Некои деца често одат со спуштени рамена и наведната глава, седат со прекрстени раце и гледаат во под. Се сеќавам, додека одев во основно и средно училиште, мајка ми и баба ми често ми велеа: „Исправи се, Теа! Гледај како си подгрбавена!“

Дали и вие сте го чуле тоа барем еднаш во животот? Се надевам дека е така, а се надевам и дека истото им го зборувате на вашите деца. Толку пати сум го чула императивот „Исправи се!“, што често кога поминувам покрај излог од некоја продавница со поглед проверувам дали одам исправено. Зошто е важно да се внимава на држењето на сопственото тело? Пред сè, се работи за невербална комуникација која е многу важна, често поважна од она што го зборуваме. Говорот на телото, изразот на лицето, тонот на гласот и слично се невербални знаци кои значително влијаат врз нашата интеракција со другите во околината, па следствено и врз интеракцијата со самите себе (интерперсонална комуникација). Говорот на телото, начинот на кој го заземаме физичкиот простор, значително влијае врз тоа како се чувствуваме, како и за што размислуваме и на што се насочуваме. Позната е и врската помеѓу мислите, чувствата и рамките на однесување. Со контрола на сопствените мисли можеме да влијаеме врз емоциите што ги доживуваме, а потоа на крајот, да го избереме однесувањето – да донесеме избори.

Со промена на позицијата на телото ја зголемуваме сопствената моќ

Американската научничка Ејми Кади ја интересирало дали може со вежбање на одредени позиции на телото во просторот да се влијае врз когнитивните и емоционалните процеси. Ејми говори за феноменот за кој денес многу се пишува, а тоа е „power position“ – позиција на моќта, и истакнува дека заземањето на позицијата на моќ со своето тело во просторот поттикнуваме лачење на хормонот тестостерон (хормонот на доминација) и го намалуваме лачењето на кортизолот (хормонот на стрес).

Што значи тоа? Ејми докажала дека по две минути „позиција на моќта“ можеме да се чувствуваме подобро, да имаме поголема доминација и самодоверба, што сигурно може да помогне во некои предизвици и стресни ситуации (на пример, ситуацијата во која вашето дете треба да презентира важна тема на часот по историја).

Зошто оваа многу едноставна алатка да не ја користите и при работа со децата? Освен што децата ги слушаат и ги гледаат однесувањата на родителите, често и ги имитираат бидејќи така најдобро учат. Обрнете внимание на вашата положба на телото, прашајте се што ѝ порачувате на средината и како може да ве доживее вашето дете. Позицијата на моќта – да се стои цврсто со нозете на земја, да се биде со исправен грб, рамена и глава, а понекогаш да се кренат рацете во воздух – може да има позитивно влијание врз вашето емоционално доживување на стресните ситуации, како и врз мислите што ги имате за своите способности. Кога се работи за училиштето и извршувањето на училишните обврски, нормално е дека некои деца во одреден момент чувствуваат трема од јавен настап, страв од неуспех, срамежливи се да кренат рака и да го кажат своето мислење иако го знаат точниот одговор итн. Ова е алатка која може да се вежба и да се применува дома со цел зголемување на самодовербата на детето, па и развој на позитивна слика за себе.

Знаете ли како изгледа Капетан Америка на „Марвел“, кој високо лета со раката нагоре, а во другата има голем штит? Слободно вклучете ја фантазијата во приказната и осмислете ја позицијата на моќта со вашето дете. Тоа е можност за учење и фокусирање на работи кои вие и вашето дете ги имате или можете да ги имате под контрола. Тестот од историја ќе помине, подобро или полошо, но поважно од оценките е детето од мало да учи да се фокусира на работите кои може да ги има под контрола и на кои може да влијае, а тоа се: сопствените мисли, чувства и однесување. Со тоа ќе му помогнете на детето во градењето на самодовербата, избирањето да верува во себе, да биде истрајно околу препреките и задачите, па со сето тоа да ги контролира и мислите и чувствата.

Во одредени стресни ситуации и предизвици, но и во секојдневната игра, заземете позиција на моќ со детето. Помогнете му да се фокусира на работите што сака да ги оствари, а не на оние што сака да ги избегне – сака да прочита лектира и успешно да го напише тестот, сака да направи презентација и на крајот да биде задоволно од наученото и презентираното – треба да се фокусира на читање лектири, учење лекции, истрајност, на трудот, знаењето и верата во себе!

Учете ги децата како да станат суперјунаци во сопствените животи

Како да се вежба? Поттикнете го детето јасно и гласно, додека стои цврсто со нозете на земјата и со рацете на колковите, да рече: „Јас го можам тоа! Јас сум способен да го научам тоа! Јас верувам во себе!“ – со тоа детето на позитивен начин разговара со себе (позитивен самоговор). Така детето се фокусира на сопствената сила и ресурси (знаење, способности, комуникациски вештини, мирот потребен за излагање) и се движи кон остварување на целта, а не на надворешните чинители (лошо расположение на наставниците тој ден, тмурното време, техничките проблеми со проекцијата на презентацијата). Истото можете да го применувате кај помалите деца во ситуациите кога се лутат бидејќи мислат дека не можат да ја состават сложувалката, се откажуваат по првиот неуспех, мислат дека не можат да ја наместат сопствената облека итн. Речениците со позитивен говор кои од вас ќе ги научат ќе им останат в глава!

Кога ќе го споите доминантниот став на телото кој е моќен со наведените позитивни мисли (вежбајќи го тоа одредено време), сигурно дека ќе почнете да чувствувате поголема самодоверба по одреден период. Тогаш лесно ќе ги совладувате препреките, нема да се плашите од она што доаѓа, а кога ќе се јави страв, ќе знаете дека токму во таа насока треба и да одите. На овој начин го уверувате сопствениот ум дека сте силни, способни и моќни!

Нашето држење на телото навистина му кажува важна приказна на нашиот ум, па затоа учете ги сопствените деца како да станат суперјунаци во сопствените животи!

Автор: Теа Бошњак



912

X