Нова Гвинеја е остров што се наоѓа северно од Австралија, познат по огромната разновидност на јазици и култури. Поради непристапниот релјеф кој придонел кон тоа и соседните племиња понекогаш да живеат без меѓусебен контакт со генерации, на Нова Гвинеја се развиле голем број локални обичаи и традиции во врска со бременоста и породувањето.

На Нова Гвинеја постојат неколку митови за зачнувањето. Народот Хуа смета дека до бременост доаѓа кога менструалната крв на жената ќе се помеша со машкото семе. За да му се обезбеди  целосен развој на детето во утробата, трудницата мора редовно да одржува сексуални односи, бидејќи се верува дека е потребно да се обезбеди многу семе за да се создаде цело бебе. Слични се сфаќањата и кај народите Вајпеј и Куман, кои мислат дека доколку матката не се наполни со семе, детето ќе биде родено со недостатоци. Преку секој сексуален чин мажот на жената ѝ предава дел од идното дете, сè додека трансферот не биде комплетен.

Жителите на островот Тробријанд, од друга страна, не ја уочуваат врската помеѓу сексуалните односи и зачетокот.  Според нивната легенда, бременоста настанува така што душата на починатото дете влегува во матката на жената каде што се меша со менструалната крв. Таткото на детето во ова видување на зачетокот практично не постои, туку таа улога ја презема, според обичајот, мажот со кој мајката е во брак. Детето родено надвор од бракот, сосема логично, воопшто нема татко. Ова верување всушност им дозволувало голема сексуална слобода на жените, кои никогаш заради бременост не можеле да бидат фатени во прељуба. Мажот кој би се вратил од повеќегодишно отсуство и би ја затекнал жената со бебе или во бременост никогаш не би се посомневал во своето татковство, ниту во верноста на жената. Бидејќи нема последични врски помеѓу односот и зачетокот, нема ниту причина да се помисли дека бременоста е од врска со друг маж.

Според верувањата во Нова Гвинеја, неплодноста на жените се толкувала како одмазда – заштитничка сила на оние што семејството на неплодната жена ги навредило во минатото. Доколку жената сака да спречи зачнување, таа џвака различни лисја и корени кои, според верувањето, имаат контрацептивно дејство. Тоа најчесто се применува кога жената веќе има мало дете или повеќе деца отколку што може да нахрани. Доколку сепак забремени, таа се обидува да ја прекине бременоста така што трие коприва на стомакот чиј хемиски состав предизвикува силна реакција.

Кога жената првпат ќе забремени, роднините од свекрвата ѝ подготвуваат одредени церемонијални подароци, меѓу кои е најважна трудничката наметка, во периодот пред и по породувањето. По 5 месеци од зачнувањето трудницата почнува да избегнува некој вид храна. Таа го избегнува овошјето кавајлуа за детето да не се роди со преголем стомак. Според традицијата, таа не смее да јаде ни риби кои живеат во шуплините на коралските гребени поради фактот дека таквите риби е тешко да се извлечат од нивните тунели, што по аналогија ќе влијае лошо врз исходот од породувањето, бидејќи ќе биде тешко да се извлече бебето од стомакот. На трудниците исто така не им се препорачуваат ниту банани ниту риби со боцки.

Во напреднатата бременост сексуалните односи се забранети, за „половиот орган на мажот да не му наштети на бебето“. Кога трудницата ќе влезе во 7. или 8. месец, во некои општества постои обичај таа да го напушти мажот и да оди да се породи кај родителите. Овој обичај се темели на верувањето дека на породувањето ќе бидат присутни опасни зли сили, а единствено родителите ќе бидат во состојба да ја заштитат трудницата од нив. Колибата во која таа го чека денот на породувањето ја чуваат мажот и роднините вооружени со копја за да ги спречат злонамерниците да ѝ наштетат. Во краевите каде што трудницата не оди кај родителите да се породи, таа сепак го напушта својот дом и преминува во посебна колиба која ја прави мажот.

Кога ќе почне породувањето, таткото и сите мажи во куќата мора да си одат. Трудницата клекнува над малечко запалено огниште за под дејство на огнот „крвта да ѝ стане течна“. Потоа се поставува простирка на која би требало да падне бебето. Сестрата и другите жени ѝ помагаат, така што ѝ го потпираат грбот и ѝ ги придржуваат колената. Вообичаено е да присуствуваат и деца, па така таму не им се објаснува на децата од каде доаѓаат бебињата. Ако дојде до компликации, жителите на Нова Гвинеја ги припишуваат на злобните сили наречени „ватула бам“. Злите сили, според верувањето, ја стегаат жената толку силно што бебето не може да излезе. Во тој случај се повикува врач кој знае да изговори посебна молитва за извлекување, а како помошно средство користи масажа со листови од лековити растенија. Интересен е методот со кој се решава проблемот на плацентата која не излегува – бабицата врзува камен за крајот од папочната врвца, а од трудницата се бара да стане. На крајот папочната врвца и плацентата се закопуваат во градината на домаќинството, за детето да стане „добар градинар“. Но, во некои групи во Нова Гвинеја со плацентата се постапува поинаку – таа се подготвува и родилката ја консумира, па, можеби поради нејзиниот хемиски состав, тоа помага во спречување на постпородилната депресија.

Првите месеци мајката и детето престојуваат во изолирана колиба, со запален оган, кој се смета дека има заштитничко и прочистувачко дејство врз родилката и бебето. Нивното прво излегување во селото се обележува со малечки подароци кои ги добиваат од другите жители, а таткото на детето подготвува гозба од свинско месо и банани. Овој оброк го благословува жена-врач, а потоа им се нуди на родилката и на гостите. За време на изолацијата жената и мажот може да зборуваат само преку вратата. Никако не смеат да јадат заедно, а сексуалниот однос е забранет барем додека детето не почне да оди. Во спротивно се верува дека детето би умрело. Најчесто апстиненцијата трае додека жената не престане да дои, што обично се случува кога детето ќе наполни 2 години.

„Кувада“, односно „машка бременост“ е една од познатите карактеристики на некои групи во Нова Гвинеја. Во прашање е распространетиот обичај според кој мажот симулира бременост и породување во ритуални цели, пред сè за на себе да го сврти вниманието на секогаш присутните зли сили и така да ја заштити многу ранливата родилка со бебето. Ова е практикувано во текот на целата бременост. Штом жената открие дека е бремена, мажот се одвојува од племето за да си изгради колиба. Во текот на целата бременост останува изолиран од другите мажи во селото. Во некои краеви тој дури привремено зема женско име. Се придржува до табуата, односно забрана во исхраната на ист начин како и неговата жена. Кога ќе настапи породувањето, тој глуми болки, се држи за стомак, се напнува во истата положба како трудницата. За да биде поуверливо, го трие стомакот со коприва, а стомакот му отекува. По породувањето на жената, тој исто така лежи и заздравува, примајќи честитки и нега.

Во многу делови на Нова Гвинеја првиот роденден на детето се одбележува со мала церемонија на која се изразува благодарност до сите што придонеле за доаѓањето на бебето на свет, пред сè, на родителите на мајката, кои парадоксално се доживуваат како најзаслужни.

Автор: Јована Папан

Извор



912

X