Докторите ги ставија во карантин момчињата што беа извлечени од тајландската пештера поради заразните организми со кои можеби се сретнале под земја. На кои болести би можеле да бидат изложени и колку се тие сериозни?

Засега момчињата се наоѓаат во стерилни изолирани простории, каде што единствениот контакт што им е дозволен е преку стаклена бариера. На нивните семејства им било кажано дека гушкањето и допирањето се забранети во периодот кога поминуваат низ низа тестови. Дури и ако им е дозволено, првата средба ќе биде на растојание од два метра и нивните родители ќе мора да носат заштитни костими. Зошто лекарите спроведуваат толку екстремни мерки на претпазливост?

Затоа што тропските пештери се жаришта за потенцијално смртоносни инфекции.

Овие пештери се дом на изобилство на диви животни, од птици и лилјаци до стаорци, кои можат да носат микроби, вклучувајќи беснило, вирусот марбург и други габични патогени. Како што навлегувате подлабоко, пештерите стануваат изгубени светови на отровни пајаци, печурки и скорпии. Крлежите што се хранат од нив носат „пештерска треска“, ретка болест што понекогаш човек може да ја фати при посета на напуштени згради.

Во пештерите можат да се најдат и пчелите убијци што градат улишта таму. Тука е и водата. Од ѕидовите на варовничките пештери постојано протекува вода. Тие така и се формираат – како што водата тече низ пукнатините, ја трансформира карпата и создава јаз. Оваа постојана сатурација, во комбинација со ограниченото снабдување со воздух, значи дека влажноста на некои пештери е близу до 100 отсто. Во пештерите населени со лилјаци воздухот е густ, со патогени габи, додека на дното се наоѓаат бактерии и паразити.

Пештерите се и темни – толку темни што многу животни што живеат во пештера целосно го губат видот. Астронаутите понекогаш ги носат во пештери за да се подготват за дезориентирачкиот живот што ќе го имаат во вселената. Во овие услови, дури и со факел, лесно е да се изгубите низ тесните премини.

– Сигурен сум дека момчињата ќе имаат хистоплазмоза. Тие беа во тропска област во пештера во која има лилјаци, така што голема е веројатноста да ја имаат болеста – вели Хазел Бартон, нуркач и експерт за пештерска микробиологија.

Хистоплазмозата е предизвикана од габа пронајдена во изметот на птиците и лилјаците, главно во влажни подрачја. Обично може да се третира со антифунгални лекови, што треба да се земаат неколку месеци, а можеби и година. Убива околу едно од 20 деца и околу 8 отсто од возрасните што се заразени.

Друг микроб што често се крие во пештерите е бактеријата лептоспира. Се шири во телесните течности и обично се добива по контакт со контаминирана вода.

Таа ја предизвикува болеста веил, која започнува како блага болест слична на грип. Во 5 до 15 отсто од случаите се развива во нешто посериозно, со симптоми кои вклучуваат внатрешно хеморагирање и откажување на органите. На крајот може да биде фатално.

Сепак, болеста на која најмногу се изложени момчињата е мелиоидоза. Оваа нова инфекција се среќава низ тропските предели, од Југоисточна Азија до Северна Австралија.

Болеста претставува голем број проблеми. Предизвикана е од бактеријата што живее во почвата и човек може да ја фати извршувајќи обични обврски. Дијагнозата е прилично мистериозна бидејќи се манифестира со широк спектар на симптоми – од кашлица до треска, кои се исто така белези за инфекција од многу други микроби. Отпорна е на широк спектар на антибиотици.



912

X