Децата можат да се однесуваат на начини кои возрасните ги сметаат за лоши, а таа процена често може да биде и многу погрешна. Да може да препознаеме кога детето има несакано однесување, реакција на општествените услови, односно кога е дел од развојната фаза или имитација на нечие однесување, ни овозможува да реагираме понежно и со повеќе сочувство.

Слаба контрола на импулсот

Дали ви се случувало да кажете на своето дете: „Не го фрлај тоа!“, а детето сепак да го направи спротивното? Истражувањата укажуваат на тоа дека мозочните региони задолжени за самоконтрола се целосно неразвиени на раѓање, а целосен степен на зрелост достигнуваат дури на крајот од адолесценцијата, со што се објаснува зошто развојот на самоконтрола е толку долг и бавен процес. Неодамнешите истражувања откриле дека многу родители претпоставуваат дека децата можат да вршат многу работи на рана возраст отколку што тоа им го дозволува нивниот развој. На пример, 56 отсто од родителите, сметаат дека детето помладо од 3 години би требало да се спротивстави на желбата да направи нешто недозволено, иако повеќето деца не ја развиваат оваа способност до 3 и пол – 4 години.. Потсетувањето дека децата не можат секогаш да ги контролираат своите импулси, може да доведе до понежна реакција на нивното однесување.

Преплавеност со стимулирања

Во едно попладне ние успеваме своето дете да го одведеме на прошетка, во парк и кај некого за да си игра, за на крајот да посведочиме на напад на бес, отпор и хиперактивност. Преполните распореди, преплавеноста со стимулирања и исцрпеноста, се обележја на модерниот семеен живот. Истражувањата покажуваат дека 28 отсто од Американците секогаш се во брзање, додека 45 отсто изјавиле дека немаат слободно време. Ким Џон Пејн, автор на книгата „Едноставноста на рдоителството“, смета дека децата доживуваат „кумулативна стресна реакција“ заради премногу активности, избор и играчки. Исто така, додава дека на децата им е потребно многу „мирно време“ за да се направи баланс во однос на времето кога се активни. Кога во дневниот распоред кај детето ќе вклучиме време за одмор, за игра и време за мирување, нивното однесување драматично ќе се подобри.

Основни потреби

Дали некогаш сте почувствувале неверојатна лутина и бес, само заради тоа што сте гладни? Децата се 10 пати почувствителни од возрасните кога не им се задоволени основните потреби, односно кога се уморни, гладни, жедни или настинати. Детската способност за управување со емоциите и однесувањето во многу нешта е помала кога се уморни. Многу родители забележуваат и голема промена во однесувањето околу половина час пред оброкот, кога ги будат во текот на ноќта или кога се болни. Децата не умеат секогаш да кажат што им е или да си помогнат самите на себе со лек, грицки, вода или дремка, како што тоа го прават возрасните.

Изразување на силни чувства

Како возрасни, ние сме научиле да ги сокриваме и контролираме своите силни чувства, често со нивно преместување или насочување на вниманието на нешто друго. Децата уште не умеат тоа да го прават. Едукаторот кој се бави со раното детство, Жанет Лансбри, автор е на одлична фраза која ја користи кога децата ги изразуваат своите силни емоции со врескање, плачење и викање. Имено, таа предлага родителите да ги „остават чувствата да се случуваат“ и да не реагираат ниту со казнување на децата кога тоа се случува.

Развојна потреба за движење

„Седи мирно!“, „Престани да го бркаш брат ти околу маса!“, „Престани да се мечуваш со тоа парче картон!“, „Немој да скокаш!“. Децата имаат развојна потреба за многу движење. Имаат огромна потреба да поминуваат време надвор, да возат велосипед или скутер, да составуваат или расклопуваат предмети, да се лулаат, да скокаат и да трчаат околу предметите. Наместо да ги нарекуваме немирни кога се енергични, подобро би било да организираме брз излет до игралиштето или прошетка околу соседството.

Вродена и развојна потреба да се спротивстават и да станат независни

Секој топол ден е преполн со кавги и расправи во семејниот дом. Детето инсистира дека е доволно топло да носи шорцеви, додека мајката тврди дека е температурата идеална за панталони. Моделот на Ерик Ериксон (1963) содржи постулати дека децата од првата до третата година, се обидуваат да бидат самостојни, а децата од претшколска возраст да покренат иницијатива и да прават свои планови. Дури иако ви е иритирачко кога детето собира домат додека е уште зелен, ја сече својата коса или прави тврдина од свежо испрана постелнина, имајте на ум дека тие го прават токму она што би требало да го прават во тие години – се обидуваат да ги спроведат сопствените планови, да се одвојат, да носат свои одлуки и да станат мали независни луѓе.

Доблести и мани

Сите ние имаме некои способности кои не красат, но и лесно не воведуваат во проблем. Можеби сме неверојатно фокусирани, но тоа не значи дека не можеме лесно да се прилагодиме и да преминеме од една работа на друга. Можеби сме интуитивни и чувствителни, но го впиваме како сунѓер туѓото негативно расположение. Децата се слични: можат да бидат мотивирани во училиште, но да имаат тешкотии да поднесат пораз (на пример, викаат кога ќе погрешат). Можат да бидат внимателни и грижливи, но и незаинтересирани за нови активности (на пример, одбиваат да одат на тренинг). Можат да живеат за моментот, но да не се организирани (да речеме, да ги оставаат играчките секаде по подот на собата). Препознавањето кога некое однесување кај децата е спротивно од нивните доблести, како и кај нас, може да ни помогне да реагираме со повеќе размислување.

Огромна потреба за игра

Вашето дете го мачка лицето со јогурт, сака да си играте баш кога вие се обидувате да му ги измиете забите или ги облекува чевлите од татка си наместо своите кога се брзате. Таквото однесување всушност, е она што Џон Готман го нарекува „понуда“ за игра со нив. Децата сакаат да се глупираат. Уживаат во заедничкото смеење и ги сакаат елементите на изненадување, возбудување и новитети. Играта често бара дополнително време и стои на патот на родителските планови и временските рокови, па често е перцепирана како отпор и непослушност дури и кога не е. Кога родителите ќе вклучат доста време за игра во дневниот распоред, децата немаат потреба толку да се трудат да ги викаат да си играат со нив.

Реакција на родителско расположение

Бројни истражувања за „заразноста“ на емоциите пронашле дека е потребна само милисекунда дека емоциите како ентузијазам и радост, како и тагата, стравот и лутината се пренесуваат на лицето и тоа многу често, незабележливо. Децата посебно го впиваат расположението на своите родители. Доколку сме под стрес, фрустрирани, децата ги имитираат овие расположенија. Кога сме смирени и стабилни, децата тоа го прифаќаат.

Одоговор на недоследни граници

На еден натпревар сте му купиле на детето сладолед. На следниот му велите „Не може, ќе ја расипеш вечерата“, а вашето дете почнува да плаче и вреска. Една ноќ сте му прочитале пет книги за добра ноќ, а следната инсистирате дека имате време само за една, додека детето моли за уште. Исто така, една вечер сте го прашале своето дете: „Што сакаш за вечера?“, додека следната вечер сте рекле: „Ќе јадеме лазањи, не може да вечераш ништо друго“. Вашето дете ќе протестира заради промените. Кога родителите се недоследни на границите, тоа често кај децата предизвикува фрустрација и доведува до плачење, викање и кавга. Како и возрасните, децата сакаат да знаат што да очекуваат. Било кој труд околу тоа да бидете доследни на своите граници и рутини, сериозно ќе го подобри детското однесување.

Дури иако го разбереме детското однесување и понатаму е потребно да се работи на него. Нежното поставување на доследни граници му помага на детето да развие позитивни рамки на однесување. Исто така, кога ќе ги земеме предвид овие фактори, можеме да го избегнеме размислувањето за децата како немирни и да го сфатиме нивното однесување како реакција на ситуацијата, растење и носење со работите, баш како што им се случува и на возрасните.



912

X