Голем дел од учениците научија методи за „снаоѓање“ во одредени ситуации од типот „не ми работи микрофонот“, „снемав интернет“, „не ве слушам наставнику“…

Марија Богатиновска е одделенска наставничка во пробиштипското Основното училиште „Никола Карев“. Изминатава година водеше вторачиња. Таа е една од стотиците наставници што пандемијата ги исправи пред многубројни предизвици. Истражувањето што го спроведе УНИЦЕФ неодамна покажа дека родителите се задоволни од онлајн-наставата, но Богатиновска вели дека овој начин на учење ќе остави негативни и долготрајни последици врз учениците.

Кои беа проблемите, каков успех постигнаа учениците, како реагираа родителите… за овие нешта зборува Богатиновска за Деца.мк.

Исцрпувачка година

Учебната 2020/2021 ќе биде запаметена како една многу тешка и исцрпувачка учебна година, исполнета со многу предизвици, како за наставниците така и за учениците и за родителите. Сите учесници во воспитно-образовниот процес беа ставени во специфична ситуација во која мораа да се снаоѓаат, бидејќи едноставно немаа друг избор.

Наставниците мораа брзопотезно да се обучат за користење онлајн-платформи за учење, да се снабдуваат со соодветни уреди и да се организираат за реализација на настава која мораа да ја спроведуваат на начин кој им беше наметнат, некои со физичко присуство, а некои онлајн. Никој не нè консултира дали сме согласни со тие одлуки. Но, сепак, ние наставниците, бидејќи секогаш сме биле адаптибилни, за доброто на нашите ученици и овој пат се приспособивме брзо и давајќи сè од себе ја почнавме учебната година на начин кој од нас се бараше. Така и ја завршивме, а колку била успешна, ќе видиме кога сè ќе се врати во нормала. Сега, со сигурност можеме да заклучиме дека во однос на дигиталната писменост, сите наставници се на повисоко ниво за неколку скалила.

Што се однесува до учениците, ова и за нив беше голем предизвик и промена. Ништо не беше исто во однос на изминатите години, ниту за оние со физичко присуство ниту за оние онлајн. Првите, мали дечиња, на возраст од 6 до 8 години, се соочија со еден „тон“ протоколи, на кои, за среќа, брзо се адаптираа, а вторите имаа уште потешка задача, да седат дома сами пред компјутер, а да си замислуваат дека се во училница. На почетокот и не изгледаше многу лошо, но како одминуваше времето, учениците стануваа сè понезаинтересирани и сè поанксиозни затоа што им беше скратено она најважното, другарството.

Родителите, пак, беа изложени на непредвидени трошоци за купување ИТ-уреди и обезбедување просторни услови за следење на онлајн-наставата, кои некои и не можеа да си ги дозволат, па нивните деца следеа настава на телефон или телевизор.

Заклучокот е дека на сите ни беше тешко и дека сите имаме една иста желба: од 1 септември да се вратиме во училиште и да функционираме нормално.

Многу зборување под маска

Одложениот старт на учебната година и скратеното времетраење на часовите предизвикаа да чувствуваме тензија и страв дека нема да можеме да ги оствариме предвидените цели. Навистина ни беше напорно. И покрај тоа што работевме по скратена програма, сепак, имав чувство како да трчав маратон во кој понекогаш немав време ниту вода да се напијам. Работевме и во две групи. Наместо по 5 часа, имавме по 10 часа на ден (во многу општини сè уште не е исплатен надомест). Многу зборување под маска… беше навистина проблематично. Наставата беше ограничена, без можност за работа во парови и групи, без употреба на тактилни и манипулативи ресурси. Ми се чинеше дека се вративме 30 години назад. За среќа, имавме опција за визуелно прикажување на содржините во дигитална форма (проектор, лаптоп), која нè потсетуваше дека е 2021 година. Но, и покрај сите протоколи, на крајот можам да заклучам дека кај учениците со физичко присуство целите се остварени и учениците имаат задоволителен успех.

Не можев да го контролирам знаењето онлајн

Дефинитивно, има голема разлика во постигнувањата на учениците кои следеа настава со физичко присуство и оние онлајн. Тоа ние одделенските наставници од прво до трето можевме најреално да го согледаме бидејќи во одредени моменти имавме ученици во изолација поради позитивен член во семејството или контакти со позитивен на ковид-19 и тогаш тие ученици следеа онлајн-настава преку платформата MS Teams. Јас имав чувство дека сè се одвива нормално и дека учениците ги совладуваат новите содржини без никаков проблем. Тие беа активно вклучени на часовите, редовно ги пишуваа училишните и ги завршуваа домашните задачи. Но, кога по 2-3 недели се враќаа во училница, сепак се забележуваше разлика во постигнувањата. Многу е лесно да се контролира вниманието на ученикот во училницата, но во онлајн-наставата тоа е речиси невозможно. Тоа е всушност и причината за послабите постигнувања на учениците во учење на далечина.

Последиците ќе бидат долготрајни

Во разговор со колеги од предметна настава, може да се каже дека голем дел од учениците научија методи за „снаоѓање“ во одредени ситуации од типот „не ми работи микрофонот“, „снемав интернет“, „не ве слушам наставнику“ и слично. Се знае и дека за време на тестовите имаше помош „отстрана“. Во суштина, оние што сакаат да научат, вистински учат без разлика на условите. Но, за жал, тој број е сè помал. Можеби само 20% од едно одделение се посветени на ефективно учење. Факт е дека онлајн-наставата ќе остави повеќе негативни отколку позитивни последици. Учениците се емоционално паднати, социјализацијата е на ниско ниво, комуникацијата е сведена на 2-3 соученици (најчесто на телефон), а голем проблем е и манипулацијата која учениците ја развија на едно високо ниво. Последиците ќе бидат очигледни и долготрајни.

Ефектите од онлајн-наставата не се за пофалба

Моите ученици ја следеа наставата со физичко присуство, само повремено некои ученици беа онлајн и заеднички со родителите уочивме дека ефектите од двата типа настава се неспоредливи, односно дека многу поефективна е наставата со физичко присуство. Инаку, јас како родител на двајца ученици што следеа онлајн-настава, можам да кажам дека наставниците и професорите даваа сè од себе, навистина се трудеа максимално да ги предадат содржините, но едноставно еден ученик не може 6 или 7 часа да гледа во монитор, да слуша глас како да слуша вести и да прима толку многу сервирани информации без интеракција, нормална двонасочна комуникација и комуникација со поглед. Затоа, сметам дека ефектите од овој тип настава не се многу за пофалба.



912

X