Појадокот е најважниот оброк во денот, а особено е значаен за децата во развој бидејќи им обезбедува нутритиенти и им овозможува да бидат активни во текот на денот.
Телото ја користи гликозата, односно шеќерот од крвта за создавање енергија. Појадокот овозможува да се дополнат нивоата на гликоза во мозокот, што е од голема важност бидејќи мозокот нема сопствени резерви на гликоза, па затоа нивото на гликоза во крвта мора да биде стабилно.
Ако се прескокне појадокот, резервите на гликоген во црниот дроб се намалуваат. Последица од тоа е многу мала количина енергија на располагање. Децата што го прескокнуваат појадокот понекогаш имаат и намалена концентрација, често се уморни и летаргични. Се случува и да не можат да ги надоместат потребните нутритиенти со другите оброци во денот.
Истражувањата покажуваат дека општото нутритивно ниво е поквалитетно кај лицата што појадуваат отколку кај оние што го прескокнуваат појадокот.

Ништо без појадок

Последиците од прескокнувањето на појадокот или од несоодветен појадок се:
* Децата се нервозни, иритабилни, уморни…
* Една третина од децата што не појадуваат не ја внесуваат потребната дневна количина на протеини, а 75% од нив не ја внесуваат препорачаната доза на калциум.
* Недостигот на калории го остава мозокот без „погонско гориво“. Децата не можат со полн капацитет да си играат и да учествуваат во социјални активности.
* Лошата исхрана предизвикува телото да не може успешно да се бори против болести и инфекции.
* Несоодветната исхрана води кон дебелеење.
* Оние што избегнуваат да појадуваат имаат полоши нутритивни навики во текот на денот, внесуваат повеќе калории и почесто јадат грицки и нездрава храна.

Важноста на калциумот

Во раното детство децата имаат зголемена потреба за калциум од млечните производи за да се потпомогне многу интензивната изградба и развој на коскениот систем. Од петте групи храна, млечната е клучна за растењето на детето. Меѓутоа, голем број деца не земаат ни две млечни порции на ден. На малите деца од една до три години потребни им се 500 милиграми калциум на ден, а на возраст од четири до шест години – 800 милиграми дневно. Една порција млечни производи се базира на количината калциум во една шолја млеко.
Интегралните житарки, овошјето и овошните сокови, како и млечните производи – прават вкусен и хранлив оброк. Добриот утрински оброк обезбедува протеини, јаглехидрати, малку масти и витамин Ц. Кога на детето му давате житарки, водете сметка да бидат од цело зрно, во една порција да има барем два грама влакна, не повеќе од 3 грама масти и не повеќе од 250 милиграми сол.
Недостигот на време е најчеста причина за пропуштање на појадокот. Меѓутоа, постојат многу брзи и лесни начини да се подготви и да се изеде појадокот.

Идеи за појадок

* Тост од интегрален леб, цереалии, јајца (обезбедуваат енергија што му е потребна на телото наутро);
* Запечен сендвич со сирење;
* Кајгана со зеленчук и сирење;
* Тврдо варено јајце и сок;
* Житарки со млеко и овошје;
* Тост со сирење и џус или овошје;
* Сендвич, млеко и овошје;
* Топло млеко и житарки (во зима);
* Остаток од пицата или питата од вечерата;
* Француски тост;
* Погача со сирење;
* Сок и банана, јогурт – подобро нешто отколку ништо (децата што консумираат млеко и млечни производи за појадок имаат соодветен надомест на калциум).

Корисни препораки

1. Бидете пример за вашите деца. Појадувајте. Еден од најдобрите начини да му помогнете на детето да создаде здрави навики е да му ги покажете вашите.
2. За дете од две години што јаде на маса, појадокот е искуство од кое учи. Во тој период детето има добро развиена координација на очите и рацете и е заинтересирано за нови вкусови и текстури. Сепак, бидете внимателни со храната од која детето може да се „задави“. Продолжете со житарките на кои се навикнало уште во првата година. Земете од сè што има на масата и сервирајте му во посебни чинии.
3. Најдобар начин да се поттикне апетитот кај детето е семејниот појадок. Полесно се јаде ако нема навалување и притисок.
4. Понудете храна во која ужива целото семејство.
5. Делумно подгответе ја храната претходната вечер (на пример, сварете ги јајцата).
6. Легнувајте порано за да станете порано.
7. Понудете му на детето две можности, тоа ќе му помогне да ги контролира своите склоности кон храната.
8. Каков било појадок е подобар од тоа воопшто да не се појадува. Но, потрудете се тоа да не бидат само крофни или слатки кифли. Полни се со калории, шеќери и масти, а не содржат нутритиенти што се неопходни за децата.
9. Многу деца не можат да јадат непосредно по будењето бидејќи нивниот желудник се „буди“ после другите делови од телото. Будењето десет минути порано обезбедува и „будење“ на апетитот.

Автор: Јасминка Комненовиќ, педијатар-нутриционист

 



912

X