Воспитување

Кој паметен уред на која возраст да им го дадете?

Тешко е да се процени кога и кој паметен уред да му се дозволи на детето. Потенцијалот на дигиталните технологии како алатки кои на децата можат да им бидат од помош во училишните активности е неоспорен, како и можноста за нивна злоупотреба – да ги користат исклучиво за забава и за допишување со пријателите.
Ни останува нам, на родителите, да ги подготвиме и да ги научиме на одговорно однесување кога ги користат и да процениме кога се доволно зрели за да им ја дадеме таа одговорност. Светот на возрасните е свет на дигитални платформи и децата ќе се обидат да го имитираат, а подоцна и да ги репродуцираат примероците на однесување што ги гледаат во својата средина, па затоа е важно постепено да ги запознаваме со технологијата што ги опкружува.
Не постои консензус околу прашањето кога треба да се случи тоа, но експертите советуваат да си одговорите на неколку прашања пред да почнете да ги запознавате децата со новата дигитална технологија: дали се одговорни кон сопствените предмети, дали ги слушаат правилата што им ги поставувате, дали лесната достапност на пријателите ќе им помогне во социјалниот развој и колку ви е важно да ви бидат достапни децата.
Како родители, сами треба да процениме дали можеме потврдно да одговориме на овие прашања, па затоа следува и краток преглед на темата кога и кои технологии треба да им ги овозможиме на децата.

Таблет (од 5 години натаму)

Таблетот е најдобрата прва интерактивна технологија со која можете да го запознаете детето. Начелно, технологијата би требало да се држи понастрана од децата во првите неколку години од нивниот живот затоа што тоа е период кога мозокот забрзано се развива, а тактилната интеракција со светот и физичката активност се најважни за здрав развој. Светот во две димензии на екранот не може да биде добра алтернатива за реалниот свет во тој развој.
Таблетот е најдобриот уред со кој детето може да дојде во допир. Ги има сите функции како компјутер, може да го држи во скутот, па не мора да седи искривено на стол, ја вежба координацијата око-рака и ефикасното користење на екраните со допир (со кои ќе има најмногу интеракции во својот живот), а вие ќе имате целосен надзор над тоа кога, колку, како и за што ќе го користи затоа што ќе го употребува исклучиво во ваше присуство.

Паметен часовник (од 6 до 8 години)

Паметните часовници се нешто меѓу класични дигитални рачни часовници и телефони, со уште неколку функции наменети за посебни групи за кои се направени. Содржат ГПС кој на вашиот телефон ја испраќа локацијата каде што се наоѓа детето, а вие можете да поставите и безбедни зони (училиштето, дворот…). Ако детето излезе од тие зони, паметниот часовник веднаш испраќа предупредување, како и во случај детето да го извади часовникот од раката. Освен ГПС-локатор, часовникот ги следи и активностите на детето во училиштето, па секој ден можете да дознаете колку физички активности имало, колку чекори направило и слично.

Паметен телефон (од 9 години натаму)

Повеќето социјални мрежи имаат ограничување за користење од 13 години. Иако многу деца тајно отвораат свои профили многу порано, повеќето дотогаш користат слободни платформи, како што е „Јутјуб“.
Најчеста возраст на која родителите им ги купуваат првите мобилни уреди на своите деца е 10 години, но многумина од нив прават грешка кога сметаат дека нивниот стар, „класичен“ мобилен телефон ќе биде доволен.
Во очите на децата таа технологија е толку застарена, што сметаат дека е подобро воопшто да немаат таков уред. Можностите на паметните телефони толку го променија секојдневието, начините на кои комуницираме и ги впиваме новите информации, што денес поседувањето некој вид паметен телефон стана дел од општествените норми во кои детето мора да научи „добро да плива“ за да стане успешно.

Компјутер (од 12 години натаму)

Иако денес во секое домаќинство постои некаков вид компјутер, тој најчесто е „семеен“, ваш работен компјутер до кој детето нема редовен пристап.
Децата од 12-тата година веќе поседуваат работни навики поврзани со училиштето, знаат да користат интернет и мобилни уреди, физички се доволно развиени да можат да седнат покрај тастатурата, но и когнитивно, да можат ефикасно да го користат компјутерот.
И самата набавка на персонален компјутер за детето може да биде искуство од кое се учи. Можете да го составите сами, така што ќе заштедите пари и заедно со детето ќе го изградите неговиот прв компјутер. Така тоа на најдобар начин ќе ги разбере сите технологии што ги користи, ќе добие инженерски увид во начинот на кој функционира дигиталниот свет и ќе има многу повеќе почит кон уредот за кој станало одговорно.
Сугестиите на која возраст треба да им се овозможи допир со дигиталниот свет на децата се само насоки засновани на професионални заклучоци на педијатриски здруженија, организации за дигитална технологија и технолошки професионалци, па не мора слепо да се следат. Токму затоа на почетокот на овој текст ве упативме на одредени прашања на кои би требало вие како родители да одговорите пред да им ги отстапите уредите на децата.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top