…И плачев, признавам, не е воопшто убаво да си ја гледаш душата како вреска преплашена, како ги затвора ушињата, се тресе, а ти беспомошно стоиш и чекаш да помине ураганот…

Љубица Димовска

Велат, во моментот на зачнување, кога ќе се спојат првите две клетки од мама и тато, настанува електрично празнење и новата душа светнува. Колку посилно ќе светне, поздрав е ембрионот. Ако е ова точно, кога се создавала мојата мала душа имало страшна експлозија, огномет, врвна пиротехника… Дека тоа е одраз на здрав организам, тоа го прифаќам со радост. Но тука имаше и нешто друго…
Целата бременост ми помина во знакот на таа луда забава со најдобри аудио-визуелни ефекти. Првите движења ги осетив во третиот месец, наспроти убедувањата од најдобрата моја лекарка дека тоа е невозможно. Како одминуваше бременоста, журката стануваше пожестока, па имаше моменти кога мислев дека од папокот ќе ми излезе раче кое мавта во некој техно-ритам, а чекорите ги имав усовршено, можев да ги одиграм. Од 32. гестациска недела бев спремна да се пораѓам, а во 35. веќе на големо ја молев докторката да ја растури журката. Не се издржуваше. Дојде и тој ден… душата моја ме поздрави… громогласно!!! Велат секоја мајка си го познава плачот на своето дете. На моето дете сите му го познаваа плачот уште во родилиштето, и тоа од другиот крај на ходникот. Или како што милуваше мојата цимерка во болничката соба да рече: „Цимер, оваа твојава пак плаче“ :))))))
Со цело срце верував дека со породувањето журката ќе заврши, но набрзо ми станаа јасни изреките One man show и The show must go on.

Ја добив најмилата душа на светот што може да постои, најубавото бебе што некогаш се родило и најемотивното суштество што не сум ни можела да претпоставам дека егзистира. Кога спиеше, не можев да ѝ се изнагледам, така убава, мила и спокојна. Со будењето сликата драстично се менуваше, како очите и устата да ѝ беа на ист осигурувач. Плачот беше силен, продорен, без престанок, сè повеќе ми беше верна теоријата за експлозијата при спојувањето на првите две клетки…
Како минуваа месеците, така ги проверивме и ги отфрливме сите можни хипотези во однос на причината за таквото однесување, едноставно журката си продолжи, а јас се чувствував како уште да сум бремена, ама сега од надвор.
Бидејќи беше здраво бебе, единствено објаснување што го добивав беше дека е хиперсензитивна. Толку бев лута на моменти, што иако не ме разбираше, ѝ велев дека еден ден сè ќе ѝ вратам, само нека порасне…, мислев дека е разгалена, дека јас нешто сум згрешила, а бев иста како и со сестра ѝ, која е прекрасна, разумна, паметна…, некаде грешев дефинитивно.
Сите развојни чекори ги усвојуваше во последен момент… одбиваше да биде стимулирана, единствена омилена позиција ѝ беше кај мене в раце, или кога се исправи, залепена до мојата нога. И ова траеше. И не беше многу забавно. Како дополнителна компликација се јавија и апнеите (зајдувањето), па сега на секое нејзино плачење кај нас растеше и стравот. Нема место во градот на кое не сме лежеле наземи свртени на страна… улица, парк, плоштад, продавници… А најстрашно од сè е што со мало дете кое уште не зборува не можеш да се разбереш, ниту тоа знае да објасни што му смета, ниту дава јасни знаци кои можеш да ги протолкуваш…. Да не ги заборавиме и коментарите од околината, кои дополнително ја подгреваат ситуацијата и се апсолутно непотребни…

Постепено станав експерт за хиперсензитивност, емотивна преоптовареност, проблеми при сензорно процесирање. Морав да ја анализирам и разберам на ниво на атом мојата душа, за да можам да ѝ помогнам. И сфатив, не е таа разгалена, таа има проблем да се справи со информациите што ги добива од околината, да ги прими, обработи и адекватно да изреагира на нив. Некои не ги перципира, а други пак ги прима со нереално поголем интензитет. Морав да ја научам дека ако играчката ѝ падне, тоа не е причина да се самоповредува, да си го удира главчето од под и да плаче до зајдување. Уште повеќе, ги научив ситуациите што ја доведуваат до таа точка, па пробував да ги спречам. Честопати успевав. Кога ќе го пропуштев моментот, не пробував да ја тешам, таа не ме ни гледаше, ниту пак слушаше. Ја носев на мирно место и чекав да помине моментот. И плачев, признавам, не е воопшто убаво да си ја гледаш душата како вреска преплашена, како ги затвора ушињата, се тресе, а ти беспомошно стоиш и чекаш да помине ураганот.
За обичниот набљудувач, однесувањето на душата моја беше одраз на невоспитание и недостиг на дисциплина и тоа ми додаваше сол на раната, зашто немав намера да се правдам каква мајка сум, а во исто време немирот и нетрпението ми го достигнуваа плафонот. Ми доаѓаа идеи да го соберам аудиториумот и да му одржам предавање за разликите помеѓу тантрумите и однесувањето на хиперсензитивните деца, познато како емотивно топење.

Клучни разлики што треба да ги разбереме, заради тактиките што треба да ги примениме за надминување на овие ситуации, се следните:

1.Тантрумот е однесување на детето кое има некаква ЦЕЛ. Тоа свесно плаче, се тркала, се фрла на под, фрла играчки и предмети наоколу само за да му го привлече вниманието на возрасниот и да добие нешто што сака. Пример, се налутило зашто родителите му обрнуваат поголемо внимание на братчето во одреден момент, па поради тоа прави испад. Тантрумот трае сè до постигнувањето на целта, во овој случај родителите да го насочат своето внимание кон него. Во текот на тантрумот знае на неколку секунди да се смири и да провери дали го гледаат родителите.

2.Емотивното топење е реакција на емотивна преплавеност и детето нема никаква свесност, ни контрола над тоа. Настанува кога детето треба да испроцесира поголем број информации кои му доаѓаат преку сетилата во исто време. Тоа може да бидат звуци, движења и визуелни стимулации во забавен парк, или пак купче алишта што треба да ги проба во гардероба во продавница. Некогаш тоа се случува и при едноставна прошетка низ трговскиот центар. Сите тие информации го преплавуваат детето и тоа почнува да вика, плаче, да се крие, да ги покрива ушите или очите, да бега… Емотивното топење нема никаква цел, всушност, во тие моменти детето не е ни свесно што сака.

Оттаму, тактиките за смирување на овие однесувања се различни:

1.Кога детето има тантруми, треба да се осознае што е тоа што го сака, но без да му се даде. Тантрумот како однесување не треба да се наградува. Во претходно споменатиот пример треба да му се каже да причека да завршат со братчето, па ќе дојде ред на него. Исто така, дека ќе биде сослушано откако ќе се смири и со убав тон ќе каже што сака. Доколку го наградувате тантрумот, таквото однесување никогаш нема да престане, само ќе ги менува формите.

2. Кај емотивното топење, најдобриот начин е да се спречи испадот со препознавање на ризичната ситуација и нејзино избегнување. Доколку се пропушти моментот и процесот е веќе во тек, најдобро е детето да се повлече на мирно место, сосема малку или воопшто да не му се зборува. Целта е сензорниот инпут да се сведе на минимум.

Така со време се научивме со душата моја дека маскоти и луѓе избоени во лицето не сакаме. Крај. Доколку одиме на места каде што очекуваме дека ќе има такви ситуации (родендени, разни манифестации), тогаш однапред смислуваме тактика како да ги избегнеме. Се случува и непланирано да налетаме на некоја маскота, тогаш бараме мирно катче и чекаме бурата да помине. И молчам тогаш, ги замолчувам и добрите луѓе што очигледно мислат дека не сум му објаснила убаво на детето дека под маскотата е само еден обичен чичко… Бубачки исто така не сакаме, ама не ги убиваме, само мама ги преместува во нов дом… Во трговски центар ретко одиме, а ако ни е премногу гласно, си седнуваме на тераса…, помирно е. Во училиште научи да седи на место, ја научи вревата во училницата, наставничката на најочигледниот начин научи дека седење во филхармонија во горните редови и не е така добра идеја. А во второто полугодие самата се научи да чита и да пишува кирилица и латиница, програмата тоа не го бара од едно прваче, ама книгите сами нема да се прочитаат, треба да се потруди таа лично.

Хиперсензитивните дечиња се најдобрите пријатели, имаат широка душа и се спремни секогаш да помогнат. Го делат последното залче. Емпатијата им е развиена на највисоко ниво. Талентирани се и трудољубиви, се посветуваат на задачите што им ги поставувате. Единствено што тие не го бараат, меѓутоа им е есенцијално, е да бидат разбрани и доколку може, поштедени од ситуациите што им создаваат немир. Нивните родители исто така.

Посветено на мојата душа, мојата најсјајна ѕвездичка, која не сакајќи блесна најсилно во првиот миг на нејзиното создавање.

Авторката е дефектолог-рехабилитатор за ран детски развој



912

X