Во современите општества многу мајки се чувствуваат напуштени во бракот поради традиционалните родови улоги кои наметнуваат премногу обврски за мајките. Иако и татковците и мајките се родители, општествените очекувања често на мајките им ја наметнуваат улогата на примарен старател и покрај тоа што, како и татковците, се финансискиот столб на семејството. Овие вкоренети општествени верувања доведуваат до ситуации кога татковците не сакаат да се променат, па најголемиот дел од родителските обврски им ги препуштаат на мајките, што може да создаде чувство на емоционална изолација кај жените.

Термините како „намерно неспособен“, „примарен родител“, „ментален товар“ и „невидлив товар“ укажуваат на нерамнотежа во поделбата на родителските задачи, каде што мајките често преземаат повеќе од одговорностите, додека татковците остануваат помалку ангажирани.

Концептот на „мажена самохрана мајка“ ги опишува жените кои иако се во брак, најголемиот дел од родителските задачи ги преземаат без поддршка од партнерот, а причината за тоа е „неспособноста“ или игнорирање на нивните обврски. Ова им става дополнителен товар на мајките и создава чувство на осаменост и исцрпеност.

Една од клучните причини за оваа нерамнотежа е традиционалното воспитување и социјализација. Момчињата растат со пораки дека нивната главна улога е да обезбедат материјална сигурност, додека на девојчињата често им е нагласено дека еден ден тие ќе бидат одговорни за домаќинството и децата. Овие норми се застапени и во бракот, каде што мажите не се доволно охрабрени да развијат емоционална врска со детето преку секојдневните родителски активности како што се менување пелени, хранење или заспивање. Иако повеќето модерни мажи сакаат да бидат вклучени, тие често немаат шема или поддршка за споделување на тие обврски.

Од друга страна, покрај тоа што мајките ја преземаат главната родителска улога, тие го трпат и емотивниот товар поради немање поддршка бидејќи се чувствуваат како само тие да се одговорни за добросостојбата на детето. Овој притисок може да доведе до хроничен стрес, замор и чувство на напуштеност. Додека мажите може да бидат физички присутни во бракот, емоционалното отсуство преку избегнувањето на родителските одговорности придонесува за чувството на изолација и фрустрација кај жените.

Јазот меѓу партнерите може дополнително да се продлабочи поради недостиг на комуникација и разбирање меѓу партнерите. Кога мајките чувствуваат дека родителскиот товар паѓа само врз нив, тие се чувствуваат заробени и исцрпени, што може да влијае врз нивната перцепција за самиот брак како нефункционален и незадоволителен.

Извор



912

X