Во последниве години медиумите, институциите, наставниците и родителите постојано зборуваат за проблемите со врсничкото насилство. Сведоци сме дека сè поголем број деца, од сите возрасти, се соочуваат со овој проблем. Ова однесување почнува со меѓусебни кавги, инает и може да заврши со сериозни емоционални и психолошки проблеми во животот на детето што претрпува насилство.

Акцентот секогаш се става на насилниците и нивното однесување, и спречувањето на агресијата. Ретко некој зборува за децата што се жртви.

Какви проблеми имаат децата што страдаат од ваков вид насилство, каква тага носат нивните мали срца и колку се емоционално деградирани?

Како и во секоја група, без разлика дали станува збор за племе, класна група или животинска глутница, најслабата алка секогаш поминува најлошо. Не само што е отфрлена од другите, туку прави работи што никој не ги сака, исмејувана е и останатите употребуваат насилство врз таквата личност на секое поле. Ова се случува и во училиштата.

Децата што трпат ваков вид насилство честопати се затворени, имаат еден пријател или немаат пријатели, живеат во бесконечна тага, страдање и болка. Се чувствуваат осамени и мислат дека никој не ги поддржува.

Затоа е важно да се воспостави однос полн со доверба на релација дете-родител.

Овие деца ги кријат проблемите во себе, не сакаат да зборуваат за тоа, па затоа родителите треба постепено да му приоѓаат на детето. Постојат ситуации во кои децата не им кажуваат на своите родители со какви проблеми се соочуваат затоа што насилниците ги заплашуваат. Ова се оние банални детски примери: „Не кажувај никому, затоа што ќе…“

Често пати другите деца ги избегнуваат, ги исмејуваат и навредуваат, што секојдневно ги уништува. Таквите деца имаат огромна желба за прифаќање, пријателство и поддршка. Децата што се наоѓаат во оваа улога обично се обвинуваат себеси за проблемот што го имаат, се презираат, сметаат дека се помалку вредни и наоѓаат причини зошто пријателите не се дружат со нив.

Што треба да направат родителите во врска со тоа?

Родителите треба да посветат повеќе внимание на анализата на однесувањето на децата со цел да добијат одговори.

Ако детето е повлечено, плашливо, плаче, депресивно е, вознемирено, тоа се јасни знаци на внатрешни, скриени проблеми. За почеток, родителите треба да им обрнат внимание на своите деца и да воспостават (ако немаат) доверлив однос со нив. Важно е да се зборува и да се оспособи детето да зборува за проблемот, тоа е првиот чекор, а следниот чекор ќе биде развој на механизми што ќе му помогнат да развие самодоверба и да излезе од улогата на жртва.

Помогнете им на децата

Акцијата за спречување на врсничкото насилство, како и секој друг процес, е двонасочна. Затоа, првиот чекор паѓа на родителите и нивниот однос со детето, а вториот чекор би значел разговор помеѓу родителите, училиштето и надлежните институции со цел да се реши овој проблем и детето, кое е жртва, да се чувствува безбедно во училишната средина.

За возрасните е важно да го слушаат своето дете, да му помогнат да се отвори и што е најважно, заедно да го решат овој проблем.

Важна порака

Родители, разговарајте со вашето дете со почит, научете го да се цени и почитува себеси (и другите), воспоставете однос полн со доверба, отвореност, сигурност и потоа очекувајте најдобри резултати. Детето ќе ви се обрати веднаш штом ќе наиде на проблем.

Извор



912

X