„Откако коронавирусот нè затвори дома со моите синови, и двајцата основци, никогаш не отидоа на спиење пред полноќ. Се мачам со тоа како да ги натерам, а тие ми велат дека не можат да заспијат и остануваат будни до два часот наутро. Во контакт сум и со другите родители на нивните врсници и многумина го имаат истиот проблем“, истакнала една мајка.
Експертите велат дека тоа не е изненадување со оглед на изненадувачката промена на рутината, одвоеноста од пријателите и учителите, па тоа кај децата може да предизвика анксиозност, страв и тага. Децата сакаат нивните родители да бидат постојано со нив, а сето тоа влијае и врз проблеми со сонот. Истовремено, познато е дека токму спиењето е важен фактор за регулација на однесувањето и емоциите, па задача на родителите е без разлика на новонастанатите околности, во кои и самите тешко се снаоѓаат, да бидат доследни во поставувањето на границите.
– Улогата на родителите во овие променети околности всушност не се променила. Често кога гледаме дека на децата им е тешко, дека се тажни и слично, ние ги штедиме и ги попуштаме границите и правилата. Тоа на децата им е дополнителен показател дека нешто навистина не е во ред, бидејќи родителите веќе не се толку строги како што биле. Забораваме дека границите се важни за децата бидејќи им даваат ориентација и чувство на сигурност, колку и да им се спротивставуваме. Важно е на децата да им се врати одредената рутина, распоредот, обврските на дневна основа и слично – истакнува психологот Сунчана Роквиќ од Загреб, Хрватска. На родителите им се препорачува да се придржуваат до утврдениот ритам. Децата би требало наутро да се будат во вообичаено време, по можност што порано. Помага и кога дома имаат издвоено простор за работа, односно за учење, па одреден дел од времето може да го поминуваат во своето катче и да се занимаваат со учење.
– Важно е да имаат и време за одмор и опуштање, контакт со пријателите, разонода и семејно дружење – вели Роквиќ и препорачува и секојдневно вежбање.
Како што е важно децата да се будат наутро во исто време, важно е и на спиење да одат во исто време и тоа без мобилен телефон или други екрани, бидејќи токму активности на платформите од социјалните медиуми како Фејсбук, Инстаграм и Јутјуб се едни до причините зошто децата одат подоцна на спиење и подоцна се будат. На прашањето како да се излезе нормален од „новото нормално“ и што ако ситуацијата потрае и следната учебна година, Роквиќ вели:
– Ние, луѓето, сме многу приспособливи суштества. Се навикнуваме на сето она што животот ни го носи и тоа ни станува вообичаено. Важно е да се набљудуваме себеси и своите деца и отворено да разговараме за промените низ кои поминуваме и емоциите што ги чувствуваме.
Треба да се разговара и за животните приоритети, па не би било лошо заеднички да ги наредите, можеби на некој различен, нов начин, во согласност со проживеаните искуства. „Постои концепт кој се нарекува посттрауматски раст“, вели таа.
Истражувањата покажуваат дека до него се доаѓа кога сме во тежок животен период, не нужно трауматско искуство, кога сме имале доволно поддршка од околината и самоподдршка, разбирање на себеси и грижа за себеси. Кога го асимилираме проживеаното искуство и кога ќе го согледаме од некоја друга перспектива, се отвора опцијата дека од него развиваме некои други, нови вештини и квалитети, па различно го перцепираме животот и поставуваме некои нови приоритети, заклучува психологот Роквиќ.
Клиниката за психијатрија „Врапче“ од Загреб, Хрватска, на својата веб-страница објавила „Практични насоки за нарушување во спиењето во текот на епидемијата со Ковид-19“. Во насоките има и посебни препораки за жени и деца врзани со спиењето:
– Придржувајте се до редовното време за спиење за своето дете/деца (или за себе).
– Последните 30 минути пред спиење исполнете ги со редовна рутина која вклучува активности за смирување. Изберете активности во кои не ужива само детето, туку и вие. Среќен родител е оној чие дете најмногу ужива. Редоследот и траењето на активностите нека бидат слични секоја вечер.
– Избегнувајте технолошки уреди (компјутер, паметни телефони, ТВ) по вечерата или приближно пред одење на спиење.
– Не дозволувајте им на децата да користат паметни телефони, таблети во креветот.
– Ако просторот во домаќинството ви го дозволува тоа, обидете се да избегнете децата да го користат својот кревет за други активности освен за спиење (на пример: јадење, играње, домашна задача) или треба јасно да се разграничи дневната употреба на креветот и ноќната употреба на креветот (на пример: промена на навлаки, перници за спиење и перници за дневни активности).
– Ако можете да излезете, најдобро е да излезете наутро и да појадувате на некое место каде што има силна светлина, ако е можно градина или балкон.
– Ако не можете да излезете, сепак, водете сметка за телесните активности на вашето дете. Голема количина на креативни онлајн-програми за спорт дома со децата е воспоставена во многу земји. Тоа може да биде многу корисно. Детската соба нека биде пријатна за спиење (температура околу 19 Целзиусови степени и придушено светло ноќе).
– Уверете ги децата дека држењето до распоредот и рутината помага тие добро да спијат и да управуваат со своите емоции.
– Во случај на тешкотии при спиењето, утешете ги децата во текот на ноќта.
– Не спијте во ист кревет со детето.