Автор на колумната е Наталија Томиќ, 16 години

Упатство за читање на текстот: Би ги замолила татковците да го прескокнат овој текст за да не го сфатат како пофалба. Тие што сепак сакаат да ѕирнат, нека не читаат докрај.

Напорен ден се завршува со вечера и топло млеко. Сите се подготвуваат за спиење, се сместуваат во своите кревети. Единствено мајката останува да ги расчисти садовите, да ја стави вазната на маса и чинијата со овошје, кое никој не го јаде ако таа не го исече. Потоа ја вклучува машината за перење, ги мести перниците на креветот, проверува дали е заклучена вратата… Наместо во својот кревет, легнува покрај детето кое е настинато. Ја крева перницата и така потпрена на лактот, дреме. Повремено со устата го допира челото на детето, да провери дали има температура. Секој допир се претвора во бакнеж. И така до зора. А потоа почнува нов ден преполн со обврски. Го подготвува појадокот, ужина за децата што одат на училиште, ја пружа облеката што претходната вечер ја перела, пишува пораки и потсетници, брзо и извежбано се шминка и речиси со трчање брза на работа.

На работа ја чекаат многу обврски и многу нервозни и нетолерантни возрасни лица. Додека е сконцентрирана на работата, ќе мора повремено да се префрла на други фреквенции. На пример, да се потсети каде е опремата за физичко, приборот за ликовно, клучот, парите за некоја училишна обврска, оној дуксер… Во некои потешки денови мора да биде и адвокат на далечина. Ќе ѝ се јави едното дете да се жали на другото, а потоа ќе се јави второто да се жали на првото. Во третиот повик и двајцата клиенти зборуваат во ист глас, а потоа гласот прераснува во врева и одземање на телефонот. Ја следи кавгата во живо со насмевка на лицето додека во себе чади. Колешката ја гледа под око. Веројатно во прва пригода ќе ја зачини приказната со своите прекрасни деца кои никогаш не се расправале, не дај Боже да се истепале. Додека голта кнедла, нашата мајка нема да ја потсети баш таа колешка дека поради децата минатата недела била на работ на нервен слом и дека ја слушнале сите, дури до петтиот кат.

Сега мајката размислува дали оние убави пенкала што ги купи за своите деца може да ги израдуваат кога таму некој добил најнов модел на телефон

Кога конечно ќе зачекори по улица и ќе вдиши воздух, помислува колку би било убаво да ги израдува децата со некоја ситница. Веќе заборавила дека пред неколку часа била на работ да се откаже од нив.

На патот кон дома, влегува во автобус, и ќе застане во некое ќоше. Ќе стои, бидејќи не е доволно возрасна некој да ѝ отстапи место. Гледа намуртени лица на возрасни луѓе. Често се бунат и лесно нервозата преминува во надмудрување и кавга. Кога повторно накратко ќе излезе на воздух, ќе наброи во себе што сè треба да купи во продавница. На касата беспотребно ќе губи скапоцено време, додека повторно некои возрасни луѓе се расправаат за тоа кој бил на ред. Со најмалку 2 кеси во раката, стигнува до својот топол дом во кој владее семејна идила. Таткото веќе пристигнал. Љубовта на нејзиниот живот и плодовите на нивната голема љубов, расфрлени по дневната соба, опуштено ги гмечат оние убаво наредени перничиња од синоќа.

Тонот на телевизорот е зголемен, но тие ниту го гледаат, ниту го слушаат. По телефоните бараат што има ново во белиот свет, а и нешто поблиску. Во домот за кој отсекогаш смета дека е нивна мала тврдина недостапна за сите други, почнува да добива информации: „Е дали знаеш кој се развел?“… „Дали си чула дека имало земјотрес во Индија?“… „Замисли што слушнав денес за соседот Перо“…. Се надоврзуваат децата: „Мојот другар доби најнов телефон“…. „Имам роденден во сабота“…. „Ја знаеш онаа Маша, има дечко“… Сега мајката размислува дали оние убави пенкала што ги купи за своите деца може да ги израдуваат кога таму некој добил најнов модел на телефон. А не му е дури ни роденден. И дали покрај она кафе, кое секој ден како ритуал го пие со својот маж, ќе биде доволно интересен соговорник. Не се развела, не вградила силикони, нема ботокс, не се истепала со никого, не го изневерила мажот, нема дури ни симпатија. За што да зборува, а тоа да не биде заморување. Со децата ќе ги премине случките од училиштето, потребите за следниот ден, ќе постави милион прашања и потпрашања, ќе помогне околу домашната, ќе ја испегла облеката која се исушила, ќе подготви вечера, ќе подели витамини во вид на сечено овошје… и така до викендот, кога сето ова истово се прави, само малку подетално.

Таткото се понудил да дежура покрај настинатото дете, но мајката секако не би можела да се опушти и да ја преспие ноќта. Нема смисла и двајцата да останат будни. И додека втората ноќ ја поминува полубудна покрај детето, размислува за чудното, непишано правило дека децата секогаш, за сè и сешто, ја викаат мајката. Дали е работата на таткото посериозна и поодговорна или, сепак, мајката е онаа што го знае одговорот на сите прашања? Зошто таа изговора реченица по 10 пати за да биде сигурна дека сите ја слушнале, а таткото го слушаат веднаш по првото изговарање?

Зошто со таткото секогаш е сè полесно и позабавно?

Зошто нејзиниот труд сите да бидат уредни, здрави и задоволни се толкува како „заморување“? Зошто тоа што таткото не се наведнува под креветите во потрага во изгубените чорапи е сосема кул? И зошто ручекот на таткото во вид на сендвич е оброк кој сите го фалат? А оние дамки од сок по маиците воопшто и не ги гледа иако седи покрај децата. И зошто таткото на прашењето: „Дали можам да одам надвор?“ не поставува потпрашања „Со кого? Каде? До кога?“ Се прашува – зошто на таткото толку слатко му се смеат додека гледаат домашна серија полна со домашни умотворби. Зошто со таткото секогаш е сè полесно и позабавно? И додека така размислува, сфаќа дека сите се добро, дека мирно спијат и дека единствено таа гледа проблем и таму каде што го нема.

Мамо,

излези понекогаш од себе. Уживај во попладневното кафе со шлаг со трач-партија со својата најдобра пријателка. Крени ги нозете на маса, смеј се со нас гледајќи серија додека го јадеш оној сендвич на тато. Остави ги ненаместени перниците и легни си в кревет. Сонувај некој убав викенд со своето семејство. Ослободи ја сета онаа твоја воздржана убавина. Ниту еден момент нема реприза. Сите ќе уживаат во такви моменти со тебе. Никој нема да остане гладен, без домашна, без ужина или чист дуксер. Ти си лекар, готвач, учителка, адвокат, домаќинка, гласот на разумот, но понекогаш, барем понекогаш биди и татко… па нека љубовта биде само љубов.

Автор на книгата „Седум смртни вируси“

Извор



912

X