Важно е да го разликуваме пријателството од родителството и на тоа да го научиме и детето бидејќи нему му е потребна мајка, а не уште една пријателка.

Односот помеѓу мајката и ќерката е посебен и специфичен. Цврст и нераскинлив. Полн со топлина и љубов. Во мајчината прегратка чувствуваме необјаснива сигурност, таа ни е потпора, пример, авторитет, патоказ, некој што нè разбира и кога другите не можат. Нашето рамо за плачење, пријателка за цел живот…

Психологот Елена Кузмановиќ од Србија вели дека односот помеѓу мајката и ќерката е еден од најсилните и најинтимните, со самото тоа и најризичен доколку не развиле добра комуникација. Специфичноста е всушност во сличноста што постои меѓу нив и во доживувањето на мајката дека ќерката е своевидна рефлексија на неа.

– Мајката ѝ е прв модел на жена на ќерката и најраната врска со светот, од што зависи каков однос ќе изгради и кон себе – вели Елена Кузмановиќ.

– Од најраните денови со своите реакции и грижа ги рефлектира потребите на детето и му создава слика за неа самата. Детето преку мајката учи кое е, а ќерките дознаваат и што значи да се биде личност од женски пол. Затоа е важно мајките да имаат свест за сложеноста на сопствената улога во односот со ќерката. Ако појдеме од познатата реченица на Симон де Бовоар – дека жената не се раѓа, туку жена се станува, тогаш е јасно колкава е улогата на мајката во тоа.

Добриот однос помеѓу мајката и ќерката подразбира блискост и доверба, како и здрави граници во комуникацијата. Задачата на родителот е да одгледа самостојно и емоционално здраво дете бидејќи од тоа зависи квалитетот на неговите идни односи. Доколку се изгради сигурна поврзаност, детето е смирено, емоционално здраво, па подоцна на сите им пристапува со доверба. Кузмановиќ објаснува што значи да се биде добра мајка, а што добра ќерка:

– Добрата мајка ја почитува и ја сака својата ќерка, без разлика на нејзината возраст. Тоа значи дека ја третира како индивидуа, дека не се обидува да ја стави во рамките на сопствените очекувања, дека создава сигурна емоционална потпора и претставува добар модел за неа, најпрво во здравиот однос кон себе, а потоа и кон ќерката.

Добра ќерка е онаа што е одгледувана со љубов и почит бидејќи учејќи од родителите, од нивниот однос кон неа, станала емоционално зрела и балансирана личност.

Јакнење на самодовербата

Истражувањата покажале дека ќерките што воспоставиле добра комуникација со мајките имаат поголема самодоверба и самопочит, подобро се однесуваат кон себе и прават квалитетни партнерски релации.

– Ќерките се поврзани со мајките на повеќе нивоа, најпрво со раното одгледување кое нè врзува за нив генерално (што е заедничко за двата пола), а подоцна и фактот дека е истиот пол како нас – смета психологот. – Начинот на кој мајката нè води низ процесот на растење и индивидуализам во голема мера влијае врз младата личност која се формира. Затоа на мајките им е потребна голема поддршка од татковците, особено во раните периоди на родителството, бидејќи има огромен притисок врз нивната улога, а балансирањето на двајцата родители може многу да придонесе.

Неретко се случува односите помеѓу мајката и ќерката да се нарушат кога ќерката е во пубертет. Што доведува до јаз помеѓу нив и како е можно да се оствари добра комуникација во тој период, кога детето е многу чувствително и специфично? Психологот нагласува дека се работи за бурен и силен момент во животот на секоја личност и дека тогаш не му е лесно ниту на адолесцентот ниту на родителите:

– Во преодниот период помеѓу детството и возрасната доба полека стануваме слични со нашите родители, во овој случај мајката. Пубертетот карактеризира процес на сепарација и индивидуализам, каде што ќерката сака да биде поразлична од мајката и да се почитува нејзината потреба за мислење и избори. Истовремено, на ќерката ѝ е потребно да го задржи чувството на блискост со мајката, но со јасни граници, што мајката некогаш ја збунува. Во тој тежок период обично се „жнее она што порано се посеало“, па важно е мајката да се вооружа со трпение, да ја почитува тежината на нејзините маки и желбата да биде различна. Како возрасна личност, мајката е емоционално подготвена да се носи со тешка комуникација, промените во расположението и бурните реакции на ќерката, додека адолесцентите се многу збунети со она што им се случува.

Ривалство и борба за моќ

Исто така, често може да се слушне дека мајката и ќерката се блиски како најдобри пријателки. Колку е тоа добро за односот родител и дете? Психологот вели дека не се работи баш за добри граници помеѓу родителот и детето. Важно е да се разликува пријателство од родителство и на тоа да го учиме детето.

– Родителот е тој што се грижи за детето, поставува рамки и здрави граници, учи и толерира, насочува, не го оптоварува со своите проблеми и не очекува од него апсолутно интимно доверување – објаснува Кузмановиќ. – Ќерката може да биде пријател со луѓе што се блиски на нејзина возраст. Нејзе ѝ е потребна мајка, а не уште една пријателка. Доколку, да речеме, мајката смета дека ќерката ѝ е пријателка, бидејќи ѝ раскажува интимни детали од животот, особено партнерскиот, повторно говориме за рушење на границите и давање улоги на детето што не му припаѓаат. Децата обично слушаат, помагаат и играат пријатели, бидејќи родителите така ги научиле, но на терапија кажуваат до која мера тоа ги оптоварува. Исто така, ако мајката инсистира на тоа ќерката да ѝ го кажува секој детаљ од животот и на интензивен контакт и во подоцнежна доба, тогаш говориме за лошите граници и некој вид недозволувања на детето да израсне и да формира свој свет и покрај мајчиното сознание.

Психологот нагласува дека терминот „најдобра пријателка“ често се користи и како средство за манипулација, со цел детето да чувствува емоционална обврска да биде искрено и да му служи на родителот. Што значи, мајката е мајка, пријателката е пријателка. Но, односите понекогаш може да одат во крајност и помеѓу мајката и ќерката да се јавува ривалство. Кога односите се нарушени и кога е нејасно што носи улогата на мајката, а што ќерката, можно е да се создаде и ривалитет кој обично одразува и некој вид борба за моќ, предупредува Кузмановиќ.

– Токму таа намера на ќерката да биде поразлична во некој период од животот може да предизвика кај мајката потреба за докажување дека „нејзиниот начин е подобар“, или дека таа е подобра, доколку неприфаќањето од страна на детето го сфати лично и како неодобрување. Слично може да се случи и со ќерката, со намера за докажување на својата зрелост, да го омаловажи сето она што е нејзината мајка, просто да го зацврсти уверувањето дека е поразлична. Особено во оние области во кои со мајката не се согласува. За жал, на крајот сите сфаќаме колку стануваме слични на родителите. Се случува и некои мајки лошо да се носат со стареењето, па во младоста на својата ќерка пронаоѓаат причина за ривалитет, поради што се трудат да го истакнат својот изглед или значење.

Изгледа дека односите помеѓу нив се најдобри и најзрели кога ќерката ја остварува улогата на мајка. Тогаш многу работи ги гледа од позиција на родител. Се јавуваат нови нивоа на разбирање, но постои и опасност од потенцијални конфликти. Ќерката се соочува со тежината на родителството, разбира низ што поминувала мајката, но можеби полесно ги увидува нејзините грешки и недостатоци што ги правела во одгледувањето.

– Често повеќе нè болат работите од минатото кога го гледаме сопственото дете и сфаќаме дека неговите потреби можеби не се преголеми, а на нашата мајка ѝ биле тешки. Во нашата култура е обичај мајките да им помагаат на ќерките по породувањето, некогаш за жал повеќе од татковците, па тука на нов начин се соочуваат улогите на мајката и ќерката. Се случува и млада мајка да почувствува некој вид љубомора поради различниот начин на кој бабата се однесува кон внучето, а не била таква како мајка, особено ако имале дисфункционален однос.

Важно е да се признае грешката

Обично се вели дека бабите имаат повеќе време за внуците отколку што имале за своите деца.

– Луѓето се менуваат, а не толку добрите мајките подоцна стануваат подобри баби, бидејќи ги сфатиле сопствените грешки, но со добра комуникација можно е тоа помеѓу мајките и ќерките да се поправи. Важно е родителот да се освести и да ги именува сопствените грешки, да му каже на детето дека му е жал поради тоа и да се обиде да создаде поквалитетен однос, бидејќи за тоа никогаш не е доцна. Доколку односите биле квалитетни и порано, родителството за ќерката ќе стане ново ниво на зближување и учење.

Извор



912

X