Семејните состаноци се дел од алатките на позитивното родителство кои им помагаат на децата да ги научат различните социјални и животни вештини. Некои од нив се:

– Активно слушање;
– Поставување прашања;
– Решавање проблеми.

Еве и неколку правила за организирање на семејните состаноци:

– Може да се организираат од еднаш неделно до еднаш месечно, во зависност од обврските на членовите на семејството.
– Не би требало да траат повеќе од 30 минути, што зависи и од возраста на децата.
– Со ваквите состаноци можете да почнете кога барем едно од децата има над четири години.
– Доколку сакате да ја одржите оваа традиција во своите животи, задолжително е однапред да ги закажувате семејните состаноци за претстојната година.

Правила за однесување на семејниот состанок

На семејниот состанок можете да отворите теми како што се ривалството помеѓу браќата и сестрите, непочитувањето на поставените правила во домот, организацијата на домашните обврски, како и договорот каде детето ќе оди на летување или зимување. Доколку постои некој конфликт, подобро да не го решавате веднаш кога ќе се случи и кога сте под влијание на интензивни чувства на лутина и повреденост, туку кога ќе се „изладите“. Семејниот состанок е одлично време кога треба да се дискутира со децата за таа непријатна случка.

Во текот на состанокот најважно е да не ги осудувате и напаѓате другите членови на семејството (па ниту децата), туку преку поставување прашања да се откријат причините за одреденото однесување, како и тоа кои се потребите на другите членови на семејството. На крајот, обидете се да договорите некој нов систем и план според кој сите во семејството можете да живеете. Пробајте го тој нов план во наредните (на пример) две недели. Ако не функционира, тогаш на следниот семеен состанок можете повторно да дискутирате за тоа и да направите нов план.

Многу е важно тој состанок да е намерно закажан и да се одржува секогаш во исто време (на пример, секоја втора сабота во 13 часот), кога сте сигурни дека сите членови на семејството се присутни. Обележете во својот календар состаноци за годината и обидувајте се да се однесувате како кон секој друг сериозен работен состанок, но овој пат овој би имал повеќе топлина и разбирање.

Автор: Николина Милосавлевиќ



912

X