Ако се вели дека школото треба да биде вториот дом на детето, како е можно истата училница да ја споделуваат деца од различни возрасти и одделенија?

Двосменската настава не е во ред. Иако е тоа концепт од едно време кога можеби условите и околностите го налагале, денес сметам дека тој концепт треба да се напушти од неколку причини. Не е природно за едно дете секоја недела да доживува такви промени – прва, па втора смена, тоа повеќе ме потсетува на работа во фабрика, а не на училиште – вели проф. Кирил Барбареев, доктор на педагошки науки на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.
Со оглед на тоа дека многу училишта во Македонија работат во две смени, а едно и во трета („Лазо Ангеловски“ од Ново Лисиче), Деца.мк поразговара со Барбареев, кој смета дека примерите на училишта во кои наставата се одвива во три смени се последица на односот кон образованието.
– Вакви примери не знам каде и на кои континенти можат уште да се сретнат – вели тој.

 

 

Како двосменското работење на школите влијае врз децата и нивното образование?

– Од педагошка гледна страна, ако се вели дека тоа треба да биде вториот дом на детето, како е можно истата училница да ја споделуваат деца од различни возрасти и одделенија? И можеби најголема причина е времето што детето треба да го поминува во добра стимулативна средина. Сѐ помалку се создава креативна и квалитетна стимулативна средина, а тоа значи соодветни простории за настава, одмор, рекреација и забава.
Оттука, сметам дека концептот на едносменски училишта треба да стане приоритет и цел во нашата држава. Таму каде што има можности, тоа може да почне веднаш. Некаде можеби е потребно доградување, некаде целосно нови објекти, некаде поинаква организација на училиштата во една локална средина. Тоа значи по завршувањето на образовните активности и задачи, учениците да продолжат со својот престој во училишната зграда, каде што ќе имаат можности за одмор, рекреација, културни, спортски и други активности, како дополнителна и додатна настава. На овој начин ќе се придонесе за подигнување на воспитанието кај младите, организирање на слободното време и намалување на непосакуваните девијации, кои се честа појава. Во оние општини каде што тоа не е можност, да се изнајде начин како дел од воннаставните активности училиштето да ги реализира во другите културни установи (музеј, театар, центри за култура…) кои, исто така, би биле вклучени во реализацијата на наставната програма.
Некаде во тие институции се вработуваат и наставници/педагози кои имаат работилници со учениците кога доаѓаат во музеј, ликовно ателје, театар, центар за култура или слично.

 

Укажува ли тоа каков е нашиот однос кон образованието?

– Сите размислувања дека тоа е скап концепт само потврдуваат дека државата штеди на сопствените деца и младина. Сите овие децении односот на државата кон образованието, како еден од најважните сегменти, е на поразително ниво. Државата штеди на платата на наставници, на инвестиции во нови и модерни згради и со тоа го понижува образовниот систем. Толку импровизации на квадратен метар нема никаде. Мислам дека ќе нѐ изучуваат во литературата како пример како не се прават реформи и промени, и тоа важи за сите влади во овие 28 години.

Каква е практиката во Европа во однос на ова прашање? Има ли слични примери како кај нас?

– Во Европа веќе се напушта тој концепт на двосменско учење. Мислам дека такви примери може да има уште само во Хрватска и во Бугарија, како земји со системи слични на нашиот. Но, целта во тие земји е промена на тој концепт. Јас не гледам и не слушам дека некој зборува и прави анализи на таа тема во Министерството за образование и наука во Македонија.



912

X