За онлајн-наставата и како таа влијае врз детскиот развој, за утринската програма на телевизијата „Нова С“ во Србија зборува доктор Ранко Рајовиќ, автор на НТЦ програмата за учење.
– Тоа е нужно зло, за децата е најдобро да одат на училиште. Ние правевме анкета со петтоодделенците и шестоодделенците и ни покажа дека 30 отсто од децата, додека траела онлајн-наставата, не правеле ништо. Тие седат покрај компјутер, но не се занимаваат со училиште, туку со нешто што им е поинтересно. Ние треба да смислиме и да креираме настава која на децата ќе им биде интересна. Со мојот тим веќе работам на тоа.
– За децата е многу важно движењето. Затоа не смееме да дозволиме 7-8 часа да седат и да гледаат во екран. Живите суштества што не се движат се билки, тие немаат неврони, а мозокот се развива во движење. Детето мора да открива додека учи – вели Рајовиќ.
Истакна и дека има проблеми со онлајн-наставата кај првачињата.
– Децата во градинка развиваат фина моторика, учат да држат пенкало, но знаат дека првиот ден на училиште е нешто важно. Многумина го помнат тој ден цел живот, а сега првачињата ќе видат учителка на екран. Затоа мора родителите да се погрижат да бидат креативни. Ние имаме НТЦ бесплатни совети онлајн со предлози за активности за родителите – што да прават и при возењето и во домот, и како да прават полигони дома за детето да се занимава, а не само да трча низ домот.
Доктор Рајовиќ вели и дека голем проблем на денешните деца е што не ја толерираат досадата. А за тоа не се виновни децата, туку родителите, кои секогаш брзаат да им го решат проблемот досада, главно со екрани.
– Многумина се жалат дека по 10 минути децата немаат концентрација, а тоа е бидејќи нема движење. На децата сè им се исполнува, веднаш им се дава решение за досадата – игри, ТВ, па не знае самото да ја реши досадата. Родителите можат да играат со малите деца „Не лути се, човеку“, со постарите деца да играат карти, јамб, шах… за детето да почне да развива длабоко внимание и да се укине претераното гледање ТВ и игри – вели Рајовиќ.
На прашањето на која возраст на детето може да му се дозволат игри, д-р Рајовиќ вели дека тој на своите им дозволил од 5 години, половина час дневно. Но, само под услов тој ден да поминат најмалку дупло повеќе време во парк, во слободна игра и во трчање.
Автор: А. Цвјетиќ
912