Здравје

Олабавени мерки и невакцинирани деца – како да постапуваат родителите?

Вакцинацијата против ковид-19 се одвива секојдневно на повеќе места во светот, па голем број лица веќе примиле и втора доза. Но, сè уште не се одобрени сите вакцини за деца под 16 години. Летото е период кога луѓето се дружат, но разбирливо е ако родителите сè уште се загрижени за децата и ризикот на кој тие се изложени. Носењето маска на отворено како мерка е укинато, а вакцините го нудат патот кон почетокот на крајот од пандемијата. Сепак, голема е бројката на невакцинирани деца, па родителите мора да носат одредени избори и одлуки во врска со тоа.

Кога може да се вакцинираат децата?

Засега, вакцината на „Фајзер“ е единствената што е достапна за малолетните деца, но од 12 години нагоре. Д-р Елизабет Хенри, педијатар и родителски тренер, вели дека можеби ќе треба да се почека уште малку додека се донесе одлука кои вакцини и за кои возрасни групи ќе се користат. „Децата од 12 години, па нагоре можеби ќе добијат вакцина до почетокот на есента, но за помладите можеби нема да се случи тоа до следната година, кога ќе се соберат повеќе информации“. Таа додава дека клиничките испитувања со деца се многу покомплицирани од оние со возрасни луца. „Децата имаат примено многу вакцини кои се добиваат на млада возраст, па студиите мора да се осигурат дека вакцината против ковид-19 нема да ги попречи вакцините што се задолжителни“, вели Хенри.

Ковид-19 може да биде опасен и за деца

„Како што децата растат, нивниот ризик за разболување со хоспитализација се зголемува, иако и новороденчињата и малите деца се изложени на зголемен ризик. Ризикот од смртен исход кај децата е многу понизок отколку кај возрасните, но и некои деца починаа од ковид-19“, стои во извештајот на „Јама педијатрикс“. Исто така, има и потенцијални живото-загрозувачки состојби и нуспојави за децата што ќе се заразат со вирусот, особено децата со астма, дебелина, срцеви заболувања и други ризик-фактори. Од „Јама педијатрикс“ објаснуваат дека, иако ретко, некои деца што се заразуваат со ковид-19 развиваат состојба позната како мултисистемски воспалителен синдром кај деца.

Дали социјализирањето е безбедно за невакцинираните деца?

Како што се приближуваме кон колективен имунитет, ризикот од ширењето на вирусот се намалува. Но, децата сè уште се ранливи, а нивните родители треба да останат претпазливи. „Бидејќи повеќето деца не се вакцинирани, тие се потпираат на возрасните следејќи ги јавните здравствени протоколи за заштита“, вели д-р Хенри. Ако децата поминуваат време со целосно вакцинирани членови на семејството и пријателите, тогаш е релативно безбедно за нив да бидат во затворени простории и без маска додека се социјализираат. Сепак, можеби е рано децата да бидат без маски во јавност, особено таму каде што стапката на невакцинирани возрасни е висока. Најдобро би било да се внимава и децата да бидат заштитени со маска каде што има голем број луѓе и во затворено. Д-р Хенри потсетува дека сè додека не се донесе конечна одлука и не се изврши делумна вакцинација на децата и под 16 години, прерано е децата да се собираат во големи групи. „Родителите треба да продолжат да ги штитат децата при групните активности. Роденденските забави, игралишта и други собири би требало да останат во помали групи уште некое време, сè додека вакцините не се доволно достапни за децата“, додава таа.

Како ќе влијае крајот на пандемијата врз децата?

Пандемијата влијаеше врз сите, особено мерките за изолација, така што нема одговор на ова прашање што одговара на сите, иако родителите би сакале да слушнат нешто такво. И самото држење на децата дома, далеку од пријателите, од активностите, училиштето и поширокото семејство им штети на децата, а сепак треба да се биде и внимателен. Без разлика дали ќе бидете претпазливи или малку ќе се опуштите по олабавувањето на мерките, сепак на децата им треба поддршка и водење низ овој процес на постепено враќање во нормала. „Децата малку ќе се борат овој период, бидејќи беа долго време изолирани – физички, социјално, емоционално и академски. За сите нив и за нас, возрасните, изминатиот период беше трауматски“, вели д-р Хенри. Таа препорачува родителите да бидат во тек со потребите на децата и да ја одржуваат отворена комуникацијата со нив. „Не плашете се да бидете ранливи. Дајте им до знаење на децата дека безусловно ги сакате. Тинејџерите, особено, може да бидат потешки за справување, но и тие сакаат да знаат дека родителите ги сакаат, ги поддржуваат и ги прифаќаат“, заклучува д-р Хенри.

Автор: Алис Кели

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top