Родителите споделуваат различни искуства. Едни велат дека со месеци чекаат нивните деца да тргнат во градинка оти одамна се на листата на чекање, а други, пак, дека местото го држат со редовно плаќање 521 денар

Битки за место во градинка има и кога немаме пандемија, а не пак сега, во услови на намалени групи. Едни родители молат за упис на детето, а други, пак, држат место иако децата им седат дома со месеци – пандемијата е непредвидлива и не сакаат да ризикуваат да ослободат место. Листите за чекање не се намалија. Во една градинка има дури над 300 деца што се ставени на списокот и чекаат да бидат примени. Овој период до слободно место за упис на дете кое досега не ја посетувало градинката може да се дојде само ако претходно родители го отстапат местото за друго дете.

Родителите велат дека се принудени да се снаоѓаат околу чувањето на децата, а надлежните, пак, посочуваат дека фактот што градинките работат со намален капацитет и со помал број деца во воспитните групи, со цел поголема заштита на здравјето на децата, ги принудува да прават приоритети при уписот на нови деца.
Согласно протоколот, воспитните групи за деца до двегодишна возраст треба да имаат по максимум 12 деца, а групите за децата од 2 до 10-годишна возраст треба да имаат по максимум 15 деца.

Едни држат место, а други чекаат да се ослободи место

Родителите споделуваат различни искуства. Едни велат дека со месеци чекаат нивните деца да тргнат во градинка оти одамна се на листата на чекање, а други, пак, дека местото го држат со редовно плаќање 521 денар, сума која им овозможува да не го носат детето во градинка, но за него да има место кога ќе посакаат повторно да ја посетува оваа установа.

– Плаќаме од март минатата година, а детето не ни оди во градинка. Пред неколку дена нè известија дека децата што воопшто не се појавиле откако почна пандемијата ќе ги отпишат по протокол, а дека кога ќе решиме повторно да го носиме детето, ќе го запишат во наредната група на иста возраст. Не знаеме што точно значи тоа, но стравуваме дека постои можност да го изгубиме местото во градинката – вели една мајка.
Друга, пак, посочува дека групите се пополнети и за упис на нејзиното дете чека со месеци. Била принудена еден период да работи од дома, се снаоѓала на различни начини да ѝ биде згрижено детето, но ситуацијата трае предолго и морала да реагира во градинката. Ѝ ветиле дека ќе ѝ излезат во пресрет и дека ќе најдат место во најбрзо време.

Прележале Ковид-19, па детето го пуштаат во градинка

Александра Јелиќ-Исаиловска, директорката на градинката „Срничка“ во скопската населба Аеродром, вели дека постојано добиваат нови барања од родители за упис на деца. Досега имаат добиено околу 300 барања од родители, не броејќи ги тие што пристигнуваат електронски.

– Условите и протоколите за едно дете да посетува градинка, поради ситуацијата, се јасни и прецизни. Гледаме да им излеземе во пресрет на сите родители, но, за жал, состојбата е таква како што е. Засега имаме разбирање од голем дел од родителите, се договараме за нивните планови, но и за нашите можности – објаснува таа.
Директорката посочува дека последниов период имаат многу барања од родители за упис на нивните деца кои цела година не ги носеле во градинка, но бидејќи прележале Ковид-19, сега се чувствуваат безбедни да ги пуштат децата во градинка. Немаме право да отпишеме дете од градинка, но можеме да се договориме со родителите што не го носат детето или, пак, ако е во последната возрасна група и од септември тргнува на училиште, да го отстапат местото за дете што навистина треба да биде примено и чии родителите се во работен однос или родителот е самохран – објаснува таа.
Поради ситуацијата, отвориле и нови групи, а адаптирале и нови простории во објектите.

И Снежана Тодоровска, директорката на битолската градинка „Мајски цвет“, вели дека постојано добиваат барања за упис на нови деца.
– На листата за чекање имаме од 200 до 300 деца. Така е и секоја година. Се случува во текот на месецот родители на две до три деца да отстапат место, па тогаш за запишеме друго дете – додава таа.

Приоритет имаат самохраните родители и двајца вработени родители

Од Министерството за труд и социјална политика – МТСП велат дека до сите детски градинки доставиле писмено укажување да продолжат со упис и згрижување на деца, особено на оние чии двајца родители се во работен однос, без разлика дали работат од дома или со физичко присуство.


Писмено е укажано да се интервенира и да се контактираат родителите чии деца се запишани, а не се донесени за престој во детските градинки во овој период.


– Приоритет за посетување градинка во овој период им се дава на децата на самохраните родители и на децата чии двајца родители се вработени и за тоа ќе донесат потврда во установата, а одлуката за згрижување на другите деца и упис на нови деца ја носи самата детска градинка доколку има помал број на деца во групите од предвиденото во Протоколот и доколку просторните капацитети го дозволуваат тоа – додаваат од Министерството.
Оттаму велат дека надлежните во детските градинки треба да изнајдат начин, односно дополнителен просторен капацитет (адаптација на простории) за згрижување и на другите деца што се запишани или се на листи на чекање.

На листа на чекање 2.700 деца

Со оглед на состојбата со пандемијата и согласно протоколите, детските градинки во земјата можат да згрижат вкупно 21.031 дете. Според последните податоци од 1.4.2021 година, дневното присуство на згрижени деца изнесува 14.415 деца, од кои најголем број се деца на самохрани родители и деца на двајца родители кои се вработени и за тоа донеле потврда од работа. На листа на чекање, според протоколот, има 2.700 деца – посочуваат од МТСП.



912

X