Паметните телефони се виновни за многу лоши работи – сообраќајни несреќи, проблеми со спиењето, проблеми во врските, недостиг на емпатија, лошо влијание врз самодовербата… Всушност, полесно е да се направи листа со лошите работи што ги донеле отколку листа со добрите. И без разлика на тоа, можеби најголемиот проблем што ни го донесоа паметните телефони останува и натаму недоволно запазен и потценет. Тој проблем вклучува детски развој, но не она што мислите.

Не, не се работи за претерана и прерана употреба на екраните кај децата. Повеќето од децата се опседнати со екраните, но би требало да се грижиме за родителите кои целосно се исклучуваат кога се насочени на паметните телефони.

Тоа што ја изнесуваме темата за претерана употреба на телефони кај возрасните никако не значи дека се намалува значењето на последиците од прекумерното гледање во екраните кај децата и оштетувањата кон кои тоа доведува. Никој со здрав разум всушност не може да го доведе во прашање штетното влијание од гледањето во екран кај децата, ако тој престој пред екраните трае подолго од оној на отворено. Бидејќи, секоја минута помината покрај некој уред е минута која не е помината во активно истражување на светот и комуникација со луѓе. И сигурно сте прочитале досега десетици текстови што се занимаваат со изложување на децата пред екраните, а веројатно ниту еден кој зборува за проблемот на родителите кои се закотвени за своите телефони. Тие, со тоа, на сите им е јасно, не си нанесуваат штета само на себе, туку и на своите деца, кои за родителското внимание мора да се борат со тие мали екрани.

За да го разберете значењето на директната комуникација со своите деца и тоа колку штета им нанесува поделеното внимание, ви ги претставуваме резултатите од 3 експерименти кои го докажуваат она за што зборуваме.

Мандарински јазик

9-месечни бебиња се поделени во 2 групи. Едната група поминала неколку часа слушајќи мандарински во директна жива комуникација и потоа биле во состојба да изолираат одредени фонетски елементи во јазикот, за разлика од другите групи бебиња кои истата инструкција и разговор ги слушале преку екран. Всушност, има сè повеќе студии кои докажуваат дека директниот разговор има немерливо значење. Јазикот е всушност најсигурниот начин да ги предвидиме достигнувањата на детето во идното образование, а клуч за добро развиени јазични вештини се секојдневните разговори помеѓу децата и возрасните, кои се всушност чести.

Во ресторан

На почетокот од минатата деценија истражувачите во Бостон набљудувале 55 родители/старатели во ресторани со деца. Од тие 55, 40 поголемиот дел од времето го поминувале гледајќи во својот телефон, некои од нив целосно ги игнорирале децата. Очекувано, многу деца почнале да го бараат вниманието и повторно наишле на игнорирање.

Учење зборови

38 мајки биле воведени во една соба со своите 2-годишни деца. На мајките им е кажано да ги научат своите деца 2 нови збора и на секоја од нив ѝ е даден телефон за истражувачите да можат да ги контактираат од другата соба. Децата на оние мајки што истражувачите ги прекинувале неколку пати не успеале да ги научат зборовите, за разлика од децата што не биле прекинувани со повици. А најголемата иронија на ова истражување е тоа што морале да исклучат 7 мајки од анализата бидејќи не одговарале на повиците. Браво за овие мајки!

Заклучок

Повремениот недостиг на внимание од страна на родителите нема катастрофални последици, туку кај децата може да изгради истрајност и отпорност. Но, хроничниот недостиг е нешто друго. А употребата на паметни телефони ги доведува многу семејства токму во оваа ситуација: родителите кои се зависни од телефони стануваат лути кога детето ќе ги прекине. Тие не само што ги пропуштаат важните сигнали за недостиг на внимание што детето им ги испраќа, туку и погрешно ги толкуваат – како разгаленост и невоспитаност. Поради тоа се лутат, верувајќи дека детето се обидува да манипулира, додека всушност само бара родителот да покаже дека е тука и дека го гледа и слуша.

Никогаш нема да знаеме колку нашите деца страдале тогаш кога ние не сме биле тука за нив, бидејќи сме морале да ја погледнеме уште таа една е-порака, уште тоа едно известување

Решавањето на овој проблем нема да биде лесно. Особено кога се зема предвид дека секоја година расте бројот на деца најголемиот дел од својот ден го поминуваат во институции, од градинка до училиште, каде што повторно немаат доволно можности да комуницираат, туку од нив се бара да прифатат еднонасочна комуникација, да молчат и да слушаат. Во такво опкружување децата имаат малку или воопшто немаат можност за спонтана комуникација со возрасните. Сепак, зад сето тоа се крие една добра работа – децата се програмирани да бараат начин од возрасните да го добијат она што им треба. Тие упорно ќе го бараат нивното внимание, а ако ние упорно не сакаме да го промениме своето однесување, тие ќе се обидат да го направат тоа наместо нас. Очекувајте многу, многу повеќе од изливи на бес кога денешните мали деца ќе тргнат на училиште.

Но, на крајот, ако бидете доволно упорни во игнорирањето на нивните повици да комуницирате, децата веројатно ќе се откажат.

За танго се потребни двајца, а студиите од романско сиропиталиште покажале дека постојат граници за тоа што може детскиот мозок ако нема некој да го поттикне. А вистината е дека ние всушност никогаш нема да знаеме колку нашите деца страдале тогаш кога ние не сме биле тука за нив, бидејќи сме морале да ја погледнеме уште таа една е-порака, уште тоа едно известување и тој уште еден „скрол“ на социјалните мрежи…

Автор: А. Цвјетиќ

Извор



912

X