале или не, можеби знам низ што поминувате.

Затоа, престанете да се плашите. Да се отвориме едни кон други. Тогаш можеби, можеби, ќе бидеме помалку осамени додека ја извршуваме најтешката работа на планетава.

Автор: Мередит Етингтон

Извор



912

X