Бремените жени се соочуваат со многу промени, а една од нив е и појавата на опстипација (запек).

Во тој случај, како и при појавата на другите проблеми, на пр., болки во зглобовите и неконтролирано мокрење – влијае лачењето на хормоните кои „циркулираат“ по целото тело. Тие доведуваат до опуштање на мускулите кои ги држат цревата, што доведува до забавено движење на храната низ нив. Зголемената матка притиска на цревата и така го забавува процесот на варење, што доведува до запек. Земањето препарати за железо во бременоста исто така може да доведе до ваква појава.

Што да преземат трудниците, советува дипломиран физиотерапевт Снежана Милановиќ.

Соочете се со проблемот

Доколку сте го имале овој проблем и пред бременоста, веројатно имате и „проверени“ начини за негово отстранување. Ако тоа не е случај, немојте да се помирувате со судбината, туку преземете нешто. Запекот не е само непријатност, туку секое подолго задржување на храната во цревата доведува до преминување на токсините во крвотокот, што неповолно влијае врз вашето здравје, а посредно и врз здравјето на вашето бебе. Исто така, може да предизвика и појава на хемороиди – уште една непријатност во текот на бременоста.

Променете ја исхраната

Првата мерка на претпазливост или борба со запекот е да се консумира храна богата со влакна, како и да се зголеми внесот на течности, пред сè, вода. Следниот чекор што ќе ја спречи појавата на запек, но и ќе помогне да се ослободите од тегобите е вежбањето. Ако досега не сте вежбале, или не можете од некоја причина, или не сакате да вежбате – дури ни поради запекот, и прошетката од половина час е вежбање. Во секој случај, ќе даде резултати – ако тоа го правите секојдневно, со соодветна исхрана.

Бидете физички активни

Позитивното влијание на вежбањето во бременоста е повеќекратно. Пред сè, ќе бидете во добра кондиција – што е многу важно бидејќи треба да се издржи бременоста докрај, а потоа и породувањето, кое се споредува со тешка физичка работа. Со вежбите се стимулира работата на срцето, кое е дополнително оптоварено поради зголемената количина на крв. Се зајакнуваат мускулите и се зацврстуваат зглобовите, кои ја носат вашата и тежината на бебето. Без разлика за која програма на вежби ќе се одлучите… Без разлика дали ги правите во група, во фитнес-центар или на подготовки за породување, или сами дома… задолжително правете вежби за зајакнување на мускулите на карличното дно, познати и како Кегелови вежби. Тие ќе ви помогнат во решавање на проблемот со запекот, а за нивното едноставно изведување не ви е потреба стручна помош.

Пробајте наменски вежби

Почнете со вежбање во лежечка положба – на грб, со свиткани колена и перница под главата и рамената. Концентрирајте се на мускулите во пределот на анусот и мочниот меур и силно затегнете ги. Држете ги така две-три секунди, па пуштете. Подоцна ќе ги држите и до десет секунди. Кога добро ќе ја совладате вежбата во лежечка, почнете со вежбање во седната, а подоцна и во стоечка положба. До четвртиот месец можете да вежбате во лежечка положба на грб, а подоцна тоа не се препорачува – поради притисокот на матката врз големите крвни садови.

Совладајте ги Кегеловите вежби

Ако изведувањето на вежбите не ви оди или не сте сигурни дека ги затегнувате вистинските мускули, проверете кога сте седнати на веце-школка. Додека го празните мочниот меур, прекинете го на момент млазот на урина, а потоа продолжете, но без да ги придвижувате нозете. Мускулите со кои сте го направиле тоа се оние од карличното дно, кои ги ангажирате во Кегеловите вежби. Со повторувањето на вежбата повеќе пати во текот на денот (25-50) набрзо ќе почувствувате значителна разлика во силата на мускулите. Бидејќи однадвор не се гледа дека вежбате, ова може да го правите во сите ситуации – додека седите во јавен транспорт, стоите и чекате ред, или завршувате секојдневни обврски. Силните мускули на карличното дно имаат позитивно влијание врз цревата, а со самото тоа и врз нормализирањето на поминувањето на храната низ нив, што ќе ве ослободи од проблемите со запекот во текот на бременоста. Друг, исто така важен ефект на Кегеловите вежби ќе почувствувате во текот на породувањето. Бидејќи добриот тонус и еластичноста на овие мускули обезбедуваат правилна позиција на породилниот канал, низ кој треба да помине бебето во текот на породувањето.

Поради слабоста на мускулите на карличното дно, може да дојде до запек при породувањето и негово подолго траење, како и проблеми со неконтролирано мокрење и запек во текот на бременоста и по породувањето. Дури и доколку сите овие проблеми не се присутни, последиците од слабоста на мускулите на карличното дно може да се манифестираат неколку децении подоцна: во вид на пролапс на матката, нејзино спуштање кон вагиналниот отвор – што е многу непријатно и често мора хируршки да се решава.



912

X