Многу пресвртници во животот на бебето ги дочекуваме со возбуда и насмевка на лицето, но постојат и такви што ги дочекуваме со страв и неизвесност, на пример, одвикнувањето од пелените.
Целта на родителите е да го оспособат детето да премине на нокшир, земајќи ја предвид неговата растечка желба за независност, без предизвикување чувство на срам. Затоа, методата Монтесори користи специфичен речник за обраќање кон детето во текот на овој процес – одвикнувањето од пелени. Еве 8 Монтесори-реченици што ќе му помогнат на вашето дете успешно и темелно, без срам, да го совлада одвикнувањето од пелените.
1. „Гледај, пелената ти е мокра. Ајде да ја смениме“
Свеста за телото и речениците што се користат при менувањето пелени почнуваат уште од најраните денови. Во првите месеци нашите активности околу бебето вклучуваат често менување на пелените, што е одлична можност детето, чекор по чекор, да стане свесно кога му е влажна или полна пелената и дека менувањето му помага да се чувствува попријатно и чисто.
Од перспектива на Монтесори-учењето, треба да се избегнуваат негативните фрази. Треба да се отстрани секој облик на негативна терминологија, дури и при менувањето пелени, без оглед на возраста на детето. Ако кажете дека пелената е грозна и смрди, ризикувате вашето дете да се почувствува лошо во врска со своето тело, што може да доведе до долгорочни последици при одвикнувањето од пелени.
Менувањето пелени во Монтесори-стил е тимска работа. За бебиња од најмлада возраст тоа значи дека му зборувате и му објаснувате на бебето што правите во моментот. За постарите бебиња, тоа може да личи и на игра – кажете им да ги дигнат ножињата, додека од бебињата што веќе одат можете да побарате сами да ви донесат чиста пелена.
2. „Сега си толку стабилен/на. Ајде да пробаме да ја смениме пелената додека стоиш“
Штом вашето бебе ќе стане доволно стабилно да може да стои со придржување, веднаш обидете се да му ја замените пелената во стоечка положба. Детето може да се придржува на работ од кадата или за лавабото.
Ако досега сте практикувале менување пелени во детската соба, сега е совршено време таа активност да ја префрлите во бањата. Така детето постепено ќе почне да го поврзува одењето во бањата со тоалетот.
3. „Соблечи ги сам/а панталоните, те молам“
Кога детето стои стабилно, време е да почне самото да се соблекува. Охрабрете го бидејќи таа вештина е од суштинско значење. Кога ќе научи брзо да се соблекува, ќе биде сè полесно за одење во веце.
Погрижете се во тој период детето да носи растегливи панталончиња или хеланки кои лесно се соблекуваат. Имајте на ум дека овој процес бара многу трпение и вежби, па не е лошо да се започне што е можно порано.
4. „Дали би сакал/а да седнеш на нокширот?“
Монтесори-методата налага да го прашате детето дали би сакало да седне и да го проба нокширот, тогаш кога знаете дека може самостојно да седне и да стане од него.
Дури и кога ќе каже „не“, добро е да продолжите со поставувањето на тоа прашање секогаш пред да го преслечете. Можеби вашето дете ќе се согласи и ќе седи цели 2 секунди, но на тој начин ќе почне да се навикнува на идејата дека во еден момент ќе почне да го користи нокширот и секој нареден пат ќе седи подолго.
Иако не постои универзална одредница кога детето треба да почне да користи нокшир, забележано е дека интересирањето за самостојно извршување нужда почнува во периодот од 12 до 18 месеци. Не вршете притисок врз детето, самите ќе забележите кога тоа ќе биде подготвено.
5. „Време е за нокшир“
Кога ќе забележите дека детето е волно да користи нокшир, почнете да ја користите оваа реченица: „Време е за нокшир“. Многу деца во прво време ќе се спротивставуваат велејќи „не“ затоа што и деветте развојни фази – фазата „не“ и фазата „нокшир“ – се одвиваат во исто време.
Иако не треба да го форсирате детето да седи на нокширот, сепак употребете ја оваа фраза затоа што таа суптилно ќе му стави до знаење на детето дека тоа се очекува од него затоа што доволно пораснало. Темпирајте го ова обраќање во време кога вообичаено извршуваат нужда, кога ќе станат наутро или по појадокот.
Ако се случи и натаму да го одбива тоа, обидете се со ограничување на изборот: „Можеш да одиш во тоалет сега или откако ќе завршиш со редењето сложувалка“.
6. „Се измочка во тоалетот како мама и тато!“
Монтесори-пристапот никогаш не употребува казнување, туку награди и пофалби. Меѓутоа, премногу пофалби и издигнувања на детето на пиедестал може да му создадат притисок дека мора да успее во сè, па како последица може да развие аверзија кон нокширот и бањата.
Изнесете ги само позитивните набљудувања, втемелени на факти кои ги имате пред себе. Не дозволувајте детето да помисли дека емотивно сте се поврзале за фактот дали ќе успее или не. Тоа е преголем притисок за едно младо битие.
7. „Подготвен/а си за своите први гаќички“
„Следете го вашето дете“ е една од поставките на методата Монтесори, која вклучува и знак за подготвеност за одвикнување од пелени. Секогаш обидувајте се да го следите своето дете и неговото растење како знак за зелено светло за која било нова активност.
Следете ги следниве знаци:
* Пелената му е сува подолго време;
* Може да ги соблече и да ги облече панталончињата;
* Покажува интерес за самостојно одење во тоалет;
* Ви кажува кога треба да му ја смените пелената;
* Секогаш успешно извршува нужда на нокширот.
Кога ќе видите дека вашето дете е подготвено за нокшир, целосно преориентирајте се на употреба на нокшир и да носи гаќички и дома и надвор од дома. Ќе го збуните детето ако дома носи гаќички, а надвор пелени. Можете да му ставате пелена ноќе уште извесно време, додека не забележите дека таа е сува подолг временски период.
Во првиот налет на одвикнување од пелените обидете се да бидете дома и често да го потсетувате детето на нокширот. Да речеме на секои 30-45 минути. Постојат пелени што потсетуваат на гаќички и кои се многу удобни за овој период.
8. „Ми се чини дека гаќите ти се мокри. Време е да ги преслечеме“
Дури и кога вашето дете успешно ќе премине на гаќички како замена за пелени, ќе се случи да се измочка во гаќите. Не дозволувајте тоа да ве изнервира, ниту да изгледате иритирани. Само кажете: „Ми се чини дека гаќите ти се мокри. Време е да ги преслечеме“.
Погрижете се цело време детето да е активно вклучено во одвикнувањето од пелени. Ако се измочка на паркетот, дајте му крпа да избрише, така ќе направи поврзување меѓу тоа што го прави и кога е време за преслекување.
Процесот на одвикнување од пелени и навикнување на нокшир може да изгледа страшно, но сè е полесно кога ќе го прифатите фактот дека децата немаат целосна контрола над вршењето нужда. Сè што можете да направите е да го охрабрите своето дете, да покажете емпатија, да имате трпение и да му се обраќате позитивно и со почит.