Аутизмот е нешто со кое се бориме сè повеќе и често забележуваме дека ова нарушување станува сè позастапено околу нас. Неизбежно е бројките да растат, но најновите податоци презентирани од американските Центри за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) дополнително изненадија. Според нивните записи, кај едно од 31 дете во Соединетите Американски Држави е дијагностицирано нарушување од аутистичниот спектар (АСД) до осумгодишна возраст.
Овие бројки покажуваат дека ова е значително поголемо во споредба со претходните години. На пример, во 2016 година бројките покажаа дека кај едно од 54 деца е дијагностициран аутизам, а на почетокот на векот, во 2000 година, тие бројки беа далеку пониски – кај едно од 150 деца беше дијагностициран аутизам до осумгодишна возраст. Иако ова изгледа како драматично зголемување, експертите нагласуваат дека ова зголемување не значи дека повеќе деца „добиваат“ аутизам, туку дека дијагностичките методи се значително подобрени, а свеста кај родителите и професионалците значително се зголемила, и затоа – се дијагностицира почесто.
Зошто бројките стануваат повисоки?
Закари Ворен, еден од авторите на извештајот на ЦДЦ и извршен директор на Институтот за истражување и третман на аутизам при Универзитетот „Вандербилт“, вели дека најважната причина за зголемувањето на дијагнозите е подоброто препознавање на симптомите.
-Неверојатно е колку е чест аутизмот денес. Станавме исклучително ефикасни во идентификувањето и следењето на ова развојно нарушување – вели Ворен.
Д-р Алекс Колевзон, детски и адолесцентен психијатар во Њујорк, нагласи дека родителите не треба да паничат.
-Не е епидемија. Повеќе деца се дијагностицираат затоа што знаеме повеќе – и тоа е добра работа – истакнува тој.
Што друго е познато за аутизмот?
Истражувањето на кое се темели извештајот е спроведено на 16 локации во САД, тестирајќи деца на возраст од 8 години, а анализирани се и деца на возраст од 4 години. Во таа возрасна група соодносот бил 1 на 34. Исто така, интересно е што кај момчињата аутизмот бил дијагностициран три пати почесто отколку кај девојчињата, а дијагнозите биле нешто почести кај црната и латиноамериканската популација, што е исто така поврзано со подобар пристап до здравствена заштита и информации.

Што предизвикува аутизам?
Тоа е прашање на кое сè уште не е пронајден едноставен одговор. Експертите веруваат дека не постои една единствена причина, туку повеќе генетски и невролошки фактори кои заедно влијаат врз развојот на аутизмот. Иако теориите за врската помеѓу вакцините и аутизмот продолжуваат повремено да се појавуваат во јавноста, научната заедница е јасна – таква врска не постои.
-Вакцините не предизвикуваат аутизам. Ова е потврдено преку многу студии на различни континенти – нагласува д-р Колевзон.
Што можат да направат родителите?
Најважно е да го следите развојот на вашето дете и да реагирате ако забележите дека не се развива во согласност со очекуваните развојни фази. Раната интервенција може да направи голема разлика. Доколку се појават какви било сомнежи, секогаш е добра идеја да се консултирате со педијатар – денес, експертите се подобро опремени да ги препознаат раните знаци на аутизам, а поддршката е сè подостапна.