Децата и младите поминуваат премногу време пред екраните на мобилните телефони, што лошо се одразува врз нивната благосостојба и психичка состојба.
На прашањето колку време децата треба да поминуваат пред екраните во текот на денот, одговорот на сите експерти е горе-долу ист – колку помалку, толку подобро.
Досега се спроведени многубројни истражувања за негативното влијание на екраните врз децата, нивното однесување и психичка состојба, а најновото такво истражување, спроведено од научници од Данска, покажа дека драстичното намалување на времето поминато пред екраните може значително да ја подобри менталната состојба и однесувањето на младите луѓе – и тоа за релативно кратко време.
Истражувањето било спроведено во 89 семејства и 181 дете на возраст од 4 до 17 години.
Во просек, според податоците од истражувањето, децата поминуваат по седум до осум часа дневно пред екраните, најмногу за забава. Во текот на истражувањето ова време е намалено на само три часа неделно, а резултатите биле видливи по две недели. Според родителите, напредокот бил значаен, најмногу во нивното општо однесување и емоционалната благосостојба. Како што го намалувале времето пред екранот, децата биле поспособни да ги изразат и обработуваат своите емоции и да ги обработуваат реакциите на емоции и стрес, како и значително да ги подобрат своите социјални интеракции.
Ваквите резултати не се изненадување бидејќи педијатрите, психолозите и многу други експерти постојано предупредуваат на опасностите од екраните и зависноста што децата можат да ја стекнат од нив. Иако на родителите често им е полесно да му дадат телефон или таблет на своето дете и на тој начин да си „купат“ слободно време за себе или за приготвување ручек и слично, не му прават услуга ниту на детето ниту себеси на долг рок затоа што би можеле да има големи проблеми подоцна.
Колку мобилните уреди негативно влијаат на децата, доволно е да се направи тест сличен на оној што бил применет во текот на истражувањето. Ако вашето дете поминува многу време пред екран, значително ограничете го времето што го поминува на видеоигри, социјални мрежи и слично, а напредокот во неговото однесување треба да биде брзо видлив. Според ова истражување, за детето изгледа идеално да поминува три часа неделно на мобилен телефон, но, секако, прашање е колку е можно, особено кога станува збор за тинејџерите.
Она што е особено важно и нагласено во ова истражување е да се забранат мобилните уреди за бебиња и деца до најмалку три години. Имено, поради прекумерната изложеност на екраните, децата може да имаат проблеми со развојот, кој во споредба со врсниците кои не поминуваат време со мобилните телефони в рака, би можел да доцни.
912