Стекнувам впечаток дека многу се води грижа за исхраната на бебињата и децата, а нееднакво малку за покажување љубов кон нив. Кога би отишле на педијатар и би рекле дека бебето или детето не јадело 7 дена, педијатарот веројатно би имал многу загрижена и остра реакција. Се разбира, последиците може да бидат сериозни. А кога би рекле дека бебето или детето 7 дена не било покрај вас, тоа може кај сите да помине како незабележано и неважно, а близината на вклучениот родител и неговата љубов за развојот на психата и менталното здравје се исто што е храната за телото и физичкото здравје.

Родителите најчесто се изненадуваат кога кажувам колку е важен таткото за менталното здравје на детето уште од бременоста, па раѓањето и растењето, како и мајката. Често љубовта кон бебињата и децата ја мешаме со грижа и некои родители имаат впечаток дека родителството е поларизирано: „Или бебето среќно или мајката“. Веруваат дека некој секогаш мора да трпи или да се жртвува, Знаеме ли што е љубов, а да не е жртва? Знаеме ли како уживаат и мајките и бебињата, и родителите и детето? Знаеме ли каде, не само потребите, туку и љубовта на едните и другите се преклопуваат? Знаеме ли кои ни се вредностите во животот и како се бориме за нив и живееме според нив секојдневно?

Кога се породив, првиот коментар на бабицата беше: „Колку е убаво да се види дека е некој среќен поради бебето и дека му се радува, тогаш и нам ни е поубаво да ја работиме својата работа, а не, како денес – сите би сакале да родат и да ги дадат децата на бабите и дедовците“. Отпрвин тој нејзин коментар ми изгледаше непримерно и исфрустрирано. А потоа патувањето помеѓу другите родители продолжува, од цимерките во соба, до мајките во парковите и родителите во игротеките. Почнувам да имам ист впечаток како и огорчената бабица и сè повеќе таа нејзина изјава ми доаѓа на памет. Само што тоа отсекогаш го имало. Отсекогаш децата се „давале“ или „позајмувале“ додека родителите работеле или не работеле. Како не сме се запрашале како општество како им е на тие деца? Дека се физички здрави и дека не се гладни – тоа го гледаме, а што е со светот и менталното здравје, довербата во себе и во луѓето, што е со добрината, љубовта, помагањето? Бидејќи, за да помогнеме, ни треба чувство дека имаме доволно за себе и за другите, а не ако ти дадам тебе, да си одземам од себе.

Не сме му дале доволно значење на тоа, ниту психолозите зборувале за тоа колку фармацевтите и нутриционистите за исхраната.

Сакајте ги своите деца секој ден по цел ден, не е доволно да ги нахраните, да исчистите и да платите сè, и не само што не е доволно, туку недостига суштината, а тоа е љубов во секоја минута, додека сме лути, нервозни, изморени, бесни, осамени, искомплексирани – сакајте ги бебињата и децата.

И да додадам уште еден коментар кој го паметам и на кој се расплакав. На фестивалот на доење една трудница ја праша докторката, неонаталог во гинеколошка клиника, што да прави со доењето бидејќи по 3 месеци мора да се врати на работа. Докторката ѝ рече: „Работа ќе има секогаш. Вие ќе му бидете потребни на вашето бебе во тој период“…

И целосно ме разоружа со одговорот бидејќи се согласува со сите теории на афективно врзување, психоаналитичка развојна теорија, со срце и душа.

Дајте им го тој душевен леб без кој човекот не може исто како што не може без оној што го јадеме. Поважно е отколку што мислиме.

Автор: Сунчица Јованович, психолог

Извор



912

X